Циркусот на Трамп
САД и Кина можат толку многу да си наштетат, а со тоа да му наштетат и на светот, што едноставно се осудени да седнат на маса и да се договорат како понатаму.
Една недела откако Доналд Трамп му објави војна на светот, за среќа засега само трговска, наеднаш, циркусантски и со огромни сомнежи за постоење на коруптивни зделки, ја повлече одлуката за „реципроцитетните“ царини, и го врати конфликтот во една потрадиционална димензија – како судир помеѓу САД и Кина. Судирот се одвива на три конвергентни полиња: дуелот околу царините, влијанието врз другите земји и судирот околу новата глобална рамнотежа, пишува Игор Мицковски за Дојче веле.
Посочена како нацијата која е највиновна дека „преку царини нѐ ограбува веќе 30 години“, Кина беше погодена со зголемување од дури 125% на царините за нејзиниот извоз, на што Пекинг возврати со 84% царини (кои од утре, 12 април, ќе изнесуваат 125%) и силна внатрешна девалвација на јуанот, со што кинеската валута го допре својот минимум од 2007 година. Оттука, двете супер сили и гиганти на светската економија се соочуваат во еден драматичен натпревар од кој тешко дека некој може да излезе како победник. Трамп и Ши Џинпинг сѐ уште одржуваат релативно добро ниво на заемно почитување и тоа ни кажува дека постои можност за договор, затоа што на ниедна страна не ѝ одговара премногу да го исфорсира дуелот и да останат во перманентен директен судир.
Но, прво да видиме зошто Трамп нагло ја промени одлуката за царините кон остатокот од светот? Трамп јавно кажа дека многу луѓе се исплашиле, па тој одлучил да ја стопира одлуката. Тоа не е баш вистина. Доверливи извори од „Њујорк Тајмс“ и „Фајненшел Тајмс“ тврдат дека Трамп се уплашил кога јасно – и верувам пластично – му објасниле дека глобалните царини може да доведат до комплетен крах на американскиот финансиски систем.
Поточно, тоа му го објаснил Министерот за финансии, Скот Бесент, „единствениот возрасен во просторијата“ кој важи за ретко разумна глава во опкружувањето на Трамп. Притисоци кон Трамп дојдоа и од Илон Маск, но и од целата галаксија на МАГА советници, блогери и инфлуенсери, кои пак, што јавно, што приватно ја критикуваа лудата и непромислена одлука на американскиот претседател. Кога конечно му доловиле дека ја носи Америка кон амбисот, во реалноста – Трамп е тој што испаничил и се уплашил, па ја повлекол одлуката.
Борба за доминација со светот
Во однос на Кина, Трамп ја задржа строгата линија, затоа што наводно Кинезите не покажале почит?! Од кој аспект? Од аспект дека на првото американско зголемување на царините одговориле со репресалија, па и тие ги зголемиле. Наративот на Белата куќа, кој не држи вода, е дека американските зголемувања на царините биле еден генијален потег за да создадат тензија (притоа горејќи трилиони долари на Берзата за 72 часа) и дека требало да послужат како стимулација за урамнотежување на платниот и трговскиот биланс помеѓу САД и остатокот од светот. Оттука, земјите кои не одговориле со зголемување царини или се нафатиле да го „бакнуваат задникот“ на Трамп, добија награда и одложување од три месеци, додека Кина, која си дозволила да одговори, доби уште поголема казна.
Но, во суштина овој наивен наратив за правдање на Трамп е само димна завеса. Во овој дуел влогот е многу поголем и тој се однесува на ривалитетот помеѓу САД и Кина во 21-от век. Тука борбата е за доминација со светот, не само на економски план, туку и на политички и на воен, со прашањето Тајван кое стои на хоризонтот: доколку Пекинг се одлучи на инвазија би можела да почне Третата светска војна. Некои стратези и аналитичари предвидуваат дека тоа може да се случи до крајот на оваа деценија. Но, настрана тоа, Трамп не сака после 19-от век, кој ѝ припаѓаше на Британската империја, 20-от, кој беше векот на Америка, 21-от век да се претвори во векот на Кина, или во најмала рака – во векот на Азија. Трамп не сака Кина да се претвори во „фабриката на светот“, земјата каде сите добра ќе се произведуваат по ниска цена, за да се извезуваат насекаде. Вистинското прашање е дали трговската војна на Вашингтон против Пекинг е вистинскиот начин за да се избегне едно такво сценарио?
