Цилиндри, џокери… и по некој шарлатански експерт
И тоа ли е денес кај нас дозволено во новинарската професија: да го ставите своето име под/над туѓ текст? Зарем навистина никој нема што да каже по тој повод? Или – со ретки исклучоци! – по повод она бласфемично „истражување“ на таканаречената ИРЛ за Кочани? Дотаму ли дојде (и) оваа професија?
Aко, барем во Скопје, имаме некаков „ќар“ од локалниве избори, тоа е конечното и неповратно отстранување на оној чудовишно неспособен лик од градоначалничката фотелја. А за Македонија? Па, ако не повеќе, полжавите на македонската политикантска сцена, досега препознавани само по лигавата трага што ја оставаа, сега си ги покажуваат и рокчињата. Како оној Филипче: универзитетски професор, наводно и врвен експерт во струката, со онаков вокабулар полн со навреди, омаловажување, презир… И после јас се прашувам од кого учат девојчиштана околу него! Поголем резил од ова – здравје.
И, повторно, ова е огромна придобивка за Македонија: точно ќе види кој е кој и кој е што. Дали со тоа конечно кај нас ќе заврши „ерата на експерти“, во којашто секој токмак се (само)прогласуваше за експерт за нешто, стручен за внатрешна и надворешна политика, политички аналитичар или колумнист кој од „А“ до „Ш“ препишува од странски угледни весници, медиумски коментатор, уметник или режисер, што и да е… итн.? Не знам, не сум сигурен, но барем ликовите полека ќе им бледнеат, белки граѓаните ќе видат со кого всушност си имаат работа… Но доволно е да почнеме од актуелните „цилиндри“ и „џокери“ како дел од вокабуларот на еден шарлатан кој ни го сместија за претседател на државата и кој ни денес нема попаметна работа за оние пари што и понатаму ги прима од нас туку, во стилот на типичен Нушиќев срески шпијун, продолжува да озборува како стара баба, па ако ретроактивно се префрлиме во онаа илјада деветстотини деведесет и некоја кога почнаа да ни паѓаат авиони, да го убиваат претседателот на државата, да сечат орелски нокти и да пливаат секакви октоподи и ајкули низ земјава, ќе видиме на какви неуки, неспособни и некомпетентни луѓе им бевме дале право да градат нова држава.
И не само тоа туку ја прифативме подметната лага дека се некакви експерти за нешто! И таа измама најбезочно продолжува и денес, убедувајќи го граѓанинот со слаткоречиви флоскули или небулозни конструкции коишто некој, во својата мака, сака да ги слушне. Меѓу нив особено жалната тема за Кочани, којашто добива монструозни димензии, сега со некаква ИРЛ, па со адвокати на дел од обвинетите и др. При што не бараат целосно расветлување на сите сегменти – особено на улогата на некои функционерски структури на бившата власт – туку се занимаваат со „реконструираното“ кабаре во Кочани коешто, наводно, со тоа станало – нов објект! Што пак сака да сугерира дека за трагедијата е виновна само новата власт од 2024 година и никој друг.
Што е прилично фантастична конструкција, нели? А ако онаа „Пулс“ тогаш, при „реконструкцијата“, си го сменеше и името, на пример во „Кочина“, ќе беше уште поубедливо, нели?! Па како можат навидум сериозни адвокати да се занимаваат со такви измислици?
Зашто, една таква „идеја“, или фантазмагорична конструкција, понатаму би можела да го убедува граѓанинот и дека секоја реконструирана влада е нова влада која нема врска со претходната и нејзините гревови, нели? Па и последнава постава на куќнион совет без, на пример, пазарџијана и редица други „видни“ членови, е нова партија и го амнестира актуелниов политикантски „експерт“ и некогашен „министер за смрт“ од сето претходено?
Или кога „госпожа“ Шукова вреска дека „се бориме за нашиот дом“ сака да каже дека таа сега е во некаква нова, реконструирана „партија“ којашто нема врска со претходната која ја болеше уво за „нашиот дом“?! И дека таа, онака „експертски“, цели седум години ги криеше сите можни решенија за проблемите на Скопје, ама сега – ќе ни ги каже?!
