Црни луѓе

Етерот кај нас деновиве просто рее од лаги и омраза на црните луѓе, од нивните грди зборови, подметнувања и манипулации, од воспалени навивачки грла на „пајтон интелигенцијата“ кои урлаат „уа нивни, браво наши“ иако тие „нашите“ не само што ја заглавија земјата во најголемиот криминал и корупција некогаш видени на овие простори туку се и најодговорни за сите спомнати трагедии.

392

Секое совремие веќе утре се претвора во историја – „црна“ или „бела“, секоја наша денешна акција веќе утре ќе предизвика некаква реакција, а на подолг рок и историски одговор, позитивен или негативен. Како што впрочем и ни се случува. Но многумина од нас не се грижат за тоа. Мислат – поточно „мислат“ – дека има само една реалност пресликана во некаква „вистина“ – онаа нивната, и дека баш сѐ мора да биде подредено на истата. Без оглед што таа „вистина“ и таа „реалност“ остава неморални, грди, бесрамни… а некаде и крвави траги во времето. Кочани, на пример, но и Тетово, Ласкарци, Струма… оние жртви припишани на КОВИД-от но не и на очајно лошо организираното и водено здравство, махинациите со вакцините итн.

Етерот кај нас деновиве просто рее од лаги и омраза на црните луѓе, од нивните грди зборови, подметнувања и манипулации, од воспалени навивачки грла на „пајтон интелигенцијата“ кои урлаат „уа нивни, браво наши“ иако тие „нашите“ не само што ја заглавија земјата во најголемиот криминал и корупција некогаш видени на овие простори туку се и најодговорни за сите спомнати трагедии. Ама црните луѓе се тука тоа да го спинуваат, па контраспинуваат, па да го превртат наопаку… и сите во еден глас да реват – правда и одговорност!






Која правда кога истрагата – најобемна досега, со најголем број приведени лица – не е завршена, а судењето ниту започнало? Бараат ли улична правда „праведниве“, сакаат да бесат луѓе, особено актуелни функционери, на некој плоштад? Тоа ли е нивната правна држава којашто ја бараат сега ама не ја бараа ни за Тетово, ниту пак за Ласкарци, Струма, за оној епохален грабеж што траеше цели седум години…? Како божем тие жртви – а беа повеќе од 62 – немаа родители, роднини, познати, пријатели… да кружат низ земјава и да бараат „правда“? Каква црна улична правда бараат поттикнувачиве? И со кој образ ја спомнуваат дури и Србија?

Ама такво нешто не можело кај нас да се случи бидејќи „Страховладата ја држи под контрола ситуацијата“! Па зарем сериозно го мислат народов улав? Пак ли ќе излегува на улици за да сега на врат му се качат наследниците на Заев и Шеќеринска? Згора на тоа, истите црни луѓе кои седум години беа слепи и глуви, кои ги одмолчеа сите криминали на бившата „прогресивна“ коалиција, сега ги обвинуваат другите – за молк. А нивните црни „храбри исчекори“ биле жигосувани како скриена политичка агенда. Е па што друго е повикот на јавен линч, на обвинување без истрага и судење, на партизирана (не)одговорност…?

А всушност, тие молчат секогаш кога нивните газди се на власт. Такви беа и пред 1992 година. Режимски молчаливци, но плачливо гласни кога приходите секнуваат. Типични локални паланечки испрдоци во форма на кафеанско-малигански мудрарии, подло фарисејство par excellence. И сето ова нивно повикување на некаква правда нема ама баш никаква врска со некакво „рацио“, уште помалку со опозиционерство или застапување на некакви независни ставови. Тоа се чисти конструкции целени кон подривање на новата власт токму заради фактот што не е нивната, кон создавање конфузија не само во локалната јавност туку и во регионални и меѓународни рамки. Кутрите, мислат дека некој уште ќе ги „игра“!

И како тоа на нивните смешни но наводно реторички прашања, секој одговор или заклучок е одвишен? Ама немаа слични „реторички прашања“ ни вчера, задвчера, пред година-две, пет…? Тогаш одговорноста не беше социјална категорија, моралот не беше култура, башибозукот беше од Господа даден „систем“! И беше одлично. За некого, онака без одговорност кога и други луѓе гореа како факели, кога гинеа во автобуси пуштани на невидено во сообраќајот, па дури и преку граница? Ама сега сакаат „прогресивно“ да бесат, без обвинение, без суд, онака – според нивната „демократска“ правд!?

