ДА НЕМА ПЛАТА ЗА КОНГРЕСМЕНИТЕ ДОДЕКА Е БЛОКИРАНА ВЛАДАТА Предлогот на сенаторот Кенеди доби подршка од Трамп

Ако не можеме да ја финансираме Владата, не ги заслужуваме нашите плати. Тоа е здрав разум за американскиот народ, но, за жал, здравиот разум е незаконски во Вашингтон, напиша сенаторот Џон Кенеди.

186

Американскиот сенатор од Луизијана, Џон Кенеди јавно му се заблагодари на претседателот Доналд Трамп за неговата поддршка на законите што ги предложи, а кои имаат цел да ја сопрат платата на членовите на Конгресот за време на тековното затворање на Владата.

Трамп претходно на својата социјална мрежа Трут соушл го пофали Кенеди и истовремено го критикуваше републикансиот сенатор од Кентаки, Ранд Пол, кој го блокираше предлогот.






„Ви благодарам, претседателе Доналд Трамп! Ако не можеме да ја финансираме Владата, не ги заслужуваме нашите плати. Тоа е здрав разум за американскиот народ, но, за жал, здравиот разум е незаконски во Вашингтон“, напиша сенаторот Кенеди.

Сенаторот Кенеди во четвртокот ги претстави „Актот за политичарите без плата за време на блокада“ и „Актот за стопирање на платата на членовите за време на затворањето“. Двата закона би ги спречиле членовите на Конгресот да земаат плата, вклучувајќи ја и задоцнетата плата, за време на застојот на Владата.

Законите на Кенеди бараат едногласна согласност во Сенатот, но наидоа на спротивставување од републиканецот Ранд Пол, кој се спротивстави со аргумент дека прво мора да им се плати на федералните службеници.

Трамп ја искористи оваа расправија за да го нападне Пол.

„Беше толку интересно вчера кога нашиот голем сенатор од Луизијана, Џон Кенеди, претстави закон во обид да се стопира платата на членовите на Конгресот, а Ранд Пол, кој никогаш не гласа за ништо, се обиде да го спречи тоа, бидејќи тој сакаше да биде платен! Со други зборови, Ранд сакаше да им плати на луѓето кои спречија владата да работи! Што се случува со Ранд?“, напиша Трамп.

Сенаторот Кенеди побара едногласна согласност за разгледување на неговите закони. Овие мерки, кои наидоа на поддршка кај американскиот народ, имаа цел да покажат дека членовите на Конгресот треба да сносат одговорност кога не успеваат да ја финансираат Владата.

Меѓутоа, Ранд Пол го блокираше овој напор, инсистирајќи дека наместо тоа, треба да се донесе закон што ќе им гарантира плата на сите активни федерални службеници.

– Мислам дека е време, наместо да ја затвораме Владата понатаму, да почнеме да ја отвораме. Она што ќе го понудам е закон кој, наместо дополнително да ја затвора Владата, почнува да им плаќа на оние кои работат. Мислам дека ова треба да стане трајна карактеристика на нашата Влада – изјави Пол во Сенатот.

Кенеди ја отфрли оваа идеја како „враќање“ на веќе неуспешен предлог, потенцирајќи дека тоа е тактички маневар што само го продолжува застојот.

Овој судир доаѓа во момент кога Трамп продолжува да врши притисок врз Сенатот да изнајде решение за блокадата на финансирањето на владата, кое трае веќе шест недели и влијае на животот на милиони Американци.

Поврзани содржини