Д-р Даниловски: Половина од населението имало контакт со вирусот, ние всушност на природен начин се справуваме со ковид-19

Ситуацијата сега е поволна и тоа провоцира опуштање, но имаме веќе едно негативно искуство со прерано олабавување на мерките, вели Даниловски за Радио Слободна Европа и посочува дека е потребно уште малку трпение.

1,815

Продолжувањето на работното време на угостителските објекти е можеби прерано, затоа што епидемијата сè уште не е поразена, но веројатно нема да предизвика големо зголемување на бројот на заболени од коронавирус, затоа што околу половина од населението веќе имало некаков контакт со вирусот и бројот на луѓе со имунитет е голем, вели епидемиологот Драган Даниловски во разговор за Радио Слободна Европа.

Министерот за здравство Венко Филипче пред неколку дена соопшти дека било одлучено од 21 јануари работното време на угостителските објекти да се продолжи до 21 часот, наместо до 18 како што е сега, а ако ситуацијата се подобри може да се размислува за барањето на угостителите за продолжување на работното време до 23 часот.






Даниловски, пак, вели дека бројот на заболени опаѓа цел декември, имаше стагнација од 3 до 11 јануари, а сега повторно опаѓа. Се намалува и бројот на луѓе во болниците, иако бројот на починати стагнира, вели тој. Ситуацијата сега е поволна и тоа провоцира опуштање, но имаме веќе едно негативно искуство со прерано олабавување на мерките, вели Даниловски и посочува дека е потребно уште малку трпение.

– Можеби не требаше да се олабават мерките, но тоа е тоа, ќе видиме што ќе се случи. Не верувам дека ќе се случат некакви спектакуларни зголемувања на бројките, но и малку да порасне бројот на нови случаи, со тоа некако пропорционално оди и зголемување на бројот на починатите, така што штета за тие што ќе заминат. Треба малку повеќе трпение да покажеме. Ете полека ќе дојде и до пристигнување на вакцината. Кај нас веќе околу половина од населението практично имало контакт со вирусот. Ние всушност на природен начин се справуваме со епидемијата. Вирусот веќе многу тешко доаѓа до нови жртви, уште малку само треба да издржиме – вели Даниловски, посочувајќи дека ова е под услов во Македонија да не се појави некоја поопасна мутација на вирусот.

Додека да пристигнат вакцините, Македонија е на пат да постигне колективен имунитет, посочува Даниловски.

– Ќе се доведеме во ситуација аналогно како со сезонскиот грип. Ќе останат и понатаму незаштитени и ризични оние со хронични заболувања, постарите од 65 години, ќе останат изложени и под ризик одредени специфични професии како што се здравствените работници, така што кога ќе дојдат вакцините овде ќе биде аналогна ситуација како со грипот, пак ќе речам, да треба да се вакцинираат само тие – вели Даниловски.

Поврзани содржини