Д-Р МЕХМЕДОВИЌ СО АПЕЛ ДО ВЛАСТИТЕ Затворете ги школите и преминете на онлајн настава
Од Министерството за здравство велат дека на последниот состанок одржан минатата недела Комисијата за заразни болести не препорачала нови мерки.
Д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствениот дом Скопје бара од здравствените власти да воведат онлајн настава за учениците поради ширењето на сојот омикрон.
– Има сериозна студија којашто ја објави „Дискавери“, според којашто додека хоспитализацијата кај повозрасните е намалена за 30%, кога е во прашање омикрон, кај децата под 18-годишна возраст е зголемена за 20%. Тоа е сериозна бројка којашто ни иницира дека треба сериозно да разгледаме за тоа да ги заштитиме младите и да не ги препуштаме толку лесно на вирусот и болеста и да сметаме дека лесно ќе поминат низ таа фаза на создавање имунитет. Онлајн настава е соодветно решение – вели Мехмедовиќ во својот апел, преку изјава за ТВ Сител.
Од Министерството за здравство велат дека на последниот состанок одржан минатата недела Комисијата за заразни болести не препорачала нови мерки.
Нема предвремен зимски распуст, ниту онлајн настава, категорична е министерката за образование. Според Царовска стабилна е епидемиолошката состојба со Ковид во образовните установи, иако се зголемува бројот на отсутни деца и наставен кадар поради сезонскиот грип, други вирози и настинки.
– Се почитуваат протоколите, се штити јавното здравје, а учениците имаат соодветни услови за учење во училиштата. Скринингот направен од Министетството за здравство покажа дека состојбата е стабилна – вели министерката.