Д-р Шеклер за ТВ24: Вакцинацијата сè уште не е причина за падот на бројките, состојбата во Србија е слична како во Македонија
Микробиологот Миланко Шеклер тврди дека бројот на новозаразени со ковид-19 значително ќе опадне откако 60 отсто од населението ќе биде вакцинирано.
Српскиот вирусолог и микробиолог д-р Миланко Шеклер во емисијата „24 анализа“ на ТВ24 истакна дека опаѓа бројот на новозаразени со ковид-19 и дека бројките во Србија се слични како во Македонија, но разликата е во тоа што во Србија бројот на вакцинираните е многу повисок одошто кај нас.
– Евидентно е дека вирусот има свои природни правилности. Превентивните мерки беа далеку построги минатата година кога имаше и полициски час. Тоа доведе и до значителен пад на новозаразени. Зошто бројката е сега помала? Вакцинацијата не е причина за тоа. Времето кое луѓето го поминуваат надвор кога не се во затворен простор во голем број, тогаш таа бројка опаѓа исто како кај грипот, но не смееме да го споредуваме коронавирусот со грипот – вели Шеклер.
Шеклер посочи дека бројот на новозаразени значително ќе опадне откако 60 отсто од населението ќе биде вакцинирано. Во однос на почетокот на производството на вакцината во институтот „Торлак“, тој смета дека населението ќе има многу поголема доверба во таа вакцина.