Aмбасадорот на Србија во Црна Гора, Владимир Божовиќ е прогласен за „персона нон грата“ и од него е побарано да замине од Црна Гора, соопшти црногорското Министерство за надворешни работи.
Во согласност со членот 9 и на 41 на Виенската конвенција за дипломатски привилегии и имунитет, Министерство за надворешни работи на Црна Гора денеска го прогласи амбасадорот на Република Србија во Црна Гора, Владимир Божовиќ го прогласи за персона нон грата и побара тој да замине од Црна Гора, се наведува во соопштението.
Како образложение за таквиот чекор се наведува „долго и континуирано мешање во внатрешните работи на Црна Гора, однесување и и изјави неспоиви со вообичаените и прифатливи стандарди за извршување на дипломатската функција“. Официјална Подгорица тврди дека Божовиќ повеќепати бил усно и писмено предупреден за неговото неприфатливо однесување.
– Амбасадорот Божовиќ вчера нелегалното и нелегитимно Подгоричко собрание од 1918 година го нарече ослободително и слободна волја на црногорскиот народ, со што уште еднаш, на најдиректен начин ја омаловажи државата која му пружи дипломатско гостопримство – се наведува во соопштението на црногорското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се истакнува дека Божовиќ на таков начин го понижи законодавното и претставничко тело – Собрание на Црна Гора, кое на 29 ноември 2018 година усвои Резолуција за поништување на одлуката на Подгоричкото собрание, со која беше укинат дотогашниот суверенитет на Црна Гора, а нејзината територија припоена кон Кралството Србија и насилно беше детрониизран кралот Никола Петровиќ Његош.
– Министерството за надворешни работи на Црна Гора со ова на вообичаен начин, со нота го извести српското Министерството за надворешни работи, а нота ќе му биде врачена и на амбасадорот Божовиќ – се посочува во соопштението.