Д-Р СТЕВАНОВИЌ ВЕЛИ БРОЈКИТЕ ЌЕ РАСТАТ Клиничката слика е посериозна и побрзо се развива кај дел од пациентите

Ниедна вакцина 100% не може да ве заштити, но најголем дел од вакцинираните нема да бидат во ризик да бидат инфицирани или пак на тие што се инфицирани клиничката слика ќе им биде далеку полесна. Затоа апелирам популацијата да се вакцинира, независно за која вакцина станува збор, додава Стевановиќ.

1,322

Директорката на Универзитетската клиника за инфективни болести, Милена Стевановиќ, објави дека модуларната болница е отворена од синоќа, бидејќи зградата веќе го достигна својот полн капацитет со болни од ковид-19.

– Вкупно има 101 пациент на болничко лекување, а во текот на вчерашното деноноќие примени се 19 пациенти со тешка или следно тешка слика. Динамиката на амбулантски прегледи се зголемува – вели директорката.






Таа додава дека петмина од хоспитализирани се со почетна фаза на вакцинација, не со примени две дози.

Д-р Стевановиќ вели дека во моментов не може да даде точна слика дали делта сојот доминира во нашата земја, за тоа треба да пристигнат резултатите кои се земени од некои од пациентите, а нивните примероци се однесени на секвенционирање во ИЈЗ и во МАНУ.

– Нема разлика во лекувањето, без разлика на соевите. На Клиниката секако не се примаат пациенти кои не се за болничко лекување. Клиничката слика е посериозна од претходно и побрзо се развива кај одреден број пациенти. Сега се примаат повеќе пациенти со средна возраст, за разлика од порано кога доминираше понапредната возраст – изјави д-р Стевановиќ.

На новинарско прашање за тоа какви се прогнозите во наредните денови, односно дали ќе има зголемување на случаите, директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ посочи дека ова веројатно е единствената, уникатна епидемија во постоењето на човештвото.

– Веројатно е најнепредвидлива. Секако дека очекуваме и зголемување на бројките затоа што активните случаи се далеку поголем број од она што може да се контролира полесно, односно да не се шири инфекцијата. Мерките ќе се менуваат во зависност од потребите. Она што е важно е тие мерки да се почитуваат – порача д-р Стевановиќ.

Директорката на Инфективната клиника истакна дека вакцинацијата против ковид-19 е неопходна.

– Ниедна вакцина 100% не може да ве заштити, но најголем дел од вакцинираните нема да бидат во ризик да бидат инфицирани или пак на тие што се инфицирани клиничката слика ќе им биде далеку полесна. Затоа апелирам популацијата да се вакцинира, независно за која вакцина станува збор – додава Стевановиќ.

Поврзани содржини