Д-р Марица Павковиќ: Лимфомите може да се излекуваат ако навреме дојдете на лекар

Најчест симптом на лимфомите е зголемен лимфен јазол, тврд на палпација, безболен, без промена на околната кожа, и без знаци на воспаление. Зголемените лимфни јазли најчесто се јавуваа на вратот, под мишките или во препоните. Но лимфомот може да почне од секој орган и ткиво во човековот тело, вели д-р Павковиќ.

4,104

Универзитетската клиника за хематологија спроведува кампања насловена „Да го победиме лимфомот“ која има за цел да ги ослободи од стравот оние граѓани кои имаат потреба од лекарски прегледи во услови на пандемија од ковид-19, со време да појдат на лекар за да се дијагностицира болеста во рана фаза со што се зголемуваат шансите за оздравување.

Д-р Марица Павковиќ, вонреден професор, хематолог на Универзитетската клиника за хематологија во разговор за Плусинфо објаснува кои се ризик факторите и причините за појава на лимфомот, како се дијагностицира и лекува, но и за влијанието на пандемијата со ковид-19 врз дијагностиката на малигните лимфоми.






Универзитетската клиника за хематологија од почетокот на пандемијата продолжи без прекин со лекување на малигните болести на крвта, со придржување на сите епидемиолошки препораки. Работат во две смени за да бидат порелаксирани и побезбедни прегледите, без гужва, со пократок ред на чекање и со запазување на социјалната дистанца. Пациентите, вели докторката, добиваат современа и комплетна услуга.

– Воведовме и е-амбуланта за подобра комуникација со матичните лекари. Навистина нема потреба да постои страв кај јавната популација да се јави на матичен лекар или пак да се обрати на Клиниката за хематологија. Чувањето на здравјето на пациентите и медицинскиот персонал се врвни приоритети во услови на пандемија. Смртноста на недијагностицираните и нетретирани малигни болести е поголема од смртноста предизвикана од ковид-19, па во фаза на пандемија треба сите пациенти да настојуваме да ги дијагностицираме навремено – порачува д-р Павковиќ.

Д-р Павковиќ може ли прво да објасниме што е лимфомот и какви типови на лимфоми постојат?

– Лимфомите се хетерогена група на малигни заболувања на крвта или поедноставно кажано тие се тип на карцином на крвта што започнува во белите крвни клетки (лимфоцити). Лимфомите настануваат како резултат на стекнати во текот на животот, генетски промени или мутации во лимфните клетки, кои доведуваат до неконтролирана делба на малигно променетата клетка. Овие абнормални лимфоцити се множат и се акумулираат во лимфните јазли и другите човекови органи нарушувајќи ја нормалната рамнотежа во човековото тело. Лимфомот може да се шири и да се појави и надвор од лимфниот систем бидејќи лимфоцитите циркулираат насекаде низ телото.

Според Светската здравствена организација, постојат околу 60 различни типови на лимфоми. Постојат два главни подтипа на лимфом: Хочкинов лимфом и не-Хочкинов лимфом (НХЛ). Не-хочкиновите лимфоми се делат на Б и Т-НХЛ во зависност од тоа дали потекнуваат од Б или Т лимфоцитите. За читателите, најважна е поделбата на лимфомите според нивните биолошки или клинички карактеристики на агресивни и индолентни лимфоми. Агресивните, брзо растечки, високо малигни лимфоми се болести каде туморските клетки многу бргу се делат и акумулираат во организмот. Доколку не се дијагностицираат и лекуваат на време, болеста може да биде фатална за 6 месеци до 2 години. Овој тип на лимфоми со адекватен третман може да се излекува кај 60-70% од пациентите.

Индолентните или споро растечки, ниско малигни лимфоми се болести каде туморските клетки побавно се делат, болеста поспоро напредува и пациентите со оваа болест може да живеат со години, со адекватен третман.

Кои се ризик факторите и причините за појава на лимфомот?

