Циркусот одамна е почнат

Оваа жална слика, секако, историски погледнато, не е нова. Трае кај нас минимум два века. Ама која полза од историјата кога нема кој да ја чита? Овие читаат стрипови и пароли на Заев и на Шеќеринска. Барем да ги читаа говорите на Црвенковски!

106

Некој спомна дека не само со последните „превирања“ во куќнион совет составен од отпадоците на некогашната сдсм (малите букви се…), туку и со вкупната страотна поларизација на политичките сили во државава, кај нас дефинитивно започнува циркусот. Со што јас сепак не би се согласил бидејќи мислам дека циркусот започна уште во онаа 1992 година и инсталацијата на старо-новиот соцреалистички систем како наша замена за очекуваната демократија, па оттогаш се нижат само одделни – повеќе или помалку интересни – циркуски точки што го дополнуваат општиот циркузантски впечатокот.

Сега се во ек две: извештајот на ек (малите букви се…) и растур-системот во куќниот совет.






Не знам вие, но јас просто „уживам“ во настапот на булументана на куќнион совет и неговата вештачка интелигенција како отворено ја „хејта“ сопствената држава, како не може дури ни да се воздржи од скандирање – поправо оргастички делириум – во полза на извештајот на ек (малите букви се…), само заради фактот што сега веќе не се власт оние нивнине бараби, туку некоја друга политичка опција со поинаков фокус на нештата во и вон државава. И простациве се фатиле на оро, ракоплескаат, играат и пеат како што правеа на отворањето на оној тунел на автопатот пред 7-8 години. Само што тој не беше нивно дело, а извештајов во голема мерка е резултат токму на нивното дивеење во државава, без оглед дали тие го признаваат тоа или не! Па дури советуваат и дека требал да биде и пооостар – човек ќе си рече дека повикуваат и на санкции против државава – сѐ со цел докрај да ја понижат сопствената земја, да измислат и непостоечки ѓаволи кои, демек, заседнале на власт и им ги реметат плановите на лојалните еврофили во Македонија, оние кои веднаш би ставиле потпис не само на „Бугарите во Устав“ туку и на забрана за постоење на сите партии што не мислат како нив.

Оваа жална слика, секако, историски погледнато, не е нова. Трае кај нас минимум два века. Ама која полза од историјата кога нема кој да ја чита? Овие читаат стрипови и пароли на Заев и на Шеќеринска. Барем да ги читаа говорите на Црвенковски!

Сега навиваат за Молдавија, за Албанија… за држави – без намера за потценување – испилени од којзнае кој круг на автократскиот комунистички пекол. Па ги знаат дури и молдавските вина! И ги воодушевува оваа и ваква еу која веднаш ја кооптира Молдавија во Извршниот одбор на УНЕСКО и во сите тела на еу, ракоплескаат за земја (со должно извинување) вчера излезена од 19. век, притоа плукаат на сè што се случува овде, а не е производ на „нивните“, на оние политикантски шарлатани во автократската врхушка на нивната банда!

Да, некој ова можеби и го разбира и го поддржува, некој кој не е само член или симпатизер на овој и ваков куќен совет и неговата придружна вештачка интелигенција исплашена за сопствената егзистенција, и јас немам ништо против тоа. Не сум мислел, и не мислам, дека и во овој и ваков куќен совет нема посветени партиски членови сè уште верни на социјалдемократската идеја. Ама таа кај нас одамна е мртва, не само од времето на нејзиното континуирано егзекутирање уште од оној „тенкистон“, па Заев, Шеќеринска и Ковачевски… Филипче само ги доубива трошките!

Но, засега ќе остане тајна што е тоа што ги движи луѓето во оваа „партија“ кон ваков однос кон државата, каква е таа мотивација за таква и толкава омраза којашто не е, не може да е упатена само кон владеачката коалиција? Дури и недобронамерната критика не крие во себе таков степен на отворен отпор, завист, непочитување…, но и „ан блок“ одбивање да се види дека и овој извештај, како и многу претходни, е само уште една форма на политичко условување и уцена, уште една алка во ланецот на културната војна против Македонија. Во којашто токму сдсм, заради сѐ уште „непознати“ причини, непринципиелно се става на страната против сопствената држава. И зарем навистина не можат да го видат општото расположение во државата во однос на потенцијалните безусловни уставни измени, туку единствено се гледаат себеси назад на кормилото на власта?

