Бендот Cruel: Секогаш е време за рокенрол!

„Ние го живееме нашето најдобро време. Имаме просторија, солидна опрема, многу идеи, песни и текстови за втор, па и нецел трет албум во моментот. Целиме високо и сакаме да свириме. Не знаеме каде ќе нè однесе светот утре, но знаеме дека ќе биде пепел“, велат дечките од групата што ќе настапи на Дојран рок фест.

345

Здружението Андерфест, како нов проект го најави првото издание на Дојран рок фест, кое ќе се одржи на 7 август 2021 година на плоштадот во Стар Дојран. На фестивалот ќе настапат 5 различни домашни музички групи: Bad Obsession, High Voltage, Cruel, Daktili и The Chicks.

Во разговор за Плусинфо, од бендот Cruel раскажаа за своите планови и за настапот на Дојран рок фест.






Се формиравте во 90-те, направивте и пауза низ годините а веќе неколку години повторно настапувате. Дали сметате дека е дојдено време за рокенрол?

Времето било и е секогаш „право“ за рокенрол. Точно е дека имаше период кога подзастанавме, за на крајот да сфатиме дека не можеш да избегаш од тоа што сакаш да го правиш. Точка. Тоа е повикот.

Како ја оценувате алтернативната сцена кај нас?

Многу поразлично од тоа што го паметиме. Сепак, таму и ваму, има по некое светло кое силно свети и кое е патоказ за да не залутаме сите.

Албум да очекуваме ли? Кога очекувате издавање и кој се грижи за продукцијата?

Албумот е готов, снимен е и сме презадоволни од тоа како излезе материјалот. Се надевам дека и публиката тоа ќе го препознае и ќе го  прифати. Сѐ е исцедено од нашите искуства и животи, од нашите светли и темни денови, пренесено во ноти и удари. Тоа беше еден наш сон. Во фаза сме на довршување на омотот и се надеваме многу брзо ќе го претставиме во целост пред публиката. Продукција немаме зад нас во моментов, но се надеваме дека песните ќе разбудат интерес.

Дали да очекуваме нови звуци, нови елементи во песните?

Ние сме тројца во бендот и секогаш сметаме дека не правиме доволно врева. Сакаме да експериментираме и да избегаме колку е можно повеќе од етикети. Веруваме во нашата музика. Отворени сме и сакаме што повеќе да тече низ нас. Вака, сè што ќе ни се појави како идеја, можеме да го ставиме во песна. Поради тоа што снимавме на два пати, пред и по ковид-19, имаме осет дека вториот пат направивме подобра работа, накратко бевме поиновативни. Тоа е дефинитивно нешто што сите што не слушаат ќе го препознаат.

Како стоите со сценски настапи? Каде планирате да настапувате оваа година?

Потврдени сме на Аларм фест на 2 август во Охрид и на Дојран рок фест на 7 август. Засега. Наша цел се сите фестивали во земјава и можеби следната година и пошироко. Сè зависи од тоа како ќе се тркалаат коцките.

Ќе свирите за прв пат во Дојран на Дојран рок фест. Што да очекува публиката од вас?

Во Дојран дефинитивно доаѓаме да го претставиме нашиот албум. Ќе свириме сè. Време е публиката да нè запознае. Гладни сме, ако не разбираш.

Какви се вашите идни планови?

Ние го живееме нашето најдобро време. Имаме просторија, солидна опрема, многу идеи, песни и текстови за втор, па и нецел трет албум во моментот. Целиме високо и сакаме да свириме. Не знаеме каде ќе нè однесе светот утре, но знаеме дека ќе биде пепел. Сакаме албумов да допре што е можно до повеќе луѓе, со спот и со настапи.

Поврзани содржини