ЦРВЕНКАПА И ВАРЕНИТЕ КОЛБАСИ Неверојатна македонска верзија на приказната на Браќата Грил во лектирата за второ одделение

Добро, не се баш браќата Грил, туку браќата Грим, но верзијата во која болната Баба го измамила волкот со вода од варени колбаси досега не сме ја слушнале. Какви ли глупости читаат нашите деца!

1,691

На социјалната мрежа Фејсбук осамна неверојатна македонска верзија на познатата приказна за Црвенкапа од лектирата „Сказни“ од Браќата Грим за второ одделение.

Дека нешто не е во ред со целата лектира се гледа и од самата насловна страница. На неа е прикажано дете што чита книга со ококорени очиња – од страв ли, од возбуда ли? – а околу него познати женски ликови од приказните, ама сите цицлести и со „извајани тела“, што би се рекло денес со модерниот речник преземен од српските портали.






Стандардната верзија на приказната за девојчето Црвенкапа ја знаеме сите. Накратко, Мајкатата ја праќа ќерка си Црвенкапа кај нејзината болна Баба во шумата да ѝ однесе храна. Попатно, Волкот ја среќава Црвенкапа и од неа дознава за нејзината намера. Потоа Волкот ќе побрза да стаса кај Бабата, ќе ја лапне, ќе легне во нејзиниот кревет, ќе ги облече нејзините пиџами и ќе ги стави нејзините очила и по неколку впечатливи реплики, ќе ја голтне и Црвенкапа. Но, на крајот на приказната, доаѓа добриот Ловец, му го распорува на Волкот стомакот, ги спасува Бабата и Црвенкапа како Стојанче од ЦУК, го полни стомакот со камења, го сошива и го фрла Волкот во бунарот да остане таму потопен за веки веков.

Нема дилеми дека приказната за Црвенкапа е прилично брутална. Во денешно време има луѓе кои се обидуваат да ги поштедат малите дечиња од бруталностите во приказните на Браќата Грим. Колку е тоа паметно и педагошки е голема дилема. Но, веројатно тоа била причината што авторот на македонската верзија на Црвенкапа за второ одделение се напнал да смисли еден нов, што би се рекло „политички коректен“ наратив, прилагоден на децата на таа возраст.

Неговата приказна почнува со еден прилично интересен детал, особено поучен за второоделенчиња. Имено, понадицата што Црвенкапа ја понела за болната Баба се состои од торта и од шише вино. Нула седум литри, претпоставуваме. Не знаеме од што точно боледувала Бабата (тој детал го нема и во оригиналната верзија), но македонскиот автор правилно проценил дека една ваква витаминска „бомба“ би ја кренало бабата на нозе, таман да била на умирање. Освен ако не боледувала од диабетес.

Сепак, клучните измени во македонската верзија на Црвенкапа се направени со цел да се избегне оној брутален дел со голтањето на Бабата и на Црвенкапа, па распорувањето на стомакот, па камењата, па шиењето, па бунарот… Овој навистина брутален наратив е заменет со нов, во духот на нашата гурманска традиција.

Имено, умната Црвенкапа, која во оригиналот кај Браќата Грим и не е толку умна, сега лесно ги прозрела намерите на Волкот и на Бабата ѝ раскажала што се подготвува. А Бабата, сега веќе на нога, од тортата и од виното, нормално, ѝ рекла на Црвенкапа да ја земе кофата во која таа (Бабата) вчера сварила колбаси и да ја истури во големиот каналот околу куќата.

Тука веќе се јавуваат првите позначајни иновации во приказната, кои ги збунуваат нашите второоделенчиња.

Навистина, од што била болна Бабата, кога ден пред настанот со Волкот ќе кркне една кофа колбаси („малку“, вели таа), а потоа ќе м’сне и цела една торта и ќе г’тне едно шише вино? Каква е таа чудна болест?

Втората дилема е поврзана со спомнатиот голем канал. Во македонската градителска традиција, а и општо, нема случај околу шумските куќички да се ископуваат големи канали. Обично се копаат септички јами и полски нужници, но не толку големи. Со такви канали обично се штитат дворците, а не трошните куќарки во кои живеат болни бабички што варат колбаси, лапаат торти и пијат вино.

Од каде се појавил сега овој канал? Дали е изграден од владата на СДСМ и довршен од владата на ВМРО-ДПНМНЕ?

Како и да е, идејата на Бабата била мирисот од колбасите да допре до носот на Волкот (кој во моментот се наоѓа на покривот на куќата), тој да ги „надушка“ колбасите (од кога тоа колбаси се „душкаат“?), да се лизне, да падне во големиот канал и да се удави таму. Така и се случило, во верзијата на браќата Грил.

Глупо ко ноќ, ама тоа е…

Уште едно дообјаснување. А што барал Волкот на покривот на куќата? Според македонскиот автор, пред да му се случи пехот со душкањето колбаси, Волкот дошол пред куќата, тропнал на вратата и се претставил како Црвенкапа, но Бабата и нејзината внука не му отвориле. Овој детал македонскиот автор го презел од една друга приказна, онаа за Волкот и седумте јариња, кои исто така не му ја отворале вратата на ѕверот. Или можеби од приказната за Волкот и трите прасиња, кои исто така седеле затворени во својата колипка, ама силниот Волк ја одувал.

Овој Волк од приказната за Црвенкапа и варените колбаси, не е толку итар како неговиот колега, кој ги измамил седумте јариња со раката извалкана во брашно. Не е ни силен како оној што ги изненадил трите прасиња. Овој е подмолен, затоа се качил на покривот и чекал Црвенкапа да си замине од кај Бабата и тогаш да ја нападне. Овој Волк е и прилично глупав, бидејќи не проценил дека на толку торта, вино, а можеби и колбаси од вчера сочувани во фрижидерот, Црвенкапа и Бабата немало толку брзо да ја завршат журката. Не проценил колку долго ќе дреме на покривот чекајќи. И конечно, овој Волк бил и несмасен (се лизнал по ќерамидите), а и не знаел да плива.

Во нашата верзија на Црвенкапа за второоделенчиња, Волкот е за жалење и како таков веројатно ќе ги освои симпатиите на малите читатели.

Ете, таква е македонската верзија на приказната за Црвенкапа. Кој не верува – а навистина не е за верување! – нека повели, самиот нека ја прочита:

Поврзани содржини