*

Или, ако сакате, кога го читаат фамозниот последен извештај на уште пофамозната ек, зошто ги прескокнуваат оние зборчиња и назнаки што многу кажуваат токму за нив, а помалку за оваа власт. Зашто, ако оние напишале, на пример, дека „Корупцијата останува распространета во многу области (…)“, зарем она „останува“ не упатува баш на нив, зашто не може да „остане“ нешто што не постоело? А во нивните седум години таа не само што постоеше туку беше систем, или токму „системска дегенерација“, како што сега мудруваат. Или, ако ек вели дека трагедијата во Кочани „откри трајни системски предизвици во врска со спроведувањето на антикорупциските мерки“, она „трајни“ на кого се однесува? И што е потрајно, седум години или година и половина?

Или, зарем не им е срам да говорат за владеење на правото, за судовите и обвинителството како „оперирани од интегритет“? Па кој ги „оперираше“? Нивните „хирурзи“ или некои дојденци? И заборавија ли што неодамна еден пратеник му порачуваше на нивниот јавен обвинител? Дека „од него зависи дали ќе биде со штитот или на него“. И каква форма на притисок е ова, за чија „лојалност“ и кон кого говориме, и кој тука е слуга, а кој господар…?

*

И сега, дали никулецот на сомнежот почнува да се појавува кај еден дел од врхушката и членството, дали тука се крие најавата за бунт во заевистичкиот бедем на глупоста во оваа „партија“? Зашто, продолжувањето по досегашниот курс дефинитивно носи пропаст, комплетно раслојување до распад на внатрешни опозициски ограноци, на фракции и/или безначајни партиски групички? Не, зашто – барем според посочените ликови кои, наводно, бараат некакви промени – таа и таква смена би била само на полошо! Зошто? Затоа што станува збор за еднакво, ако не и позакостени умови, за кариеристи и неспособни политиканти веќе видени во врвот на сдсм, кои не можат да согледаат ни што се крие зад првиот агол на домашната политичка сцена, не пак да се носат со меѓународната политика, со неопходните реформи и слично. Тоа би било само „курто наместо мурто“, или обратно, и ништо повеќе.

Запрепастува фактот што во едно некогашно сепак образовано (но за жал соцреалистичко) милје не остана ни грст разумни интелектуалци, луѓе со пошироки политички и историски погледи кои можат да внесат промени во таа „партија“. Потиснати од актуелната вештачка интелигенција, тие изгледа целосно се повлекоа. Што не може да им се забележи зашто оние другите мелат сè пред себе.

Затоа впрочем досега не се најде еден, барем еден да се спротивстави на убиствената болшевичка порака на Филипче после катастрофата на локалните избори дека „и за пораз и за победа никогаш не е на еден одговорноста, секогаш е колективна“! Кога таков ортодоксно ретрограден дух и понатаму провејува во овој и ваков куќен совет, таму не може да има никакви поместувања, особено не од оние посочени како иницијатори на промени. Таквите прво мораа(т) да кренат глас против болшевичката флоскула на нивниот лидер, па потоа да се самопрогласуваат за некаков нов развигорец во сдсм.

Но, колку за показ, симпатизерите нека ги читаат нивните „високоумни“ препукувања, навредите својствени на најдолниот сдсмовски бувљак во борбата за превласт во куќниот совет, како си префрлаат „мешетарења“, „заткулисни маневри и кафеански озборувања“…, коишто, за жал, се апсолутно точни.

И после сè, некој од овие ќе се осмели да бара доверба од гласачите? И да иницира реформи, внатре во партијата и во државата?

Поврзани содржини