Таква „демократска“ правда (велат) практикувал и оној Рој Бин, на некогашниот Див Запад. И имал само една пресуда за сите злодела: бесилка. Ама барем бил судија. Нашиве „демократски“ шушумиги се сметаат самоповикани да бесат и без судење зашто  не можеле да го трпат „државното молчење, негирање или технократско ’раководење’со трагедијата“. Види богати. Значи власта – или уште подобро: улицата! – треба да беси, а по потреба и – да коле? А тие би сакале тоа да се пренесува во живо, на некоја од нивните омилени национални телевизии? Е па таква ли власт подготвуваат кога ја спомнуваат Србија?

Се разбира, таквите црни ликови треба да се остават на тоа дно да се варат самите, но тоа и такво македонско секојдневие станува пренапорно, реалноста растеглива во многу аспекти, подметнувањето на обвинувања злонамерно и обесхрабрувачко, што де факто е и конечната цел на овие клиентелистички еквилибристики. И секогаш успеваат како крлежи да се закачат за некои несреќници, да злоупотребат нечија трагедија и жалост… И цицаат, цицаат…

А сепак, сето тоа веќе утре станува некаков, каков-таков дел од оваа современа историја којашто некој, во догледна иднина, ќе се обиде да ја систематизира и изучува, па и толкува. Но прашање е што всушност ние создаваме денес: историја или патологија? И како овие нешта, овие неморални траги во времето, ќе бидат видени во догледна перспектива: како некаков конструктивен обид за корекција на совремието или како клинички примери на деструктивна хистерија во делови од општеството?

Зашто, повторно, ако некој сето ова сака да го види како барање некаква правда, или како изблик на демократија, слобода на мислење и говор, како критичка опсервација на случувањата во државата и нејзините политики а не како малоумно профитерство и политикантство, тогаш таквите „слободоумни стандарди“ би морале да бидат применети и на редица други барем еднакво важни трагедии односно настани што дефинитивно остануваат – прикриени. А тие, барем за историјата, оваа современата и идната, претежнуваат на „вагата“ на критичкото промислување, иако тогаш и сега остануваа(т) без реакција!

Сакам да кажам: не можете денес, и само денес, да барате некаква правда ако не сте ја барале и вчера, за исти случаи; не можете денес да протестирате ако тоа не сте го правеле и вчера, кога некои други трагични жртви биле во прашање; не смеете да вревите и пцуете само кога се во прашање „вашите“, но не и другите…! Само тоа е морал, само тоа е култура, одговорно однесување, правда… А такви „други“ има(ло) многу, дури ги има бројно повеќе и од жртвите на оваа трагедија. Но таа, бројноста, се разбира, не е никакво мерило за трагедиите. Но и протестот не е мерило за правдата, колку и да е оправдан. Правната држава, ако толку ја сакаме и ја бараме, има процедури по коишто постапува. Затоа и се вика – правна држава. Но ако тие процедури се прекршени, ако постапките не се спроведени, ако судовите се покажале некомпетентни или навивачки…, тогаш секој протест, секој револт ќе биде оправдан.

Но тоа овде, барем засега, не е случај, нели?! И тоа ли им пречи на овие „прогресивни“ потпалувачи на револтот, на онаа квази-интелигенција којашто себеси се гледа како некој што „одбива да молчи“?

И, се разбира, токму тоа одбивање да се молчи но секогаш, секаде и за секоја неправда, го разликува интелектуалецот од пезевенкот, правдољубивиот од подмолниот, моралниот од неморалниот, слободниот дух од заробениот ум… А вие не сте тие, „драги мои“!

П.С.

И, да ја парафразирам Арент: што ако сето ова нема врска – а нема – со чесни, правдољубиви, слободоумни, идеолошки… аспекти  и човекови права, што ако станува збор за опседнатост со власт од страна на неталентирана криминогена група и нивната желба да приграбат дел од државата само за себе?

 

Поврзани содржини