„ДА ДИГНЕМЕ ГЛАС ПРОТИВ САМОВОЛИЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ“ Филипче повика на мобилизација на опозицијата

За помалку од една година тие донесоа несигурност, донесоа страв кај граѓаните за тоа каде се движи земјава. Должни сме како СДСМ да истапиме, да ги збиеме редовите и да излеземе силно, обединети на овие избори, рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче на вечерашната партиска трибина во Охрид.

76

Наспроти ветувањата од лидерот на владејачката партија, секој ден државата е подалеку од Европа и од демократијата, а секоја изјава на премиерот Христијан Мицкоски е нова лага, рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче на вечерашната партиска трибина во Охрид.

– Ароганција, негрижа и лажен патриотизам, поделби на граѓаните, етикетирање на оние кои се побунија против лошите политики… Правда и правна држава кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, тоа е непозната именка, апстрактна уметност. Театрални изјави без ниту еден донесен закон од реформската агенда – рече Филипче.






СДСМ е државнотворна партија со обврска пред претците да ја брани оваа држава, потенцира Филипче.

– За помалку од една година тие донесоа несигурност, донесоа страв кај граѓаните за тоа каде се движи земјава. Должни сме како СДСМ да истапиме, да ги збиеме редовите и да излеземе силно, обединети на овие избори… И сега повикот е поважен и погласен од било кога. Мораме да се бориме за нашиот дом – рече Филипче.

Тој уште истакна дека обврска на партијата е да ја врати надежта дека актуелната власт не може да прави што сака.

– Да дигнеме глас дека нема молчиме пред неправите, ароганцијата и потребите на луѓето. Не смееме да оставиме самоволие на неколкумина да биде државна политика. Не можеме да дозволиме државата да стане алатка за лични интереси… АСНОМ не ја создаде оваа држава, за некој да ја приватизира и да ја руши. Да ги руши стратешките позиции кои ги зацртавме и кои се во интерес на сите граѓани. Ако сега не излеземе и да се бориме, на секој ќе му биде уште потешко… Затоа да дигнеме глас против самоволието на ВМРО-ДПМНЕ – рече Филипче.

Според лидерот на СДСМ, владејачката партија докажала дека не знае да работи, дека нема капацитет ниту пак желба да им помогне на луѓето да живеат подобро, дека немаат храброст да да решаваат државни проблеми.

– Затоа, наша обврска е да ги спречиме. СДСМ може да го направи тоа. Потребна ни е мобилизација, единство во вербата дека можеме да се бориме за подобра Македонија. Ова не е промената што граѓаните ја очекуваа. Наша задача е да ја вратиме вербата кај луѓето дека сме тука за нив… Поделбите во опозицијата се во интерес само на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ – рече опозицискиот лидер.

 

Поврзани содржини