Д-р Даниловски: Вулгарно е да помислиме дека со пиење „хемија“ го јакнеме имунитетот

Прејакиот имунолошки систем може да биде исто толку штетен, колку и преслабиот! Тука само ќе го спомнам ризикот од настанување на опасната по живот 'цитокинска бура‘, пишува д-р Драган Даниловски во својата најнова колумна за порталот „Доктори“.

13,097

Во тек на пандемијава цело време сме опседнати со „јакнење на имунитетот“ преку грозничаво голтање суплементи и лекови. Точно е дека во борбата со една вирусна инфекција, каква што е ковид-19, можеме реално да се потпреме, пред сѐ, на сопствената одбрана – неспецифичниот имунитет. Меѓутоа, сосема погрешна е идејата, дека за успешна борба со вирусот ни треба јак имунолошки систем. Тоа е погрешен концепт, пишува д-р Драган Даниловски во својата најнова колумна за порталот „Доктори“.

Тој вели дека не ни треба јак имунитет, туку дека ни треба избалансиран имунитет.






„Прејакиот имунолошки систем може да биде исто толку штетен, колку и преслабиот! Тука само ќе го спомнам ризикот од настанување на опасната по живот ‘цитокинска бура‘. Таа е последица токму на претераната стимулација на имунолошкиот систем, што доведува до автоимуни реакции… и ‘бура‘… и многу често – лош исход… На другиот екстрем е преслабиот имунолошки систем. А тој таков станува, ако му се уништи ‘центарот‘ за регулација – цревната бактериска флора. И видовме дека тоа многу успешно се постигнува со некритичното земање антибиотици. Но, тоа не е тема на текстов. Како да постигнеме избалансиран имунолошки систем? Со имуномодулатори од типот на изопринозин, кверцерин, бета глукани и слични препарати? Со ‘цинкови‘, ‘селени‘, витамини (Ц, Д и Б)? Никако не! Зошто? Затоа што тоа нема никаква смисла! Затоа што нема да умееме да процениме кога е доста! Затоа што лесно може да пречекориме во ‘црвената зона‘, во пустото настојување, по секоја цена, да го ‘зајакнеме‘ својот одбранбен систем! Што носи тешки ризици“, пишува д-р Даниловски.

Тој вели дека организмот наш е совршено комплициран, избалансиран, самоодржувачки систем, со суптилни механизми за саморегулација (за одржување на т.н. хомеостаза).

„Не е можно – дури, вулгарно е – да помислиме дека со едноставно пиење ‘хемија‘, можеме да постигнеме негово ‘јакнење‘! Настрана фактот што тоа никако не е можно од денес до утре. Цел живот претходно не сме се грижеле за него и сега, наеднаш, мислиме дека со ‘хемија‘ ќе го ‘набилдаме‘!? Па не е тоа апче за главоболка – испиј го и главоболката ќе помине за миг… Тогаш, што треба да се прави? Макотрпен и долг е процесот на доведување во рамнотежа на биолошките процеси во организмот. Тоа подразбира, пред сѐ, здрав начин на живот! А концептот на „здрав начин на живот“ се состои не само од избалансирана, разновидна исхрана, туку и секојдневна физичка активност, социјална активност, умеење да се ужива во мали задоволства… кои се вградуваат во мозаикот на едно генерално чувство на задоволство, благосостојба – да не речам, среќа! А тоа, за возврат, обезбедува и баланс на биолошките функции, меѓу кои и на имунолошкиот систем. Звучи прекомплицирано и претенциозно? Можеби… Ама, per aspera ad astra! Но, тоа за достигање до ѕвездите е долгорочна цел. Што можеме да постигнеме ‘на куси патеки‘? Можеме ли да постигнеме нешто поопипливо, промптно, соочени со непосредната опасност од ковидот? Можеме! Можеме преку одржување во топ-форма на цревната бактериска флора. Која, нели, го оптимизира/балансира имуниот одговор на организмот“, пишува д-р Даниловски.

Докторот објаснува дека единственото логично решение е преку балансирана исхрана богата со протеини, витамини и минерали, но и со пробиотици и пребиотици.

„Зошто не со суплементи? Затоа што само со користење на природни извори – храната, никако не е можно да се предозираат витамини, минерали…. И само преку храната не е можно да се претера со стимулацијата на имунолошкиот систем! Би рекол, појасно – здравје!“, пишува д-р Даниловски.

Поврзани содржини