Д-р Каламарас: Бев пресреќна кога му го тргнавме респираторот и кога ме препозна

Дури и во вибер групата која е меѓу нас колегите пред неколку дена напишав дека „ќе играм на маса“ ако успее пациентот да се извлече од тешката состојба, па сега колешката се шегува со мене и ми вели: „Е сега ќе играш на маса!“, вели координаторката на Ковид центарот во ГОБ „8 септември“.

6,472

Веста дека во ГОБ „8 Септември“ во Скопје е првиот заболен од смртоносниот вирус кој е симнат од респираторна машина, вчераутро оддекна како „бомба“ во јавноста во Македонија. Од првиот случај на заболен од ковид-19 на 26 февруари годинава, 37-годишен скопјанец е првиот кој успеал да спаси „жива глава“ од вирусот кој досега однесе 88 животи. Неколку дена по приемот во болницата, при што се жалел и на главоболка, се влошила неговата состојба и бил ставен на респиратор, односно на асистирана вентилација. Наместо со белите дробови, цели 12 дена тој дишел на апарат, под будно око на тимот од интензивна нега од оваа болница и шефот на инфективното одделение, д-р Патриција Каламарас.

Како знаевте дека пациентот може да се симне од респираторната машина и што кажа прво кога се извлече од под апаратот?






– Кога го прашав „дали се сеќаваш на мене“, ме изненади кога одговори: „Да, доктор Патриција“. Многу бев среќна што овој млад човек се извлече од големата криза и ова е еден од најважните успеси на целиот тим во интензивната нега. Секој тежок пациент е огромен предизвик. Голема е борбата меѓу мене и болеста на пациентите, како да им помогнам и на најтешките случаи, а кога ќе видам дека успеваме да ги извлечеме – тоа е најголемата награда – раскажува за Плусинфо, д-р Каламарас, која е и координаторка на Ковид центарот во ГОБ „8 септември“.

Д-р Каламарас, што беше пресудно за овој болен да се спаси – терапијата или тоа што е млад, бидејќи и тој, претпоставуваме дека имал тешка форма на болеста, со оглед дека сте го приклучиле на апарат за дишење?

– Терапијата беше пресудна, го дадовме лекот „тоцилизумаб“, тоа е имуносупресив, со претходна консултација и со анестезиолозите и со колегите имунолози од Институтот за имунологија, а направивме и дополнителни анализи. Кога венски го дадовме лекот, „како по книга“ одеше лекувањето. Вирусот прави т.н. цитокинска бура во организмот, којашто со помош на лекот се смирува. И ординирањето на оваа терапија секако дека одеше тимски – со анестезиолозите се договаравме кога пациентот да го прими лекот кој не може да се даде на сите болни, не од некои други причини, туку бидејќи мора да се исполнуваат одредени услови. Направивме и конзилијарен состанок и оценивме дека овој пациент е добар кандидат за оваа терапија. Станува збор за лек којшто се дава венски и еднократно – тоа се всушност антитела против интерлеукин 6 рецептор.

Дали има уште резерви од овој лек и планирате ли да го дадете и на други заблени од ковид-19?

– Да, засега планираме да го дадеме на уште двајца пациенти. И во стручната литература е потврдено кога треба да се даде лекот кај пациентот – во одредено време и кога се исполнети одредени услови. Но кај нас има помалку чуден параметар – и вчера и денеска добивме многу честитки и од колеги и од многу други луѓе кога пациентот беше симнат од респиратор. Но имаше и некои кои прашуваа: А зошто само на него сте му ја дале терапијата? Такви работи ме погодуваат… Планиравме уште на двајца пациенти да ја ординираме истата терапија, се разбира, ако се исполнат условите – вели д-р Каламарас.

Како Вие се чувствувавте кога видовте дека има подобрување и дека овој болен ќе биде можеби прв кој се извлекол од респиратор?Дали самиот тој е свесен дека е првиот спасен од апарат и речиси излекуван од болеста?

– Пресреќна бев, дури и во вибер групата која е меѓу нас колегите пред неколку дена напишав дека „ќе играм на маса“ ако успее пациентот да се извлече од тешката состојба, па сега колешката се шегува со мене и ми вели: „Е сега ќе играш на маса!“

Дали и што велат пациентите кога ќе ги примите, како мислат дека се заразиле со вирусот? Сигурно дел од нив не биле ниту свесни од кој контакт, се чудат ли можеби и што коментираат?

– Овој пациент не посочи од каде се сомнева дека се заразил, но тоа може секаде да се случи, во самопослуга, во автобус или каде било. Затоа е многу важна хигиената и мора да носиме маска. Моја порака е – и кога ќе се олабават мерките да се однесуваме дисциплинирано и „на штрек“ како вирусот да е меѓу нас. Така ќе се заштитиме и себеси и семејството, а ќе придонесеме за заштита и на другите.

Д-р Каламарас, Вие долги години сте инфектолог во ГОБ, а работевте и на Клиника. Дали досега сте  заблежале наод на белите дробови и кај неко е друго заболување, каков што дава коронавирусот? Велат како пајажина се …

– Генерално, наодот од снимањето на компјутерска томографија е карактеристичен наод за ковид-19.  И рентгенолозите веќе така го опишуваат ковид-19. Се случува иако на пример, пациентот нема направено епидемиолошка анкета, а има еден од клучните наоди како КТ на бели дробови, дури и пред резултат од ПЦР тестот да стаса, ние по КТ снимањето речиси со сигурност да сметаме дека имаме пациент заболен од корона – вели д-р Каламарас.

 

Поврзани содржини