Д-р Костов: Само еден пациент позитивен на Ковид-19 е згрижен во „8 Септември“
Целокупниот ресурс на болницата е ставен во служба. Реорганизацијата ќе служи за пациенти на кои им е потребен инвазивен третман или се високо или ниско суспектни на вирусот.
Направена е реорганизација и прераспределба на медицинскиот персонал во градската општа болница „8 Септември“, изјави за ТВ 24 директорот на болницата Христијан Костов, потенцирајќи дека се подготвени да примат повеќе пациенти дијагностицирани со коронавирус. Оваа болница треба да ги згрижува и третира пациентите заразени со коронавирус или сомнителни дека се заразени, на кои им е итно потребна друга медицинска интервенција.
– Целокупниот ресурс на болницата е ставен во служба. Реорганизацијата ќе служи за пациенти на кои им е потребен инвазивен третман или се високо или ниско суспектни на вирусот. Ние имаме пациенти и ќе имаме и тоа не не плаши. Спремни сме да ги прифатиме позитивните пациенти. Од 30 досега тестирани, само кај еден е добиен позитивен резултат. Со оглед на тоа што му беше потребна хируршка интервенција, пациентот е префрлен на Инфективната клиника. Кај другите резултатите беа негативни – рече Костов.
Според него, ако се зголеми бројот на пациенти со Ковид-19 ќе ги зголемат и капацитетите во болницата.