ЦРНА НЕДЕЛНА СТАТИСТИКА Од 124 починати, 97 биле невакцинирани
Најголем дел од починатите имале кардиолошко заболување, потоа следат дијабет, белодробно заболување, обеситас, заболување на тироида, ХОББ или комбинација од некои од овие болести.
Во периодот од 15 до 21 октомври починале 124 пациенти со ковид-19, од кои повеќе од 78% биле невакцинирани, соопшти денеска Министерството за здравство. Од вкупно починатите пациенти во тој период, 97 лица биле невакцинирани, а само 27 примиле вакцина и ревакцина.
Еден пациент е вакциниран со вакцина на „Фајзер“, двајца со „АстраЗенека“, шестмина примиле вакцина „Синовак“, 16 пациенти примиле вакцина од производителот „Синофарм“, двајца пациенти биле вакцинирани со вакцината „Спутник V“.
Министерството за здравство информира и за возраста и за хроничните заболувања што ги имале пациенти, кои починале со ковид, a биле вакцинирани.
Најголем дел од починатите имале кардиолошко заболување, потоа следат дијабет, белодробно заболување, обеситас, заболување на тироида, ХОББ или комбинација од некои од овие болести.
Министерството за здравство во вторник ја објавува неделната информација за починати лица со ковид-19 кои биле комплетно вакцинирани, какви хронични заболувања имале починатите и колку од нив со каков тип вакцина биле вакцинирани. За комплетно вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози вакцина, а од ревакцинацијата поминале повеќе од 14 дена.
Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 7.739 дози вакцини, од кои 748 се аплицирани како прва доза, 1.629 се ревакцинирани, а 5.362 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 25 октомври вкупно се вакцинирани 801.988 граѓани, ревакцинирани се 771.165, а трета доза примиле 15.851 граѓани. 54% од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57%, а со две дози опфатени се 46% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.