ЦВЕЌЕ ЗА ПОЧИНАТИТЕ ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА РЕПУБЛИКАТА Почна одбележувањето на Денот на независноста
Претседателот Стево Пендаровски денеска по повод Денот на независноста, со орден „8 Септември“ ќе ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година.
По повод 8 Септември, Денот на независноста претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, замениците на премиерот Артан Груби, Љупчо Николовски и Фатмир Битиќи како и министерка за образование и наука Мила Царовска утрово положија цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски на градските гробишта Бутел во Скопје.
Цвеќе пред вечните почивалишта на Глигоров и Трајковски положи и собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, составена од пратеничките Снежана Калеска-Ванчева и Велика Стојкова-Серафимовска
Централната прослава по повод празникот ќе биде на отворено пред Собранието со почеток во 17.30 часот, а ќе започне со изведба на делото „Симфонија за филхармонија“ од композиторот Живоин Глишиќ по што следи дефиле.
На дефилето ќе учествуваат здравствени работници, спортисти, пожарникари, полицајци и војници, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, како и националните ансамбли и културно-уметничките друштва.
Според протоколот, официјалниот дел ќе почне во 18.30 часот со интонирање на химната од страна на Воениот оркестар, по што ќе следуваат говорите на државниот врв. Обраќање ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.
По обраќањето на премиерот, односно од 19.30 часот започнува музичкиот дел со изведба на песна специјално аранжирана за оваа прилика и музички дел со познати солисти кои заедно со Националната филхармонија ќе изведат неколку антологиски забавни нумери.
Претседателот Стево Пендаровски денеска по повод Денот на независноста, со орден „8 Септември“ ќе ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година.