ДА ЈА НАДРАСНЕМЕ МАЛОДУШНОСТА И ЛЕТАРГИЈАТА Претседателката Сиљановска-Давкова го честита празникот Водици
„Сплотени да се обидеме да придонесеме за среќна и пристојна сегашност, и благословена и просперитетна иднина. Бог се јави!“ – се вели во честитката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, до членовите на Светиот архијерејски синод, монаштвото и свештенство, како и до православните верници.
„Посакувам празникот да ни донесе радост во срцето, светлина во душата и мир во умот.
Верувам дека осветувањето на македонските води ќе ни помогне да ги надраснеме малодушноста и летаргијата, и ќе нè инспирира на добродетелство и на грижа за блиските и за заедницата. Само со благост, внимание, солидарност и емпатија можеме да го разбудиме божественото во себе, покажувајќи ја вистинската човекова природа.
Свесни дека човештвото е соочено со длабока криза и со тешки искушенија, мора да почнеме да се менуваме себеси, ако сакаме да го промениме општеството. Само морални и мудри индивидуи создаваат силни заедници чии напредок и благосостојба никогаш не се на сметка на туѓата болка и страдање.
Да се радуваме што постоиме, да го цениме и да го почитуваме она што го имаме, материјалните и духовните богатства да ги споделиме со другите. Сплотени да се обидеме да придонесеме за среќна и пристојна сегашност, и благословена и просперитетна иднина. Бог се јави!“ – се вели во честитката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.