Д-р Стојанов: Од пасош на граничен премин не може да се заразите со корона, ама ова лето е најбезбедно да сте дома

1,182

Може ли од пасошот или од личната карта што ќе ги подадеме на граничен премин да се заразиме со коронавирусот? Да се оди или не на летување во земјата или и во странство – еве, со еден чартер лет стотина граѓани веќе заминаа за Анталија, а освен за Турција, ќе има и чартер летови за Египет…Ќе  добијам ли коронавирус ако блиску до мене, во море или езеро, плива некој што веќе е заразен? Ова се дел од дилемите и прашањата коишто и нашите граѓани си ги поставуваат овие недели. Многумина не можат да се помират со фактот што летово, најверојатно, ќе останат дома и нема да пливаат и да уживаат крај некое море, езеро или на планина.

Д-р Сашо Стојанов, епидемиолог и в.д. директор на Центарот за јавно здравје – Скопје одговара на  некои од дилемите.






– Во пандемијата на коронавирусот, ризично е секаде, ама гледајте дома да сте, посебно деца во  странство е голем ризик да се носат. Од пасош на граничен премин не може да се заразите со корона, ќе се дезинфицираат и рацете и пасошот, ама ова лето е најбезбедно да сте дома, во Македонија. Тоа е мој совет – летово да се остане во Македонија, така е најсигурно, бидејќи сешто непредвидливо може да се случи во оваа епидемија. Слушаме дека одат луѓе и со трејлери во странство, така е можеби и најбезбедно, но секој ја нема таа можност – вели д-р Стојанов.

Тој потсетува дека поради повторното зголемување на бројот на заразени со вирусот, во многу земји, во Германија, Австрија и други се заоструваат мерките на влез на државјани од други земји.

– Еве речиси на цел Балкан се бараат ПЦР тестови, а во Србија, на пример, ќе влезете без тест, ама при враќање назад во Македонија се бара негативен тест. И за влез во Косово бараат негативен тест. Што се однесува до безбедноста во овие вонредни услови, секој добро да размисли, освен дали и каде ќе патува, и кога некаде ќе оди. Гледаме дека деновиве има  зголемен број туристи во Охрид, слично е и во Дојран, па секој нека размисли на опасноста на којашто  се изложува носејќи одлука дали и каде да замине на летување, сам или со семејството. Каде и да сте, носете маска и почитувајте ја мерката за држење дистанца – нагласува д-р Стојанов.

Од досегашните сознанија за вирусот, се смета дека луѓето не може да се заразат преку вода, додека се наоѓаат во море, езеро или река.

 

Поврзани содржини