Да има(в)ме неколку како Леа Торп
Да имавме неколкумина кои мислат со своја глава а не со поданичките кефалоподи на Заев, Ковачевски, Шеќеринска, Пендаровски…, веројатно и преговарачката фаза со онаа еу (малите букви се… знаете веќе што!) ќе беше полесна? Или барем ќе ја немаше во ваква форма?
Ако на ваквиот наслов му е можеби потребен дообјаснувачки поднаслов, тогаш тоа може да биде: дали Европа за нас престана да постои? И тоа дефинитивно е дилема наметната после сите случувања со стапувањето на власт на новата коалиција. Иако тие не ја наметнуваат како таква. Ја диригираат други, токму оние разрешени контрабанди барајќи за тоа алиби во некои постапки на новата власт. Коишто, патем, да се појавеа, макар и случајно, во празните глави на оние „прогресивци“ пред седум години, или барем пред четири, нештата сега ќе изгледаа поинаку!
Или, да се вратам на насловот: да имавме тогаш неколкумина – мажи и жени – како Леа Торп, која му влепи онаков цивилизациски шамар на оној смешен Чарлс (па и на целото умислено Обединето кралство, by the way), можеби и кај нас нештата ќе беа поинакви? Да имавме неколкумина кои мислат со своја глава а не со поданичките кефалоподи на Заев, Ковачевски, Шеќеринска, Пендаровски…, веројатно и преговарачката фаза со онаа еу (малите букви се… знаете веќе што!) ќе беше полесна? Или барем ќе ја немаше во ваква форма?
Зашто, да ги имавме тие неколкумина, па нека е и еден/една кој(а) јавно ќе свикаше на меѓународната сцена дека нам не ни треба „кралица“ како еу или онаква „тетка Урсула“, дека баш и немаме намера да водиме јалови дискусии со манијакални типови преку источната граница кои намислиле дека сега се нивните „пет минути“ и дека ни се прекуглава и оние господари, кралеви и кралици низ историјата, не пак да повикуваме нови…, можеби тогаш ќе имавме поинаква „преговарачка рамка“? Па и да немавме, барем не ќе ја имавме ни оваа. Бидејќи ние одамна сме Абориџините на Европа, нели?!
Бидејќи ароганцијата и силеџиството на оној анахрон и крајно неморален „технофеудален“ дел на Европа е де факто и ретроградната оска околу којашто се врти и „борделот“ викан еу. Тоа што некои сакаат да ги гледаат овие земји – или, поправо: нивните политики – како некакви колевки и/или првенци во демократијата на стариот континент, е само уште една заблуда, или смислено подметната лага на актуелното европско мени наменето за „помалите“ земји. Инаку, тоа што јас зборот „помалите“ го ставам во наводници е само уште една моја заблуда дека во третата деценија на дваесетипрвиот век не може да има мали и големи. Но тие нас, и не само нас, токму така нѐ гледаат: како мали, безначајни, искомплексирани, сироти… поданици на нивната повеќевековна империјална надмоќ. Но сепак и – неопходни. Неопходни заради реализацијата на нивните – и само нивните! – планови и „политики“ локално, но и глобално. Па видете го само оној безобразен однос на Германија кон Србија заради литиумот!
И тој нивен став е непроменет со векови. И ништо нема да го промени, барем не во блиска иднина. Освен некои Леи Торп кои не се снебиваат да им ја плеснат вистината в лице. Можеби некој ќе посака да влече паралели со одбивањето на истата таа Леа Торп (прва Абориџинка сенатор во државата Викторија во Австралија) да положи заклетва и да се заколне на верност на тогашната британска кралица Елизабета Втора со постапката на македонската претседателка. И ќе биде во право бидејќи чувството на неправда и омаловажување се еднакви секаде во светот. Но сериозно: зошто Леа Торп би се колнела на верност на некаква британска кралица или сега на оној Чарлс, или зошто ние самите би се понижувале со она „Северна“? Или и таа Северна е – факт, како што „подучува“ еден „професор“?!
Но, сѐ уште живиот империјалистички дух на европските „китови“, на мигови проткаен со примеси на дрзок повампирен неофашизам, и понатаму ги присилува „малите“ да глумат европски шутови во ресурсни територии. Некои се согласуваат, некои не. Ако пак е точна верзијата на премиерот за ветувањата што нашине претходни слепци ги испорачувале на Брисел – а нема зошто да не му веруваме – тогаш „китовите“ ни се претставуваат и како врв не само на наивноста туку и на глупоста. Зашто да им веруваш на онакви незрели и неспособни македонски „првенци“ од минатата власт, треба да си многу, многу глуп! И не знам кој сериозно би сакал да седи во такво друштво и, како што велат, да носи „важни“ одлуки. Какви црни „важни“ одлуки. Па тие тутмаци се најдоа „затечени“ дури и од руската инвазија на Украина и си ги трескаа празните глави од ѕид за нешто што беше јасно како бел ден уште од онаа 2021 година кога, според Чомски, САД помпезно ја најавија својата политичка и воена поддршка на Украина. И уште малку порано, кога НАТО го прекрши ветувањето дадено на Горбачов за неширење кон Русија. Исто како и македонскиве токмаци од минатата власт кои не знаеа што ги чека од источната страна на границата по онаквиот „Договор“. Но и дома, се разбира!
Од друга страна, ако го слушате лелекот на „интелектуалнава“ клиентела после „разводот“ од Албанија, а особено оние јавни кукавичји „професорски“ подметнувања и лигавења за аспирациите на дел од етничкото граѓанство за раздружување внатре во државата, или она примитивно (повторно „професорско“) извртување на „тезата“ за „полирање чевли“ и некакви изолации, тогаш нема друг заклучок освен дека крајот на светот е веќе пред вратата.
Затоа и поднасловот: дали Европа за нас навистина престана да постои? Но, прво, не знам зошто никој не се ни обидува да ја прави дистинкцијата помеѓу Европа и еу? Или тоа е исто? Па и не е. Добар дел од европските држави не се членки на еу. Не сугерирам дека и ние би требало да се преселиме во тоа друштво односно да заборавиме на „стратешката“ определба, но – сепак? Поточно, ако таа „стратешка“ определба е стара три децении и никако да профуинкционира, зарем нормален човек, па и држава, не би помислил и на други опции? Или такви други опции – нема? Не би рекол. И никако не мислам на некакви „источни варијанти“, но зошто не и БРИКС ако нешто не оди…? Ако добиените услови за посакуваното членство се на границите на можното односно нормалното, ако тоа го велат и еминентни интелектуалци токму од Европа, тогаш – што?
Второ, ние со повеќето земји чланки на еу имаме безмалку одлични билатерални односи. Зошто не ги користиме? Таа Европа – а не еу – е и понатаму отворена за нас, зарем не? Или некој се сомнева? Или пак таа опција не му одговара? Зошто?
Иако прилично наликува на некаква „Недојдија“ или „terra nullius“, Македонија сепак не е некаков од Господ заборавен зафрлен остров туку е дел од таа Европа, овдешни цивилизациски корени се неразделно поврзани со неа, го сакала тоа ЕУ или не. И македонските врски со Европа односно со европските држави постоеле и ќе постојат! Повторно: зошто никој не ги користи? Ако за онаа и онаква еу македонската приказна е ставена на времен „стенд бај“ (со тенденција за целосно бришење), тоа не е случај со поединечните европски држави со коишто Македонија традиционално има(ла) добри релации. Особено во културата, на пример. Зошто ништо од тоа не се активира?