Црвен картон за исфрлање на членки од ЕУ

Во својот првомајски говор деновиве во Гетеборг претседателката на шведските социјалдемократи, Магдалена Андерсон порача дека се потребни механизми за промени во ЕУ кои ќе овозможат од членство во Унијата да се исклучат земји кои не ги исполнуваат нејзините демократски барања.

1,648

Потребни се механизми, врз база на промени во ЕУ-договорот, за да се овозможи од членството да бидат исклучени земји кои не ги исполнуваат демократските барања на Унијата. Таква порака, која е на линија на идентичните заложби кои сè почесто се заговараат во западните ЕУ-членки, во својот првомајски говор деновиве во Гетеборг изнесе претседателката на шведските социјалдемократи, Магдалена Андерсон.

Една таква сериозна промена во Договорот за ЕУ, кој се нарекува и устав на Унијата, е теоретски можна, иако моментно не особено веројатно дека би можела да биде спроведена во практика. За да се внесат промени во ЕУ-договорот е неопходно постигнување на целосен консензус меѓу земјите-членки.






Магдалена Андерсон ја насочи сечилото на критиката најмногу кон Унгарија и Полска, како ЕУ-членки кои веќе подолго време прават чекори кон демонтирање на демократските принципи и функционирањето на правната држава. Но зошто би се согласиле овие земји и би прифатиле едногласен консензус околу споменатите промени, кои, всушност, би можеле да претставуваат реална закана за нивното членство?

Во секој случај, поконкретна дискусија околу ова прашање воопшто не е незамислива. Шведските социјалдемократи ни најмалку не се осамени во барањата за политика на поцврста рака, задржување на исплатата на финансиски средства, како и други ефикасни рестриктивни алатки во односот кон ЕУ-членките кои покажуваат јасни знаци на демократско назадување.

Постигнувањето консензус, кој би отворил простор за повлекување еден ваков длабок рез во односите меѓу земјите-членки, во суштина можеби и не претставува невозможен потфат. Потребно би било претходно да се отвори процес на постигнување некаков компромис, кој, како и секогаш, би одел на линија на повеќе или помалку болно усогласување на ставовите, преку политика на делумно „откажување и добивање“, во интерес на заедничка полза.

Одлуката за замрзнување на помошта на Полска од ЕУ веројатно придонесе за промена на власта во Варшава минатата есен. Но, претходната националистичка влада ги игнорираше повиците на Европската комисијата и одлуките на Европскиот суд на правдата, дека Полска мора да ги почитува принципите на владеење на правото. Избирачите во Полска најпосле пресудија на парламентарните избори.

Во последните години ЕУ на различни начини се обидуваше да ги запре членките кои се развиваат во авторитарна насока, но горчлива вистина е дека таквите напори главно беа неуспешни. Во центарот на оваа проблематика се чини најмногу се наоѓа унгарскиот премиер Виктор Орбан, кого критичарите го обвинуваат дека настојува да направи нелиберален блок со земјите кандидатки за членство во ЕУ.

Орбан е мошне изолиран во европските кругови. Патот што тој го избира за соработка во рамки на ЕУ можеби го следи само уште Словачка, па затоа му се потребни нови пријатели, со кои ќе се зајакнува неговата позиција, при што се издвојуваат, на пример, односите на доверба што ги гради со лидерите на Србија и на Република Српска.

Унгарија во јули ќе го преземе ротирачкото претседателство со Унијата, а како нејзин приоритет се очекува да биде ЕУ-проширувањето. Според она што го зборува, Орбан не гледа благонаклоно кон членството на Украина во ЕУ, но најавува дека има намера да направи се за своите пријатели од Западен Балкан. Србија преговара за членство во ЕУ од 2014 година, а Босна и Херцеговина доби зелено светло за време на неодамнешниот самит во Брисел.

Пред земјите кандидатки да се зачленат во ЕУ, како што е познато, мора да се приспособат на широк опсег на барања, на таканаречените Критериуми од Копенхаген, кои се однесуваат, меѓу другото, на слободата на изразување, заштитата на човековите права и независните судови. Но, факт е и тоа дека штом ќе станат членки, тие во голема мера можат да го игнорираат сето тоа, без притоа да се соочат со некакви закани да бидат исфрлени од членството.

Доколку ова се смета за чуден парадокс, тој не е нов и делумно е последица на тоа како всушност функционира соработката во ЕУ. Демократијата и принципите на владеењето на правото припаѓаат на заедничките вредности на Унијата, кои земјите кандидатки мора да ги следат, но не постојат и детални закони на ЕУ за слободата на изразување, или, на пример, на каков начин треба да функционираат националните судови. Земјите-членки се суверени и во принцип самостојно одлучуваат како да ја градат националната демократија.

Но, напоредно со дискусиите за натамошно проширување на ЕУ, повторно, значи, се поставува старото прашање: Дали треба да се создадат услови за да се исфрли земја која веќе станала полноправна членка на ЕУ? Тоа мора да се овозможи, сметаат многумина кои се иритирани поради тоа што ова прашање досега беше мошне запоставено.

Политичките лидери на ЕУ веќе не се во прв план вознемирени поради тоа што партии со нацистички или фашистички корени станаа дел од владите на повеќе земји-членки. На пат се сега да влезат и нови земји со комунистичко минато, всушност земји со слаби демократски традиции. Оттаму во Брисел сè почесто се крева гласот за воведување построги правила во одбрана на основните принципи на демократијата и владеењето на правото, кои се потребни повеќе од кога и да било порано.

Земјите кандидатки за членство, меѓу кои секако и Македонија, досега не се прославија со кредибилни резултати во спроведувањето на сопствените „европски реформи“. Токму затоа, во дебатата околу исфрлањето на постоечките, или, пак, приемот на нови ЕУ-членки, никој не треба да очекува, и самозалажувачки да се надева, дека ќе биде макар и малку поштеден.

Поврзани содржини