– Приближно 1 од 50 лица во светот има ризик да заболи од оваа болест во тек на својот животен век. Во 2018 година биле дијагностицирани околу 500.000 нови случаи на НХЛ во светот, а ова заболување било причина за повеќе од 248.000 смртни случаи истата година. Не-Хочкиновиот лимфом е седмо по честота малигно заболување во светот кај двата пола. Мажите заболуваат почесто од жените во сооднос 2:1. Најчесто заболуваат лица на возраст од 65-74 години со тренд на пораст со зголемување на возраста. Инциденцата е во постојан пораст во споредба со 70-тите години од минатиот век (зголемена е за околу 80%); на секои 90 секунди се дијагностицира по околу еден нов случај. (Инциденца на Б-НХЛ во светот: 3/100.000 кај мажи, 2,6/100.000 кај жени. Инциденца на Б-НХЛ во РСМ: 177 во 2017 година, 148 во 2019 година). Како и кај останатите малигни заболувања, причината за болеста е непозната. Ризик фактори за развој на овие болести се генетска предиспозиција, примарни и секундарни имунодефицитни состојби, одредени онокгени вируси (EBV, ХИВ), изложеност на канцерогени хемиски супстанци, радиоактивно зарачење. Важно лимфомите не се заразни и не се пренесуваат од човек на човек.

Кои се симптомите на лимфомот? Kога пациентите треба да се обратат на лекар?

– Најчест симптом на лимфомите е зголемен лимфен јазол, тврд на палпација, безболен, без промена на околната кожа и без знаци на воспаление. Зголемените лимфни јазли најчесто се јавуваат на вратот, под мишките или во препоните. Но лимфомот може да почне од секој орган и ткиво во човековото тело. Две третини од болните немаат други тегоби, освен појава на зголемени лифни јазли, додека една третина од болните имаа и други знаци или симптоми како слабеење, ноќно потење, покачена температура особено во вечерните часови, чешање без исип по телото, замор, малаксалост. Може да се јави сува кашлица и гушење, недостаток, глад за воздух поради зафатеност на лимфните јазли во белите дробови и медијастинумот или стомачни болки и тегоби поради зголемување на лимфните јазли во стомакот.

Што претставува терминот лимфаденопатија? Дали секој зголемен лимфен јазол значи лимфом?

– Лимфаденопатија e состојба на промена во големината, бројот и конзистенцијата на лимфните јазли. Лимфаденопатијата е синоним на отечени или зголемени лимфни јазли. Претставува сериозен симптом кој бара темелно дијагностичко иследување со цел да се утврди причината за нејзината појава. Кај помлади лица до 30 години, во 20% од случаите лимфаденопатијата е последица на малигни причини, многу почесто кај оваа возрасна група причина за зголемување на лимфните јазли се воспалителни процеси и инфективни причинители. Кај пациенти постари од 50 години, во 60%-70% од случаите лимфаденопатијата е последица на малигни причини како метастази од други карциноми (карцином на бели дробови, дојка, желудник, грло) или лимфоми. Затоа, кај секоја лимфаденопатија треба да се преземат брзи и темелни иследувања со цел да се постави дефинитивна дијагноза.

Како се дијагностицира лимфомот?

– Се почнува со преглед на болниот и основни лабораториски анализи како седиментација, крвна слика, биохемиски анализи, по потреба микробиолошки и вирусолошки анализи. Најважна дијагностичка процедура е тенко иглената аспирациона биопсија/пункција (ТАИБ) и хируршката биопсија. Тенко иглена аспирациона биопсија претставува брза, евтина, безбедна, минимално-инвазивна дијагностичка процедура со која патологот со помош на игла и шприц зема материјал од лимфната жлезда и го анализира под микроскоп. Оваа метода овозможува брза, ориентациона дијагноза (бенигно воспаление или малигно) и ја намалува анксиозноста и чувството на исчекување кај пациентот. Дефинитивната дијагноза се поставува со хируршка биопсија на лимфната жлезда или друг тумор, со што се добива материјал кој патологот понатаму го анализира, типизира и одредува дали се работи за воспалителен процес, лимфом или метастаза од друго малигно заболување. Ова е единствениот метод со кој се поставува точна и прецизна дијагноза. Во одредување на стадиумот или раширеноста на болеста се користат методи како КТ, рендген или ултразвучен преглед, па сѐ до најсофистицираната метода на ПЕТ скен.

