ЦРНИТЕ ТОЧКИ ЌЕ ДОБИЈАТ НОВА СИГНАЛИЗАЦИЈА Нови мерки по петте жртви на експресниот пат Градско-Прилеп

Директорот на Државни патишта најави нова подобрена сообраќајна сигнализација за експресниот пат Градско-Прилеп, со цел да се намали бројот на сообраќајни несреќи и жртви. Се апелира и до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните знаци за поголема безбедност.

663

Директорот на Државни патишта Коце Трајановски изјави дека ги детектираат црните точки по патиштата и оти се во координација со МВР за нивно подобро означување. Апелираше и до граѓаните да внимаваат на сообраќајната сигнализација на патиштата.

За експресниот пат Градско-Прилеп каде за неколку месеци од пуштањето во употреба има пет жртви, Трајановски рече дека ќе има нова подобрена сообраќајна сигнализација.






– Тоа е еден од новите патишта што ги пуштивме во текот на изминатава година, сето тоа е направено според законски важечки прописи. Но, со оглед на тоа дека имаше повеќе жртви на овој пат, ние веќе направивме проект и тој е даден во Министерството за транспорт. Очекуваме за многу краток период да биде одобрен од Министерството по што ќе пристапиме кон поставување нова сообраќајна сигнализација за којашто сметаме дека ќе ги намали сообраќајните несреќи со што ќе се намалат шансите за евентуални жртви – рече Трајановски во гостувањето на „Вести плус“ на Канал 5 телевизија.

Во однос на лошата состојба на скопската обиколница, Трајановски рече дека наредната година се планира нејзина поголема реконструкција.

– Гледаме да ги детектираме сите овие критични точки, и најнапред на нив да реагираме. Кај клучката Хиподром имаше лоша состојба на патот – тоа веќе го решивме, кај хотелот „Белви“ ја решивме, а за обиколницата, којашто е приоритет, правиме проект согласно кој би требало да се направи една малку поголема реконструкција и за тоа правиме проекти. Сметаме дека таму треба да го решиме со кредити. И за тријаголникот Миладиновци-Петровец-Хиподром сме во преговори со Светска банка и други банки. Се надеваме дека следна година ќе почнеме со нивна реконструкција – рече Трајановски.

Посочи и дека во земјава се прават нови патишта, додека старите не е одржуваат, додавајќи дека мора да се одвојуваат повеќе средства од буџетот на ЈПДП и од Владата за одржување на постојните патни правци.

За состојбата на сообраќајните знаци на патиштата и дека има населени места коишто воопшто не се одбележани, рече дека се работи на тој проблем и оти се надева дека следната година ќе се реши.

Прашан за работата на автопатите, Трајановски рече дека во моментот се работи на три делници од договорот со „Бехтел и Енка“, а тоа е Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани. Потсети дека е пуштен еден дел од делницата од автпатот Кичево-Охрид што го гради кинеската компанија Синохидро и најави дека многу скоро ќе биде пуштен и вториот дел до Охрид.

Поврзани содржини