Да го баталиме ненормалното и да си го вратиме нормалното
Со една реченица, да го баталиме ненормалното, да си го вратиме нормалното. Тоа ќе го направиме само ако СДСМ и ДУИ бидат поразени со огромна разлика. Не со било каква, туку со огромна разлика. Да не може да блокира ниту еден процес на нормализација и враќањето на државата во нормала.
Во период од 7 години имаше сериозна трансформација во перцепцијата на граѓаните кон општествените случувања. Ако пред 7 години одредена случка беше скандал од сериозни размери каде уште веднаш ќе се бараше најстрога одговорност, денес тоа би било бенингно-сатирична случка која би се перцепирала како сеир.
За која народот би рекол, тоа е, личи на оваа власт и оваа држава. Ова е очигледно ситуација до којашто е дојдено како резултат на секојдневните глупости на власта. Живеењето ни стана комичен нискобуџетен филм.
Ненормалното стана нормално.
Читаме вести, дополнителен заменик министер од СДСМ пречекува пасоши на граница. Гарант си салутирале со пасошите. Пасоши, замислете, не друго, пасоши. Пасоши што ги нема и СДСМ со ДУИ ја притворија цела држава од некадарност.
Читаме вести, паднал пациент во болница во Велес, му се скршил креветот, немало кој да го крене со саати, човекот ѕвонел на број за итни случаеви во ЦУК, за да дојде некој да го крене во болницата. Пациент ѕвонел на итна помош и на број за итни случаеви затоа што во болницата никој не го слушнал и видел со саати.
Читаме, вината за 45 загинати во автобус на Беса транс, се сведе на одговорност и казна од 800.000 денари за фирмата и година и 20 МЕСЕЦИ затвор за сопственикот. Сопственик на фирма која во случајот работела надвор од прописи, криминално и контра закон. Од друга страна, уставобранители лежат стотици години во монтиран случај без ниту една жртва.
Читаме, за од следната година од септември учебници ќе има на време. Замислете, следната година ќе биле учебниците на време, откако оваа година беше истото ветување дека нема да каснат, а доцнеа скоро цела.
И така, кога го чита обичен граѓанин сето ова или слично, секој ден, наназад со месеци, со години, ненормалното станува нормално.
Кога народот ќе се побуни, прв одговор на власта е, ВМРО ли да се врати, европскиот пат е тежок ние го одиме, во Македонија има руско влијание. Тотално сулудо однесување, каде што реалните потреби на граѓаните, со одговорите на власта не соодветствуваат, а второ, ниту Европа, ниту САД, ниту Русија, ниту граѓаните, никој освен тие самите не може да им е виновен за нивната неспобност и алчност по крадење, од кои страдаат граѓаните и државата. Затоа што се ова е резултат на нивната неспособност.
Државата е заробена од лопови. Граѓаните се притворени во сопствената држава од најголемите криминалци.
Мора да го вратиме она нормалното. Мора вестите и информациите од овој тип како погоре да бидат повторно ненормални. Мора најитно да се врати владеење на правото. Наместо со правосудството да владее СДСМ обвинителска и ДУИ судска, да владеат обвинителите и судиите. МВР да биде сервис на граѓаните, а не полуга на криминалците. Сега за сега добро оди, на добар пат е Македонија, штом СДСМ и ДУИ почнуваат заткулисно да се бунат дека ВМРО повторно почнало да апси. Ако нив им смета некој службеник што земал мито на граница е уапсен, ако нека им смета. Тоа е добро за народот. Ако на СДСМ и ДУИ им смета што се уапсени цела банда дилери од струмичко, ако, добро е тоа за граѓаните. Штом сузбивање на криминал им смета, тоа значи дека на добар пат ќе се исправи државата.
Неверојатно е амбицирањето на СДСМ и ДУИ со кој образ ќе одат на избори да бараат поддршка кај нивните гласачи. Ај за ДУИ знаеме, ќе одат со шамар по образ, така ги третираат своите гласачи, кои сега верувам дека ќе им свртат грб, ама СДСМ како ќе оди да бара поддршка од тутунџиите во Пелагонија или лозарите од Тиквешијата или пак студентите што ги оставија без студентски домови и со мизерни услови за студирање. Не знам, ама со среќа нека им е, иако не е во прашање среќа, факти се во прашање.
Од друга страна, прв тест на ВМРО-ДПМНЕ решавање на проблемот со пасошите и сузбивање на криминал. Еве, се покажа како успешен, Тошковски и тимот ја работат својата работа одлично. Проблемот со пасошите се решава со темпо десетици и десетици пати побрзо од тоа што се работело претходно. Значи ,ако се сака се може.
Е, токму така ќе биде буквално со секоја област и со секоја институција со која ќе раководиме како одговорна партија на власт. Најпрво и најосновно секој да носи одговорност за тежината и работата која ја работи, а потоа влогот и капацитетот со желба и работа за решавање за проблемите.
Со една реченица, да го баталиме ненормалното, да си го вратиме нормалното. Тоа ќе го направиме само ако СДСМ и ДУИ бидат поразени со огромна разлика. Не со било каква, туку со огромна разлика. Да не може да блокира ниту еден процес на нормализација и враќањето на државата во нормала.
Кога велам да изгубат СДСМ и ДУИ, тука по дифолт мислам на победа на професорката Сиљановска. Победата на професорката е неминовна и очигледна. Де јуре има конкуренција на други кандидати, но де факто сепак нема. Јасно е дека граѓаните овој пат ја бираат нејзе. Нејзината платформа како кандидат е многу поразлична и државничка за разлика од сите останати. Затоа и ќе победи.
А потоа? Потоа демонтирање на цел криминален систем што се постави изминативе 7 години и дел што се провлекувал со децении. Без компромиси, без жалење. Кој не мислел на време каква штета нанесува некому или на државата, свесно или несвесно, ќе има време понатака да мисли под други околности.
Време е Македонија повторно да победува, време е повторно да се “караме” која област е поуспешна, време е повторно да имаме спортски шампиони во европски рамки, време е повторно да сме рамо до рамо со Европа, а не како сега на ниво со најупропастените земји.
Време е за платформа за иднината и лидерство кое носи промени!