Како се лекува и каква е прогнозата?

– Лимфомите се лекуваат со хемотерапија и/или радиотерапија. Типот на хемотерапија зависи од подтипот на лимфом. Последните децении направен е голем напредок во лекувањето на овие заболувања со откривање и воведување во третманот на нови цитостатици и специфична биолошка терапија. Биолошката терапија подразбира употреба на моноклонални антитела специфични за маркери на површината на малигните клетки кои селективно ги уништуваат само малигните лимфомски клетки. Ова доведе до значајно подобрување на преживување на болните и зголемување на процентот на излекувани пациенти.

Како ги лекувате пациентите на Универзитетска клиника за хематологија во Скопје?

– Универзитетска клиника за хематологија во Скопје ги следи сите најнови препораки на светските хематолошки здруженија за третман на овие заболувања и ги има на располагање сите современи препарати за третман за пациентите со лимфом. Третманот се избира за секој пациент посебно со индивидуализиран пристап. Изборот зависи од повеќе фактори: типот на лимфом, стадиумот или раширеноста на заболувањето, како и општата здравствена состојба на пациентот. Третманот се состои од комбинирана терапија на повеќе цитостатици со специфични моноклонални антитела.

Моноклоналните антитела делуваат специфично (на CD20-рецепторот) со целно уништување само на туморските клетки и поштедување на здравите клетки. Целта на третманот е да доведе до конечно излекување на болеста или постигнување на долготрајна ремисија. 5-годишното преживување кај НХЛ е 70%.

Дали пандемијата со ковид-19 има импакт врз дијагностиката на малигните лимфоми и доколку постои како можат да се надминат сите овие предизвици?

– За жал, пандемијата со ковид-19 има сериозно влијание врз дијагностиката на малигните лимфоми, како впрочем и кај сите други малигни и хронични болести. За ова говорат искуствата и статистиките и од другите земји, на пример во САД во текот на трите пролетни месеци на „lockdown” за 46 проценти е намален бројот на новодијагностицирани пациенти со шесте најчести видови на канцер; две третини од скрининг прегледите за најчестите малигни заболувања не се реализирани, што секако ќе доведе до одложено и задоцнето дијагностицирање на малигните заболувања, кои ако се откријат навреме може да бидат излекувани.

Нашите искуства го потврдуваат овој светски тренд па така во 2019 година вкупниот број на новодијагностицирани лимфоми во Македонија бил 148, за да заклучно со 30 јуни 2020 година имаме само 55 новодијагностицирани пациенти со Б-НХЛ, што значи имаме пад од 31% во споредба со лани во истиот период кога бројот на новодијагностицирани лимфоми бил 80.

Заклучно со 15-ти октомври оваа година имаме 89 новодијагностицирани лимфоми што значи има пад од 21% во споредба со лани во истиот период. Овој тренд се забележува и кај другите малигни заболувања на крвта како миеломи, хронични лимфатични леукемии и др. Сметаме дека тоа се должи на стравот на пациентите да се јават на лекар во услови на пандемија, поради што прегледите ги одлагаат до значајно напредување на симптомите и знаците на болеста.

За таа цел Клиниката се одлучи да организира кампања на тема „Да го победиме лимфомот“ со цел да допреме до општата популација. Околу три четвртини (74%) од глобалната популација не знае дека лимфомот е тип на малигно заболување. Помалку од половина од сите луѓе во светот (49%) знаат по нешто за лимфомот. Да им помогнеме на луѓето да ги препознаваат симптомите на лимфомот и да побараат на време помош од лекар. Раното дијагностицирање и адекватниот третман за оваа малигна болест се од витално значење. Ако пациентите се третираат навреме, многу од нив може да се излекуваат и да имаат долг, квалитетен и среќен живот. Апел до сите здравствени работници: Бидете во контакт со Вашите пациенти, останете безбедни, останете здрави!

Поврзани содржини