Д-р Киријас: Препорака е вакцинацијата и ревакцинацијата да бидат со иста вакцина
Претпоставувам дека во наредниот период кога ќе имаме информации, препораките ќе се менуваат. Меѓутоа, во моментов препораката стои дека и втората доза (на вакцината) треба да биде од истиот производител, потенцира Киријас.
Официјалните препораки и од производителите и од американската Администрација за храна и лекови (ФДA) и од Европската агенција за лекови (ЕМА) е дека ревакцинацијата против ковид-19 мора да биде со истиот тип на вакцина со која е извршена и вакцинацијата, изјави доц. д-р Мери Киријас од Институтот за имунологија во интервју за МИА.
– Во моментов постојат неколку студии коишто работат на тоа да видат колкава ќе биде ефикасноста од вакцините ако се комбинираат првата и втората доза да бидат од различни производители – нагласува Киријас.
Според неа, во моментов не може официјално да се препорача вакцинацијата и ревакцинацијата да се вршат со различни вакцини, бидејќи сѐ уште не се знае колкава би била ефикасноста и што би можело да се очекува.
– Претпоставувам дека во наредниот период кога ќе имаме информации, препораките ќе се менуваат. Меѓутоа, во моментов препораката стои дека и втората доза (на вакцината) треба да биде од истиот производител – потенцира Киријас.
Според неа, досегашните искуства покажуваат дека вакцинацијата е еден од начините со кои што можеме да се справуваме со инфективните заразни заболување, посебно со оние кои што се многу заразни и имаат висока стапка на смртност, како што е случај со ковид-19,
– Гледаме дека имаме земји каде што има помасовна вакцинација, има ефекти од неа, -нагласува Киријас.
Таа истакнува дека во рок од шест месеци по имунизацијата против коронавирусот, може да бидеме сигурни дека постои заштита од ковид-19, но може да се очекува тој временски период да биде и подолг.
– Присуство на антитела значи заштита, не е важна колкава е таа бројка од моменталните информации коишто ги имаме. Тоа значи лицето кое што прележало ковид има заштита и заштитата не е само со антителата. Тоа е нешто што ни е померливо и затоа сега се зборува толку, меѓутоа тука е и клеточниот имунитет којшто секако останува како меморија, како памтење кај индивидуите. Така што лицата ќе имаат и антитела и клеточен имунитет. Колку долго ќе трае, ќе видиме. Засега немаме податоци, меѓутоа секако се очекува дека тој имунитет ќе трае една година – додава д-р Киријас.