„ЦИТРОЕНОТ“ ВОЗЕЛ КАКО ИЗГУБЕН Ѓорчевски се фокусирал на снимките во конкретни 5 минути и открил едно сомнително возило
Ги прегледувавме снимките од многу порано, но фокусот беше на тие 4 до 5 минути. Во зависност од тоа како ќе го пуштеа семафорот на Илинденска поминуваа во налет по 4 до 5 возила. Сомнително кај „цитроенот“ беше што се движеше бавно во споредба со другите возила, исфрлаше густ чад од ауспухот, што навестуваше дека е тазе запалено возилото. Целото беше замаглено и хаубата му беше замрзната. Делуваше како да тргнало од непосредна локација тука некаде од кај зградата – објасни Ѓорчевски.
„Цитроенот“ возел полека, како изгубен и без крајна дестинација за разлика од другите возила кои во критичниот период на 27 ноември 2023 година поминувале пред зградата на Вања, на улицата Наум Наумовски Борче, рече Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања, кој денеска одговараше на прашања на судијата Ивица Стефановски.
Кога дојде Гоце, кога почнавте да ги собирате снимките? – праша судијата.
– Гоце дојде во вторникот. Во понеделникот не ми даваа снимки, а во вторникот почнавме да ги собираме снимките, кои ги префрлавме на мобилен и ги гледавме дома на монитор со поголема резолуција. Во вторникот зедов снимки од фризерницата спроти влезот. Во средата јас обезбедив снимка од раскрсницата на Наум Наумовски Борче и Орце Николов, од кафулето „Синдикат“. Забележав дека камерата гледа кон улицата каде што би требало Вања да помине. Газдата без двоумење ми ги прати снимките. Зорица обезбеди снимки од седиштето на Окта на Партизанска, а јас отидов на стикче да ги земам снимките. Во вибер групата со родители добив снимки од штедилницата „Папилин“ која е на Партизанска. Толку, од тие 4 места обезбедив снимки, од фризерницата, од кафулето, од Окта и од штедилницата – рече Ѓорчевски.
Тој рече дека веднаш забележале дека кај „Фитнес хаус“ ѝ го снемува сигналот, а таа дотаму не би можела толку брзо да стаса пешки.
Како утврдивте од толку возила кои поминуваат дека токму „цитроенот“ е сомнителен – праша судијата?
– Според времето каде што е последен пат е евидентирана. Кај „Фитнес хаус“ беше во 7.37 часот и ја даваше офлајн. Зорица ми кажа дека Вања излегла околу 7.24 часот. Откако во вторникот утврдивме дека пешки не се појавува, се фокусиравме на возилата. Некое средно време, кое би било потребно со возило да се стаса од кај фризерницата до „Фитнес хаус“ е околу 7.28 или 7.29 минути, до кај 7.31 или 7.32 минути. Ги прегледувавме снимките од многу порано, но фокусот беше на тие 4 до 5 минути. Во зависност од тоа како ќе го пуштеа семафорот на Илинденска поминуваа во налет по 4 до 5 возила. Тоа што беше сомнително кај возилото „цитроен“ што се движеше бавно во споредба со другите возила, исфрлаше густ чад од ауспухот, што навестуваше дека е тазе запалено возилото. Целото беше замаглено и хаубата му беше замрзната. Делуваше како да тргнало од непосредна локација тука некаде од кај зградата – објасни Ѓорчевски.
Значи ви стана сомнително врз основа на густиот чад и замрзнатата хауба? И се движеше поразлично од другите возила. Како поразлично? – праша судијата.
– Да. Па сите други возеа како да имаат крајна дестинација и цел, а ова возило возеше како изгубено. Се движеше полека, за разлика од другите – рече Ѓорчевски.
Тој рече дека пратил две СМС пораки на телефонот на Вања, попладнето.
– Првата порака гласеше: „Сѐ што ќе побарате, сѐ ќе направиме“. Подоцна ми текна да додадам уште една порака, која гласеше: „Од родителите“. Со надеж дека ќе го вклучат мобилниот телефон на Вања и пораките веднаш ќе им се појават – рече Ѓорчевски.