ЦРНА ГОРА ПРВА ВО „ДИЛАЊЕ“ ДРОГА ВО ЕВРОПА Во земјата се вкрстуваат сите балкански „шверцерски рути“
Црна Гора главно служи како транзитна зона, без разлика дали станува збор за дрога, оружје или трговија со луѓе, се вели во извештајот за земјата. Пазарот на кокаин е контролиран од неколку мафијашки групи, особено клановите „кавачки“ и „шкаљарски“, се наведува во извештајот.
Црна Гора е прва во Европа и на 14-то место во светот кога станува збор за трговија со дрога, вели ранг-листата на Глобалниот индекс за организиран криминал. Земјата е главната влезна точка за кокаин шверцуван во ЕУ, преку Балканот, претежно од Латинска Америка, јавува МИА.
Кавачки и шкаљарски кланови
Црна Гора главно служи како транзитна зона, без разлика дали станува збор за дрога, оружје или трговија со луѓе, се вели во извештајот за земјата. Пазарот на кокаин е контролиран од неколку мафијашки групи, особено клановите „кавачки“ и „шкаљарски“, се наведува во извештајот.
Се наведува дека хероин од Албанија и Косово се шверцува за Србија и земјите од Европската унија и дека криминалните групи поврзани со тие дејности се карактеризираат со одредено ниво на насилство.
Марихуаната најмногу бидува запленета
„Марихуаната исто така се криумчари преку Црна Гора од Албанија во Србија и БиХ. „Најголемите заплени на дрога се канабисот, кој е најконсумиран во земјата“, стои во Глобалниот индекс за организиран криминал.
Црна Гора е и четврта во Европа по криминал, а следат Русија, Србија и Украина, јави РТЦГ. Кога станува збор за отпорот кон криминалот, како што е наведено во Институтот за алтернативи, од 44 европски земји, Црна Гора е на 38-мо место и 112-то место во светот.
Има три рути по кои се движи оружјето
Кога станува збор за нелегална продажба на оружје, Црна Гора е една од најважните транзитни рути во регионот, од Србија кон Блискиот Исток, од Русија до Северна Африка (претежно до Либија) и од Балканот до Западна Европа, како и од БиХ до Србија и Косово.
„Оружјето најчесто се шверцува со легален товар во приватни возила“, се вели во извештајот.
Политичарите и тајните служби се ортаци со „дилерите“
Меѓутоа, како што се наведува, трговијата со оружје се намалила во 2017 и 2018 година, бидејќи криминалните групи се свртеле кон шверц на цигари и дрога.
Во извештајот се дадени и податоци за трговија со луѓе. Од 2015 до 2019 година биле идентификувани само 22 жртви, но формите на трговија со луѓе и ропство во служба на компјутерскиот криминал стануваат сè пософистицирани.
Во извештајот се наведува дека државните службеници се вмешани во криминал и дека припадниците на полицијата, тајните служби и политичарите им обезбедуваат заштита на криминалците.