„ДА НЕ СЕ ПРОЕКТИТЕ НА СДСМ, МИЦКОСКИ НЕМА НИ КАДЕ ДА СЕ СЛИКА“ Филипче уверен дека ВМРО-ДПМНЕ само сечеле ленти на инвестициите на СДСМ
Прашањето е едноставно - може ли Мицкоски да наброи две целосно свои инвестиции? Единственото со што се пофалија беа проекти што СДСМ ги донесе до 98%, 99% реализација, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на граѓанска трибина во Кисела Вода.
За 4 години локална власт и година и пол централна власт, ВМРО-ДПМНЕ нема ниту една своја инвестиција, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на граѓанска трибина во Кисела Вода.
– Гледам дека Мицкоски сака да кажува басни на митинзите. А зошто раскажува басни? Затоа што тој нема што друго да каже. Четири години ја имаа речиси целата локална власт, и година и пол централната власт – рече Филипче.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се фалеле со инвестициите на СДСМ и отворале патишта кои беа веќе завршени.
– Прашањето е едноставно – може ли Мицкоски да наброи две целосно свои инвестиции? Единственото со што се пофалија беа проекти што СДСМ ги донесе до 98%, 99% реализација. Тие само ја сечеа лентата. Отвораа странски инвестиции по трет, четврти пат. Во Штип одеа по 3 пати во фабриките, ни кажуваат работниците се смееле. Отвораат улици и патишта што веќе беа завршени. Да не се проектите на СДСМ, Мицкоски нема ни каде да се слика – рече Филипче.
Со ВМРО-ДПМНЕ на власт економијата е на колена, додаде.
– Ова е реалноста. Ова е сликата за ВМРО-ДПМНЕ и нивната власт. Лажат, манипулираат и трошат пари за себе. А граѓаните остануваат без иднина – порача Филипче.
Тој го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да преземе одговорност ако, како што вели, навистина е против корупцијата и криминалот во државата.
– Гледам дека Мицкоски вели дека корумпираните политичари требало да се испратат во историјата. Пазете тој бил криминалофоб. Се плашел од криминалот. Да не беше смешно, ќе беше трагично. Еве му шанса на Мицкоски да се послуша самиот себеси и нека се отстрани од политиката. И тој, и неговите соработници – рече Филипче.
Филипче потсети дека токму партијата предводена од Мицкоски има најголем број кривични пријави, а зградата на ВМРО-ДПМНЕ е изградена со народни пари.
– Замислете, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, најбогатата политичка партија во Европа, со седиште од 8 милиони евра, изградено со пари на граѓаните од даноци, бил против криминалот. Мицкоски седи на столче во партијата кое е од криминал купено, ама тој е против криминалот – рече Филипче.
Кога ВМРО-ДПМНЕ зборува за криминал треба прво да си погледне во своите редови, додаде.
– Сите скандали за криминал, тендери по општините, во министерствата кои ги објавивме не ги признаа. Затоа кога зборуваат дека ќе апселе по изборите, никого не може да заплашуваат – рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Кандидатот за градоначалник на Кисела Вода од СДСМ, Горан Трајковски рече дека во последните 4 години општината не виде развој и перспектива.
– Видовме само илузии, празни ветувања и 3Д спотови без ниту една закована шајка – рече Трајковски.
Трајковски рече дека реалноста во општината е резултат на тотална неспособност на актуелното раководство.
– Орце Ѓорѓиевски не беше градоначалник. Тој беше администратор на лаги. Ветуваше технолошки зони во Драчево и Чупријан, а не донесе ниту еден инвеститор. Ветуваше модерна инфраструктура, а улиците денес се распаѓаат. Ветуваше трим патеки, монтажни гаражи, мото-крос патеки, нова поликлиника, базен и рекреативен центар, а не направи буквално ништо. Наместо чиста, еколошка општина, остави запуштени плоштади и депонии. И сега истиот човек бара поддршка да го води Скопје! Тоа не е визија. Тоа е навреда на секој граѓанин што чекаше 4години, а не доби ништо – порача Трајковски од трибината во Кисела Вода.
Трајковски рече дека во неговата програма во фокусот се младите и децата.
– Ќе обезбедиме бесплатна партиципација за сите деца во градинките, 70% субвенциониран оброк за сите ученици, реновирање на сите градинки и училишта – нагласи Трајковски.
Тој најави праведен и хуман урбанизам, достапна инфраструктура во сите населби и маала, без разлика дали се работи за Пинтија, Драчево или за Усје.
– Ќе има канализација, водовод и осветлување во секое маало. Парковите ќе ги обновиме, запуштените скверови ќе ги раззелениме, а јавниот превоз за пензионери и за самохрани родители ќе биде бесплатен – истакна Трајковски.