ДА НЕ ЗАВИСИМЕ ОД НИКОЈ И ОД НИШТО, ДА БИДЕМЕ СЛОБОДНИ Изградбата на гасниот интерконектор е спасот за Македонија и за Србија

За нас е многу значајно да имаме гас и ние не се одрекуваме од ниту еден гас. Сѐ што е во корист на Србија, ние ќе го направиме тоа. Треба да го зачуваме својот дом и нашите граѓани треба да бидат задоволни. За нас е многу значаен интерконекторот со Македонија. Да не зависиме од никој, тоа е нашиот пат, изјави српскиот премиер Милош Вучевиќ на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје.

1,131

Денеска, тука во Скопје имавме значајна и искрена средба со премиерот на Република Србија, господинот Милош Вучевиќ. Нашата средба беше повеќе од формален состанок, таа беше израз на заедничката желба за подобра иднина и зацврстување на врските помеѓу нашите две земји.

Вака македонскиот премиер Христијан Мицкоски ја започна денешната заедничка прес-конференција со српскиот колега Милош Вучевиќ во Скопје.






– Во срцето на нашите разговори беше разбирањето дека споделуваме многу повеќе од заедничка граница. Многу од граѓаните на двете земји споделуваат историја, култура, семејни врски и, најважно од сè, заеднички стремежи за просперитет и мир за нашите народи. Разговаравме за начините како да ја продлабочиме економската соработка, како да ги поврземе нашите луѓе и како да создадеме можности за идните генерации кои доаѓаат. Посебно се осврнавме на културната соработка и образованието. Се согласивме дека инвестирањето во младите е инвестирање во иднината. Кога нашите млади уште повеќе ќе се поврзат, ќе учат едни од други и ќе создадат заеднички проекти, тогаш сме сигурни дека регионот ќе оди напред. Исто така, зборувавме за предизвиците со кои се соочува регионот. Во овие турбулентни времиња, неопходно е да бидеме заедно, да бидеме глас на разумот и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион. Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања – рече Мицкоски.

Во однос на нашите европски аспирации, додаде тој, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија.

– Знаеме дека патот до таму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот. Исто така можам да кажам дека зборувавме во делот на енергетското поврзување на двете земји. Посебно ја истакнавме важноста од изградбата на гасниот интерконектор којшто ги поврзува или ќе ги поврзува во иднина двете земји. Бидејќи ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, за да обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа. Овој интерконектор со нашиот северен сосед е исклучително значаен. Тоа беше еден од важните сегменти во нашите разговори. Во фаза сме да го пуштиме во употреба или продуктоводот или во јасноста познат како нафтовод којшто ја поврзува нашата земја со нашиот јужен сосед. Цениме дека тоа би било добра опција, да истиот тој продуктовод или нафтовод биде поврзан и со нашиот северен сосед и на тој начин да обезбедиме уште еден коридор. Зборувавме и за изградба на брзата пруга којашто е дел од Коридорот 10, којашто претставува стратешки приоритет на нашата Влада исто како што е и Коридорот 8. Но заеднички приоритет е изградба на Коридорот 10 и со нашиот северен и со нашиот северен сосед. И на тој начин практично ги опфативме оние теми кои што се важни, видовте и самите, присуствувавте на потпишување на Меморандум за соработка во делот на енергетиката, рударството и минералните суровини. Така што можам да кажам дека регионалното поврзување останува приоритет за двете држави и тоа регионално поврзување да биде дел од идното поврзување и интегрирање во рамките на Европската Унија – порача Мицкоски.

Исто така, додаде тој, ја отворивме темата за одржување на заеднички влади, нешто кое што го правиме вообичаено со владини седници, истото што го правиме и со другите наши соседи.

– Така што мислам дека односите помеѓу двете земји се на исклучително високо ниво и во периодот кој што следи истите треба да ги продлабочуваме. Како македонска Влада нашата ориентација е многу пати повторена, ќе ја повторам и денеска, а тоа е да градиме добрососедски односи со сите наши соседи и нормално заеднички како регион да бидеме дел од Европска Унија – изјави македонскиот премиер.

Вучевиќ изјави дека е среќен поради тоа што неговата земја добива уште една линија за снабдување со природен гас.

– Енергетиката доминираше на нашиот состанок, а и македонскиот премиер, исто како и нас, е загрижен за енергетската самостојност. Мораме да се синхронизира целиот Балкан, нѐчека многу работа. Ние веруваме во заедничка европска иднина за целиот регион. Ние веруваме во заедничка европска судбина и приказна за целиот регион на Западен Балкан – рече премиерот на Србија и додаде дека тој и неговиот колега од Македонија денеска отвориле бројни теми, но дека доминирала темата енергетика.

Ќе разговараме и за изградбата на нафтоводот, додаде тој.

– Факт е дека нашите две земји трошат многу струја и треба да се стремиме кон декарбонизација без да ја загрозиме енергетската стабилност, не само за нашите две земји туку и за регионот. На овој начин ќе им обезбедиме стабилност и на стопанствата и на домаќинствата на двете држави – додаде Вучевиќ.

Двајцата премиери разговарале и за брзата пруга од Коридорот 10, која претставува стратешки приоритет како и Коридорот 8.

– За нас е важна одлуката на македонската Влада за Коридорот 10, како стратешки правец за железничкиот транспорт, што е единствена прилика заедно со европските партнери да се поврземе од Виена до Атина, полесно ќе се поврземе со грчките пристаништа. Ова е природен пат меѓу Азија до Европа, а патот ќе оди преку Македонија и Србија, што ќе обезбеди подобар карго и патнички транспорт – рече српскиот премиер Вучевиќ.

Тој рече дека Македонија ѝ е пријателска соседна земја на Србија и му понуди на својот македонски колега почесто да прават заеднички владини седници, а предложи следната заедничка владина седница да се случи до крајот на годинава во Србија.

– За нас е многу значајно да имаме гас и ние не се одрекуваме од ниту еден гас. Сѐ што е во корист на Србија, ние ќе го направиме тоа. Треба да го зачуваме својот дом и нашите граѓани треба да бидат задоволни. За нас е многу значаен интерконекторот со Македонија. Да не зависиме од никој, тоа е нашиот пат – истакна Вучевиќ.

Двајцата премиери претходно потпишаа Меморандум за соработка меѓу македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и српското Министерство за рударство и енергетика.

Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот Христијан Мицкоски  посочи дека и Србија, исто како и Македонија, се соочува со масовно иселување на младите, а како што додаде, за овој проблем ќе биде изнајдено решение.

– Со српскиот колега Вучевиќ се согласивме дека младите се приоритет и на двете влади. И тука не треба да имаме дилема. Светот останува на младите. Сите овие проекти за коишто зборувавме се влог за иднината на младите, да се обезбедат можности за тие да останат во своите земји, а тие коишто заминаа да се вратат дома. Буквално сите студенти кај нас ќе добијат ваучер од 250 евра со кој ќе можат да купат електронски уред со којшто ќе бидат во ситуација да се вмрежуваат со своите колеги од регионот и во светот. Тоа е помош за младите, а во новиот Буџет ќе обезбедиме 10 милиони евра за млади до 29 години кои ќе можат да добијат грант за бизнис до 30.000 евра. Парите нема да ги трошиме за тренирање магариња, ниту за рацепти за правење пица – рече Мицкоски.

Поврзани содржини