ДА НЕ ЗАБОРАВИМЕ ШТО НИ ОСТАВИ КОНЕСКИ Пендаровски од Небрегово

Тој беше човек на кој не му требаа почести. Неговата големина дополнително беше нагласена со неговата скромност и личниот аскетски профил. Во наследство ни ги остави – мислите, зборот, емоциите, духовноста и јазикот, без да побара надомест, вели Пендаровски.

366

Во време кога сите наши потпорни точки се сериозно предизвикани, во време кога се соочуваме со страдање и смрт на глобално ниво, во време кога пандемијата не дистанцираше од другите, често и од самите себеси, нужно е да ја нагласиме важноста на вредносните котви кои ни даваат стабилност во нестабилново опкружување. Една од нашите заеднички вредносни котви е, секако, она што зад себе како животно дело го остави Блаже Конески, филолог, лингвист, визионер.

Ова го истакна, меѓу другото претседателот, Стево Пендаровски пред родната куќа на великанот Блаже Конески во Небрегово. Со денешниот ден посветен на Конески се заокружуваат Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ од Скопје. Покровител е претседателот Пендаровски.






Според претседателот Пендаровски, Конески опстојува како заштитник на нашата модерност – јазична, мисловна, книжевна, образовна и институционална.

– Тивок човек, кој со својата посветеност, одговорност, работливост и смиреност, треба да ни биде модел за нашето сегашно и идно дејствување во промоција на заедничката кауза. Токму затоа личноста која е парадигма за нашата национална еманципација и прогресивност треба да ја чествуваме постојано, не само јубилејно. Тој беше човек на кој не му требаа почести. Неговата големина дополнително беше нагласена со неговата скромност и личниот аскетски профил. Во наследство ни ги остави – мислите, зборот, емоциите, духовноста и јазикот, без да побара надомест. Имено затоа, кај нас лежи одговорноста да не го заборавиме она што Конески ни го остави како културно наследство бидејќи низ неговото дело, всушност, се надѕираат сите слоеви на нашата култура – рече Пендаровски.

Поврзани содржини