Црни сенки над Македонија
Почитувани пратеници, мои поранешни сопартијци од СДСМ, имам само една, светиклиментова порака до вас: „Немојте при очи да бидете слепи!“
Откако почна агонијава со фамозниот француски предлог, постојано, и дење и ноќе, во моите мисли се врзмат една те иста мантра: „Nevermore!“ (така ја пишува неповторливиот Гане Тодоровски во својот генијален препев).
За оние кои подзаборавиле, оваа синтагма, која, по нашински, значи „Никогаш повеќе!“ е црниот рефрен во безвременската, уникатна и единствена поема „Гавранот“ („Гарванот“ во препевот на Тодоровски) од славниот и несреќен американски писател и поет Едгар Алан По (1809-1849).
Како се наближува „судниот ден“ за прифаќање или отфрлање на овој понижувачки предлог, така мантрата станува понеподнослива.
Кога ги гледам илјадниците граѓани како секојдневно протестираат и кога ги читам писанијата, апелите, молбите и потписите на стотиците знајни и незнајни интелектуалци, академици, поети, писатели, професори, новинари, тогаш, со олеснување, мантрата ја толкувам како милозвучна порака: „Никогаш повеќе Македонија и Македонците нема да дозволат: понижувања, негирања, разнебитувања, одродувања, откорнувања..!“
Но, кога ги гледам и слушам, пак, оние кои се платени да ја водат (во провалија) Македонија и кога се присетувам што се случувало и кој беше „главен“ на Париската мировна конференција од 1919 година (Жорж Клемансо) и што пишува и кој „стои“ зад Францускиот предлог (Емануел Макрон), тогаш, истата таа мантра, почнува апокалиптично да ѕвони и да се заканува дека: „Никогаш повеќе Македонија и Македонци!“
За туѓинците, посебно оние „големите“, за нив се, како летен, проѕирен охридски ден, е кристално јасно.
Интерес, интерес, интерес и, апсолутно, ништо друго.
За „нашинците“, оние кои ја „водат“ нацијата кон самопоништување!? Е, за нив, најискрено, не знам, за нив прашајте го Фројд!
„Во декемвриска вечер касна…“ Едгар Алан По водеше дијалог со сениште црно, со гавран еден. Епилогот, за жал, беше црн и трагичен.
Во јулски денови, врели и светли, Македонија води дијалог со сеништа (гаврани) и домашни и странски. А, што друго после сѐ ова што се прави, освен: Боже, спаси ја Македонија!
Почитувани пратеници, мои поранешни сопартијци од СДСМ, имам само една, светиклиментова порака до вас: „Немојте при очи да бидете слепи!“