ДА НЕ СЕ СНИМААТ ИЛИ ФОТОГРАФИРААТ ПАЦИЕНТИТЕ ПОВРЕДЕНИ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ Не треба да се нарушува процесот на нивна рехабилитација, бара Министерството за здравство
Првата група од 45 лица кои се повредени во трагичниот настан во Кочани ја заврши првата фаза од нивната рехабилитација во одморалиштето на МВР на планинскиот центар Пониква. На почеток на следната недела ќе пристигне нова група, која ќе добие двонеделна медицинска нега и физикална терапија, информира Министерството за здравство.
„Со цел да се овозможат оптимални услови за овој процес на рехабилитација, Министерството за здравство апелира до средствата за јавно информирање, согласно специфичниот контекст, да продолжат да ја следат ситуацијата со особена внимателност, професионална етика и човечка солидарност во известувањето за лицата кои се повредени во трагичниот настан во Кочани.
Според проценките на здравствените работници, секое нарушување на нивната приватност или инвазивен медиумски пристап може да предизвика дополнителни трауми и да го отежни процесот на нивното рехабилитирање“, се наведува во соопштението.
Во тој контекст, Министерството за здравство повикува на следното:
· Како основно човеково право да се почитува правото на приватност на повредените лица и нивните семејства.
· Да не се нарушуваат процесите на рехабилитација кои се спроведуваат од страна на стручни медицински тимови во Пониква и Општата болница во Кочани.
· Да не се снимаат или фотографираат лица кои ги посетуваат или се дел од рехабилитациските сесии во периодот додека се во одморалиштето на Пониква или во Општата болница во Кочани со цел да се зачува достоинството и мирот на оваа заедница. Воедно, да не се бараат и земаат изјави во пишан, видео или аудио формат од истите лица за време на нивниот процес на рехабилитација во претходно-наведените објекти.