Д-р Милена Стевановиќ: Ниту една терапија не е волшебно стапче, последиците од вирусот многу влијаат на исходот
Некогаш и навидум здрави пациенти развиваат тешка клиничка слика со лош исход на болеста, но и пациенти во длабока старост кои претходно имале трансплантација или имаат само еден бубрег сме ги излекувале и сме ги пуштиле дома.
Ковид-19 е предизвик за секој бел мантил. Тоа е заразна болест, но во развојот на болеста се следат толку различни манифестации и зафаќање практично на секој орган што бара темелно и мултидисциплинарно следење на болните. Многу имаме да научиме пред да му застанеме цврсто на патот, од патофизиолошките механизми па сѐ до лекувањето, вели во разговор за Плусинфо д-р Милена Стевановиќ, директорка на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
Д-р Милена, Вие сте многу години инфектолог на Клиниката, а и претходно раководевте со оваа установа. Имаше ли нешто позастрашувачко досега, откако почна и кај нас ширењето на коронавирусот? Присуство и лекување заболени од некоја друга инфекција?
– Ова е најголемата пандемија со која се соочува целиот свет. Ништо слично не се случило досега. На Клиниката за инфективни болести сме се соочиле со повеќе различни епидемии и некако сме „во тренинг“, но ништо ни оддалеку слично на ковид-19.
Овој вирус, кој нѐ затвори дома, сигурно е многу лоша вест за оние кои што ќе дознаат дека се позитивни, или, не дај Боже, и ќе заболат. Кои се најчестите коментари на пациентите кога ќе дознаат дека се заразени и дека станале ваши пациенти?
– Стравот кај пациентите е оправдан, како и кај нивните семејства, тоа е нешто што исто така треба да се третира. Вниманието што им се посветува на пациентите е лек број еден за тоа, како и поддршката која им е овозможена преку телефонските линии од колегите организирани на Клиниката за психијатрија. Многу е значајно, а и мотивирачки за секој еден од нас што ја имаме довербата на пациентите, па и тогаш кога вестите не се најдобри или посакувани.
По кои протоколи се раководите кога некој болен ставате на респиратор? Која треба да е заситеноста со кислород? Се појавија многу информации, а најновата е дека не треба пребрзо да се ставаат на апарат болните. Како и кога решавате дека некој пациент мора да оди на апарат?
– Ги следиме редовно научните сознанија кои ги печати светот, препораките се менуваат, искуствата се различни. Со целиот респект на целокупната научна мисла која ја добиваме ние ги вклучуваме како битни и карактеристиките што ги имаат нашите пациенти во донесувањето на одлуките. Мислам дека нема публикација која не сме ја прочитале од препораките на СЗО, преку кинеските, италијанските, британските, германските.
Дали досега од почетокот на епидемијата сте имале кандидат меѓу болните од ковид-19 кој би ја примил терапијата со „тоцилизумаб“? Колегите од ГОБ „8 Септември“ изјавија дека тој лек помогнал пациентот по цели 12 дена да се симне од респиратор, во минатата недела.
– Ние имаме повеќе пациенти поставени на оваа терапија. Кај некои од нив се следат добри резултати. Ниту една терапија не е волшебно стапче, за жал, последиците настанати од вирусот, како и претходните заболувања што ги имале пациентите имаат огромно значење за исходот на болеста, како и нивниот дополнителен третман.
Колку инфектолозите, анестезиолозите се моќни во ситуација кога се бориме со ваква вирусна инфекција, особено кога е нов предизвикувач во прашање? Ова е за делот дека ретко кој што бил на респиратор се извлекува од таква состојба.
– За жал, никој од нас не е семоќен, ние само можеме да кажеме дека се бориме за секој живот подеднакво, независно од возраста или коморбидитетите или предвидувањата. Сѐ додека постојат знаци на живот битката не е завршена.
Може ли да кажете кој е тој „пресуден момент“ кога некој пациент станува тежок? Знаеме ли како запаѓа во таква состојба? Што се случува во организмот – некои еве поминуваат без симпоми, а некои тешко?
– Честопати не може да се предвиди тежината на болеста. Очекуваме таа да биде тешка кај повозрасните пациенти, кај оние кои имаат една или повеќе хронични болести, обезните пациенти, но тоа не е секогаш така. Некогаш и навидум здрави пациенти развиваат тешка клиничка слика со лош исход на болеста, но и пациенти во длабока старост кои претходно имале трансплантација или имаат само еден бубрег сме ги излекувале и сме ги пуштиле дома. Ние користиме повеќе различни скорови и анализи кои можат евентуално да укажат на евентуалниот развој на болеста но повторно – тоа не е секогаш така.
Д-р Милена, постојано нагласувате дека дебелината е голем ризик-фактор, и за ова заболување и за компликациите, да го повториме и сега апелот и откријте ни како Вие ослабнавте? Сте на режим на исхрана или изгубивте килограми бидејќи сте растрчана поради оваа состојба со новиот вирус?
– Зголемената телесна тежина е моја битка (се смее), во изминатите десет месеци сум на режим на исхрана кој ми помогна да изгубам 15-тина килограми и сега ми помага да не ги вратам, бидејќи мојата слабост се слатките и во состојба на стрес и замор многу лесно посегнувам по нешто вкусно и благо.
Како сте досега задоволни од ефектите со користење на новата комбинирана терапија и со хлороквин кај дел од болните?
– За да се каже нешто за успехот на лековите и нивното делување треба да се соберат многу повеќе податоци, од многу повеќе пациенти. За таа цел и ние влеговме во студијата Солодарити на СЗО со нашите резултати. Кај некои пациенти забележавме успех во смисла на нивно излекување, но кај други и покрај дадените лекови не забележавме некое значајно подобрување – напротив болеста го достигна комплетно својот развој.