Трамп ѝ отвори на Кина незамислива можност
Двајцата најавторитативни економски коментатори во светот, Мартин Вулф и Томас Фридман негуваат сериозни сомнежи во постапките и одлуките на Трамп. Вулф аргументира дека глобализацијата, покрај тоа што извлече повеќе од половина од човештвото од сиромаштија и мизерија, фактички и го гарантира светскиот мир. Кина и Америка, или Кина и Западот, се толку многу меѓусебно поврзани, што секоја идеја за нивна конфликтуалност е драматично штетна, без оглед дали е тоа на економски, политички или воен план. Тоа не значи дека идејата за урамнотежување на трговијата помеѓу САД и Кина, особено преку елиминирање на кинеските пречки за западниот извоз, не треба да биде реалистичка и исправна цел, но и дека таа цел треба да се постигне преку преговори и договори.
За во тоа да се успее, Фридман сугерира поинакви чекори и одлуки од оние на Трамп. Според Фридман, Америка требаше да направи заеднички фронт со своите сојузници: со ЕУ, Велика Британија, Јапонија, Канада, Австралија, Нов Зеланд, обидувајќи се притоа да ги придобие и земјите од Глобалниот Југ, од Бразил до Индија, и така заеднички да изврши притисок врз Кина. Наместо тоа, што направи Трамп? Ја навредуваше Европа и ЕУ, која наводно била создадена за да ја „зафркне Америка“, па ѝ се силеше на Канада која требало да стане „51-та држава на САД“. На тој начин Трамп ѝ отвори на Кина досега незамислива можност, односно да одговори на американското силеџиство преку обид за оддалечување на САД од нејзините традиционални сојузници и особено преку одделување на Европа од Америка. Кина денес е во состојба да ѝ го направи на Америка потегот на Кисинџер и Никсон од 1970-тите, кога Америка, отворајќи се кон Кина на Мао, го откачи Пекинг од Москва, кој во тоа време беше нејзин комунистички протеже.
Кина има време
Во оваа голема шаховска игра, која досега се игра циркусантски, сѐ уште ништо не е одлучено или дефинитивно. Повлекувањето и вразумувањето на Трамп, под услов да е трајно, а не шизофренично, особено во однос на сојузниците на Вашингтон, сѐ уште може да послужи како инструмент за заеднички притисок врз Кина и за доаѓање до некаков поволен глобален договор. Но, доколку во наредните 90 дена, преговорите со Европа и остатокот од западните сојузници пропаднат, Кина ќе добие уникатна шанса да ги придобие барем дел од западните земји. Во најмала рака, однесувањето на Трамп ја руши довербата на сојузниците во Америка и веќе сите се прашуваат дали може да му се верува на зборот и на заложбите на американскиот лидер. Наспроти него, Ши Џинпинг делува како сериозен државник, стабилен и прибран, како денешен шампион на глобалната економија и трговија. Трамп стана Кина, а Кина стана Америка во помалку од 100 дена власт.
Кина воедно, како што историски знаеме, работи на долги патеки, Кина има време или времето е на нејзина страна. Уште повеќе, Кина нема кратка меморија. Ако Трамп ја навреди Европа нарекувајќи ја „создадена за да не краде“, тогаш неговиот потпретседател Џ.Д. Венс директно ја навреди Кина, нарекувајќи ја „селани кои не крадат“. Пекинг тоа нема да го заборави, а можеби и ќе го прости, зашто којзнае дали за 4 години ќе постојат Трамп и Венс, или дали за година и пол ќе доживеат изборна катастрофа на мидтермот за Конгресот. Но, Кина денес има шанса за уникатен пристап на „раздели па владеј“ и на тој начин да му се одмазди на Вашингтон. Кина воедно има и „нуклеарно решение“ во однос на САД, како земја која држи барем 761 милијарди американски државни обврзници и е втора по Токио, кој има преку еден трилион. Ако Пекинг се одлучи масовно да ги продаде, може сериозно да ја наруши финансиската стабилност на Вашингтон.
Се наѕира Јалта на 21-от век?
Се враќаме на главната поента: Кина и САД се до тој степен вмрежени и меѓузависни, што е тотална лудост да се бара поинаков дил од постоечкиот, во кој Америка води, а Кина произведува, и каде толку многу можат меѓусебно да си наштетат, а со тоа да му наштетат и на светот, што едноставно се осудени да седнат на маса и да се договорат како понатаму.
На хоризонтот се наѕира една нова Јалта на 21-от век, која нема да биде само економска и трговска, туку целосна – политичка и геополитичка, воена и безбедносна. Со лудилото на Трамп лесно е да се предвиди дека ќе се направат уште многу грешки и провокации, огромни штети врз американската и светската економија пред навистина да се седне на преговарачка маса. Но, еден убав ден, со Трамп или без него – ќе мора да се седне! А дотогаш ќе го гледаме „џериспрингерското шоу“ на Трамп или како што би кажал Томас Фридман: „Кога ќе избереш кловн за претседател – очекувај да ти се случува циркус“.