ЦРНОГОРСКО СЦЕНАРИО ИЛИ БАБА РОГА ЗА СИРОМАШНИ Со или без Бугарите во Уставот – ќе си прилегнеме до Црногорците и убаво ќе се одмориме

Плашењето со некакво „црногорско сценарио“ е дел од играта со цел да се создаде притисок и да се извршат уставните измени, односно да се внесат Бугарите во Уставот. Меѓутоа, кого мислат да уплашат? Последно за плашење беше името, а што ќе биде следно? - прашува поранешниот амбасадор Ивица Боцевски.

1,866

Плашењето со некакво „црногорско сценарио“ коешто би можело да ја снајде земјава за време на преговорите за членство во Европската Унија, всушност е само потврда дека никој не ни гарантира дека нема да заглавиме како Црногорците дури и ако ги исполниме сите услови што се бараат од нас.

Вака експертите со коишто разговараше Плусинфо ја толкуваат изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека Македонија би можела да западне во „црногорско сценарио“ доколку не ги спроведе уставните измени до ноември годинава.






А што всушност ќе ни се случува во пракса, доколку, ете, нѐ снајде „црногорското сценарио“?

Познавачите на меѓународната политика објаснуваат дека стравувањето од евентуално „црногорско сценарио“ наведува само на еден расплет кој е крајно неповолен за Бујар Османи како застапник на оваа Влада.

– „Црногорско сценарио“ значи дека веќе си започнал преговори со ЕУ, ги водиш преговорите веќе 7 или 8 години, си направил сѐ што се барало од тебе, и на крајот заглавуваш и не мрдаш од место. Османи сакаше да алудира на тоа дека ќе заглавиме доколку не ги направиме уставните измени и доколку не ги внесеме Бугарите во Преамбулата, но сепак, за да ти се случи „црногорското сценарио“ најпрво треба да ги започнеш преговорите со Унијата, па дури потоа да заглавиш. Така што, министерот Османи погрешно го употреби терминот, оти земјава сѐ уште не започнала преговори, а дури и да ги започне и да ги изврши сите концесии на барање на соседите, тоа не значи дека на Македонија не може да ѝ се случи „црногорско сценарио“. Во пракса, ако дојде до такво нешто, тоа ќе значи дека во 2030 година, наместо да се радуваме на членството во европското семејство, ние ќе си влеземе во чекалната и ќе си прилегнеме веднаш до Црногорците – коментира експертскиот извор.

Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во разговор за Плусинфо вели дека изјавата на министерот Османи за т.н. „црногорско сценарио” е само уште една потврда дека Владата нема капацитет да ги исполни обврските што ги презела, а се однесуваат на билатералните барања од Бугарија кои токму Османи ги прифатил како услов за почеток на преговорите со ЕУ.

– За жал, прифаќајќи сѐ на грбот на Македонија, Владата направи проблем што сега не знае како да го реши и сѐ почесто ќе се обидува да изнајде изговори за својата неспособност. Но, штом се спомнува Црна Гора како пример, тогаш можеби тоа е сигнал дека во Владата се подготвуваат за предвремени парламентарни избори, бидејќи деновиве и во Подгорица тоа е главна тема – вели Милошоски.

И поранешниот амбасадор Ивица Боцевски смета дека плашењето на македонскиот народ со некакво „црногорско сценарио“ е беспредметно.

– На Балканот не постои терминот „црногорско сценарио“, туку постои „балканско сценарио“. По приемот на Хрватска во Европската Унија, практично стопирана е интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Нема никакво помрднување за никого, без разлика дали се исполнети условите. Јасно е дека сите земји од Балканот се крчкаат во ист лонец и дека еден ден сите заедно ќе влезат во Унијата. Плашењето со некакво „црногорско сценарио“ е дел од играта со цел да се создаде притисок и да се извршат уставните измени, односно да се внесат Бугарите во Уставот. Меѓутоа, кого мислат да уплашат? Последно за плашење беше името, а што ќе биде следно? Исто така, не заборавајте дека за секое идно проширување на ЕУ постои потреба за француски референдум, а според сите анкети, јас не гледам ниту една земја од Балканот која може да добие зелено светло на француски референдум – објаснува Боцевски.

Плашењето со некакво „црногорско сценарио“ е дел од играта со цел да се создаде притисок и да се извршат уставните измени, односно да се внесат Бугарите во Уставот.

Ивица Боцевски Поранешен амбасадор

На брифинг со новинарите, министерот за надворешни работи Бујар Османи деновиве порача дека не треба да се губи време во процесот на уставните измени, затоа што лично тој се плаши дека ако нѐ фати ноември без завршени промени на Уставот, тогаш ќе прекинат и преговорите.

– Ќе прекинат преговорите и ќе го изгубиме моментот. А губењето на моментот е една од најлошите работи што може да ви се случи на европскиот пат. Се плашам дека ќе влеземе во некакво „црногорско сценарио“, после што ќе биде многу тешко да се вратиме, со сите импликации внатре и надвор врз имиџот на државата – изјави шефот на дипломатијата.

НОВАТА ГОДИНА ПОЧНУВА СО НОВИ ЗАКАНИ Сега ќе нѐ плашат со „Црногорско сценарио“

Поврзани содржини