Ваквите подметнувања се можни само кај нас, како што впрочем беше и онаа „експертска“ денунцијација на еден кардиохирург дека некој, некаде, некогаш… вршел некакви непотребни операции на срце! Па ве молам, експертот, ако навистина е експерт и ако има да соопшти нешто важно за јавноста, го кажува тоа со факти, податоци, место, време, институција… А не како баба сретсело!
Но, всушност, ние би биле среќни кога навистина би имале проблем со експерти. Или, поточно: ние, очигледно е, експерти не сме имале, ниту пак ги имаме. Инаку, зарем би биле на ова дно, зарем таа цела „експертска“ војска не ќе најдеше излез од оваа кал? Ние, се покажува, имаме друг проблем: имаме проблем не со експертизите туку со разбирањето на професионалноста, на етиката, па и моралот. Зашто, погледнете го она несериозно плачење на Клиниката за неврологија во форма на поддршка на сменетиот директор по скандалот со неговата зависност. Разбираат ли тие луѓе таму за што де факто станува збор, што значи професијата лекар и каков е неговиот статус во општеството независно од сите пропратни незавидни состојби во коишто се наоѓа македонското здравство? И не само тоа, зашто ситуацијата не е ништо подобра ни во другите таканаречени „општествени дејности“ (наука, култура, образование и др.). Ги разбираат ли димензиите на „случајот“, сега дополнет и со ноншалантниот однос на „експертот“ кон неопходното продолжување на лиценцата за вршење на лекарската професија?
И која, и каква, ќе биде довербата на пациентите кон тие лекари и воопшто кон таа професија? Како што впрочем, да не заборавиме, „експертската“ денунцијација којашто ја спомнав претходно фрли страшна дамка врз сите приватни болници – ни криви ни должни?! Или: токму тоа и беше намерата? Но, што тоа говори не само за лекарската професија туку особено за вербата на граѓанинот во македонските експерти?
Знам дека со сето ова неправедно „обвинувам“ и редица сериозни професионалци во многу од спомнатите области кои апсолутно чесно и етички ја извршуваат својата професија. Меѓутоа, барем јас не видов соодветна реакција од тие луѓе на ваквиот катастрофален колапс на професионалната етика и морал кај нивните колеги во спомнатите случаи. Лекари, адвокати, некогашни партиски лидери, некогашни претседатели на државата…, сите молчат „како залиени“ на овој „експертски башибозук“ во државава. Зошто? Зарем резилењето на нивните колеги во која и да е од спомнатите професии не е и – нивен резил? И нивно поистоветување со тие постапки? Дури одобрување?!?
Како што, впрочем, не видовме толку години реакција од фелата на некогашните и сегашните „општествено-политички“ работници на однесувањето на редица нивни колеги, не само оние од редовите на „пајтон интелигенцијата“, ЗНМ, ИРЛ и други? Зарем не мислат дека катастрофите во нивната професија ги тангираат и нив, го сакале тие тоа или не? Како што никој не реагира ни за еден нивен пајташ кој буквално препишува – од точка до запирка – од „Политико“ и „Монд“ и дели ум на претседателката Силјановска-Давкова небаре е достоен воопшто да ѝ го спомне имјето? Или и тоа е денес, кај нас, дозволено во новинарската професија: да го ставите своето име под/над туѓ текст?
Зарем навистина никој нема што да каже по тој повод? Или – со ретки исклучоци! – по повод она бласфемично „истражување“ на таканаречената ИРЛ за Кочани? Дотаму ли дојде (и) оваа професија?
И сега, како за крај, повторно ќе се навратам на оние „цилиндри“ и „џокери“ од насловот, експлоатирани од времето на шпиунската работа на оној срески шарлатан кој глумеше претседател на државата. И повторно ќе прашам: тоа ли е очекуваниот пост-претседателски ангажман на еден екс-претседател на држава – па нека се вика и Пендаровски! – со сите удопствија што ги ужива, плаќани од државниот буџет односно од парите на граѓаните? Уште тој ли ни е кусо сега да ни држи „аналитичко-шпиунски“ лекции? И ако веќе мораме да трпиме секакви други подметнати полуписмени „експерти“, зошто, и до кога, сме должни да плаќаме и такви ликови кои некој еднаш ни ги сместил на одредени функции што потоа траат – доживотно?