ЦРНОГОРСКИОТ ПРЕМИЕР ГО ВРАТИ ШЕФОТ НА ДИПЛОМАТИЈАТА ОД ПОСЕТАТА НА СКОПЈЕ Назад во Подгорица, Радуловиќу!

Извор на подгорички „Вијести“ тврди дека премиерот Кривокапиќ на седницата на Владата рекол дека не е запознаен со посетата и дека побарал од министерот Радуловиќ директно да го информира за плановите за посетата, па затоа го вратил од Скопје.

1,672

Црногорската влада не го усвоила предлогот на платформата за посетата на министерот за надворешни работи Ѓорѓе Радуловиќ на Северна Македонија, па затоа министерот морал да се врати од Скопје, каде што замина денеска, дознава подгорички „Вијести“.

Црногорското МНР во вторникот соопшти дека е планирано Радуловиќ да се сретне со македонскиот државен врв, со  претседателот Стево Пендаровски, со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и со претседателот на Собранието Талат Џафери.






На дневен ред на денешната седница на Владата во Подгорица бил документот со наслов „Предлог на платформата за официјална посета на министерот за надворешни работи на Црна Гора Ѓорѓе Радуловиќ на Република Северна Македонија на 27 и 28 јануари 2022 година“. Платформата поминала на комисиите за политички систем и за економска политика.

Извор за „Вијести“ вели дека Кривокапиќ на седницата на Владата рекол дека не е запознаен со посетата и дека побарал од министерот директно да го информира за плановите за посетата.

Неофицијално, се зборува дека црногорскиот премиер Кривокапиќ сака да го смени Радуловиќ од позицијата шеф на дипломатијата. Црна Гора се наоѓа во владина криза, откако Кривокапиќ побара разрешување на вицепремиерот Дритан Абазовиќ, а Абазовиќ поднесе барање за интерпелација на Владата. Сепак, не е потврдено дали сето ова има врска со враќањето на Радуловиќ од Скопје во Подгорица.

Поврзани содржини