Циркузантство
Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува делови од негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело.
РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“ на 31.07.1999 година)
Многумина што редовно ме читаа во средите ми се јавуваа (или при средби на улица ми се обраќаа) да ми кажат дека, наводно, многу им недостигале моите колумни во ДНЕВНИК. На сите по ред им ја раскажував (и сè уште им ја раскажувам) следнава приказна: го гледам еден ден вечерниот дневник на МРТВ-ата и што да видам – Циле Национале држи трибина во Домот на културата во Штип. Позната ми е салата. Таму и Лигата за демократија, на почетоците од плурализмот, се обиде да ги освои срцата на Штипјани. Во салата имаше стотина луѓе и воопшто не ми изгледаа многу загреани за идеите за правна држава по европски терк. Сега гледам во екранот и не можам да им верувам на очите: за Циле дошле стотици и стотици Штипјани. Се изнапикале и во пасажите меѓу блоковите. Ги има толку многу што “нема куде игла да падне” (што велат Кумановци). Народ желен за приказни од Далечниот Исток. Истиот момент решив да му откажам на ДНЕВНИК: нема смисла, не е човечки, да им го расипувам ќеифот на толку многу луѓе, што го голтаа секој Цилев збор.
Престанав со колумните и се фрлив на преведувањето на Пруст. Тој ми е стара љубов. На времето, кога исто толку непромислено војував против т.н. “вербален деликт” и кога сите ми велеа дека за таква работа некогаш се одело на еден романтичен јадрански остров, јас си мислев вака: Добро де! Да речеме дека денес не ми гинат 3-4 години! Управник на Идризово тогаш беше мојот пријател Цане Стојановски. Ќе го замолам да ми даде едно сопче во “вилата” покрај Вардар, за три години ќе ѝ го подарам на македонската литература големиот циклус на Пруст “Во потрага по загубеното време” (петнаесетина томови).
Арно ама, не даде Господ! Д-р Владо Камбовски, мојот ученик по кривично право и главен партиски “обвинител” во случајот Марјановиќ (сите тогаш се определуваа меѓу Марјановиќ и Камбовски и, се разбира, главно се определија за неговата велеученост, а против моето циркузантство; кој не верува нека ја прочита мојата сотија СТРУЧЕН ТРУД, па ќе се увери), стори сè што непогрешливата Партија бараше од него, но до затвор не втасав. И сè заврши со една партиска опомена, по која, јас демонстративно го напуштив СКМ. А се знае што бидува кога јас ќе излезам од некаде: сè пропаѓа зад мене. Се палат основни училишта (кумановското), се уриваат гимназии (Ј. Б. Тито, на местото на денешната Влада) и факултети (Правниот факултет на местото од големиот паркинг пред Хотел ГРАНД), судски бараки, касарни. Таа несреќа не можеше да ја одбегне ни СКЈ. Штом си излегов од него, тој се распадна, а со него и Југославија.
Неуспехот на моите партиски другари, меѓутоа, беше наедно и голема штета за македонската литература. Јас не отидов в затвор и Пруст остана непреведен. Е сега, кога видов дека иднината на македонскиот народ е во сигурни раце (Циле, Владо и Саво Климов, кој во меѓувреме стана “Климовски”, што никогаш не му го простив), решив да му се вратам на Пруст. Убаво напредувам со преводот, иако не сум многу сигурен дека ќе ми успее да го објавам (барем не на државен трошок): за парите во издавачката дејност треба да одлучи мојот некогашен пријател д-р Димитар Димитров со кремот на македонштината претставен во лицето на Србин Младеновски, човекот што на времето ја промовираше Лигата за демократија во Гостивар, а сетне, иако ич не му личи на името, одненадеж реши да се бугарчи (и Бога ми, со помош на д-р Димитров, а за доброто на мајка Б’лгарија, сосема убаво напредува). Туку, јас не се давам! Што сум намислил ќе биде (ако е Божја волја!). Имам доста пријатели, ќе собираме пари наоколу, па ако не дадат ѓоа-најМакедонците, ќе дадат некои продадени (небугарски) души! А Македонија Пруст ќе го има!
Целата колумна прочитајте ја на следниот ЛИНК.
***
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.
Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1000 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.