ЦРНА ГОРА ЈА УКИНУВА „НЕДЕЛА НЕРАБОТЕН ДЕН“ Уставниот суд оцени дека е нарушен принципот на еднаквост на сите пред законот

Уставниот суд на Црна Гора одлучи врз основа на иницијативата поднесена од Синдикатот на работодавачи на Црна Гора.

217

Уставниот суд на Црна Гора го прогласи за неуставен и го укина членот 35.а од црногорскиот Закон за внатрешна трговија, кој го регулираше прашањето за неработните недели во продавниците.

Судот оцени дека оваа одредба ја нарушува слободата на претприемништво загарантирана со Уставот, како и уставниот принцип на еднаквост на сите пред законот, бидејќи на една група претприемачи, односно трговци, им било овозможено да вршат дејност во неделите и на државните и другите празници, додека на другата група ѝ било забрането тоа.






„Со тоа што дозволил една група претприемачи (аптеки, слаткарници, пекари, киосци за печат, продавници за сувенири, цвеќарници, продавници за погребална опрема, продавници за заштита на растенијата, бензински пумпи, пазари итн.) да работат, а другата не, ја ставил едната група бизнисмени во нееднаква положба во споредба со другата. Таквата забрана нема објективно и разумно оправдување, од перспектива на уставната обврска на државата да им обезбеди на сите претприемачи еднаква положба на пазарот“, се наведува во соопштението на Уставниот суд на Црна Гора.

Забраната за тргување во недела и на државни и други празници останува на сила до објавувањето на одлуката на Уставниот суд во Службен весник на Црна Гора.

Уставниот суд на Црна Гора одлучи врз основа на иницијативата поднесена од Синдикатот на работодавачи на Црна Гора.

Црногорскиот парламент го усвои Законот за внатрешна трговија, кој предвидува дека трговијата на големо и мало не може да се врши во недела и на државни и други празници, во јули 2019 година.

Поврзани содржини