Чувари на стадото

Чуварите на стадото се тука за да ја одбранат власта од такви произволни простонародни толкувања на реалноста, од онаквите импутирања на безгрешниот државен врв, на нивните напори на граѓаните да им обезбедат слобода, демократија и членство дури во НАТО, па и по цена на мали „криминали“ и „корупции“, својствени на секој човек.

548

Не знам дали оној политикантски „аналитичар“ и новава „ситуација“ – да не речам катастрофа – со нашите ЕУ приклученија повторно ќе ја припише на лошата среќа на Владата обидувајќи се да најде какво-такво алиби за власта, но сигурен сум дека многумина тоа веќе и го мислат. Едноставно, тешко е да се поверува во толкава неспособност, во таква неукост на власт/луѓе за кои сте гласале, во кои можеби дури и сте верувале дека се кадарни барем малку да ги поместат нештата напред. Затоа, среќата може повторно, на мала врата, да влезе во македонската „политичка“ игра. Ако ја пуштат „чуварите“. Иако, мислам, стадото нема повеќе толку лесно да ги проголта тие маневри.

Но, формирањето на македонското „стадо“ (во коешто, се разбира, се вклучувам и себеси) не е резултат само и исклучиво на дрскоста и самоволијата, на неукоста и ароганцијата на оваа власт, туку е резултат на недемократски, ретроградни, тоталитарни, заробувачко-хибридни процеси што се одвиваат во македонското општество повеќе од две децении. Несвесни дека со својата недокваканост од ден во ден ги подгреваат чувствата на незадоволство, бесперспективност, дури бес, кај „втренчениот“ граѓанин, сите македонски власти само ја менуваат формата на притисок врз „стадото“, но не и суштината. Во тоа, секако, се најшироко поддржани од најважните чувари на стадото – медиумите и самопрогласените аналитичари, секоја власт со своја чуварска „екипа“ и суптилност во методологијата на манипулација со граѓаните. Зашто граѓаните се, нели, малоумни, не умеат добро да размислуваат и да го проценуваат доброто и злото, а и лесно се поводливи, се разбира, па следствено пожелно е да има некаков „посредник“ којшто нештата ќе му ги прежвака, ќе ги направи поразбирливи и полесно сварливи. Овие чувари на стадото страствено си ја извршуваат работата. Од нив нема да слушнете ништо за актуелните скандали во власта, зашто тоа се всушност небитни работи – важен е главниот курс, а тој е цврст, непроменет, прогресивен и во дослух со желбите на народот! Чуварите се тука да го заштитат просечниот глуп граѓанин од секакви стресови, особено оние што би дошле од: некакви тоталитарни руски медиуми (ако станува збор за актуелната руска агресија врз Украина); сомнежи поради некакви споменици кои секакви злонамерници ги нарекуваат дури и дивоградби (ако веќе станува збор за најновиот споменик во Слупчане); зли јазици кои патриотскиот чин на шетањето на еден министер на туѓа сметка на меѓународен натпревар злонамерно го претставуваат како корупција; македонски националисти кои спомнувањето на пцовките на претседателот на Парламентот веднаш ги прогласуваат за напад на идеалниот меѓуетнички соживот; па дури и најчедното шеткање на ќерката на премиерот како член на државна делегација, дури и кај Папата, неранимајковци сакаат да го претстават како злоупотреба на службената положба!






Чуварите на стадото се тука за да ја одбранат власта од такви произволни простонародни толкувања на реалноста, од онаквите импутирања на безгрешниот државен врв, на нивните напори на граѓаните да им обезбедат слобода, демократија и членство дури во НАТО, па и по цена на мали „криминали“ и „корупции“, својствени на секој човек. Чуварите се тука и промптно да реагираат на секаков обид за подривање на авторитетот на државните челници, премолчувајќи ги таквите случки или прогласувајќи ги за минорни, како што беа оние лингвистички малолетни срамотилаци и понављачко-историски „бравури“ на бившиот премиер, на пример, или сегашните прогнозери и самопрогласени „познавачи“ на црковните прашања кои така славно замолкнаа со српското признавање на автокефалноста на МПЦ, или пак оној кој се замајува дека мери некакви „вистини“ и за кој сите зла доаѓаат не од кај нас туку од Москва и Белград, итн. Сите тие чуваат, по наредба, и лаат со „апорт“ или „држи“. Тоа им е основната функција, за тоа се измислени и одлично платени!

Некои понатамошни истражувања поточно ќе ја определат демаркациската линија помеѓу двата најважни субјекта во чувањето на стадото од „грешни“ надворешни влијанија. Оние бесрамни поединци, независно од нивните титули и безмалу секојдневен ангажман во полза на власта, не би можеле да држат висока тензија во општеството. Медиумите, од друга страна, се сепак побитниот фактор. А нивното вистинско лице јавноста го гледа токму деновиве, во нивните расправи зошто едни биле „повластени“ да ја следат македонската делегација во Рим, а други – не. За македонските новинарски асоцијации се покажува неважно што и како се случувало во тој Рим и со македонската „делегација“, туку извојуваното „право“ на апанажа за такви патувања е клучниот проблем за нив. Тие, едноставно, не сакаат да ги видат далекусежните последици од таквата навика, односно дека (како што вели Героски), „(…) недоволно е развиена свесноста дека станува збор за една раширена коруптивна практика, која е спротивна на професионалните и на етичките стандарди. Одамна е познато дека новинарите кои одат на вакви настани на државен трошок, не се во состојба објективно да известуваат, зашто се под притисок на фактот дека нивниот престој целосно или делумно е платен од оние за кои треба да известуваат. Тоа ги прави пристрасни и им го намалува капацитетот за критичко расудување.“ Но, кому, всушност, му треба објективност, професионалност, чесност, моралност, „критичко расудување“? Чуварите на стадото одамна ги преболеле тие детски болести!

И сето тоа има, се разбира, врска со нашата (веќе) навика дека политичките ветувања кај нас се валидни само до првиот ден по изборите. После тоа, никој за ништо не е виновен и дури не се ни сеќава што ветувал. А „стадово“ имаше цели пет години да го искаже поконкретно, и посмело, своето незадоволство од актуелните политики. Утре веќе ќе биде доцна – не ќе може да крене глава од галопирачките цени и инфлацијата, во одредени сегменти дури и свесно билдани за да им се угоди на пријателчињата олигарси.

Неодамна ја цитирав француската филозофка и активистка Симон Веил, која во далечната 1933 година запишала: „Никогаш на злото не реагирајте со зголемување“! Но ние, поточно нашите чувари, успешно ја надградија и оваа мисла: тие на злото – не реагираат! Како да не постои, го нема, речиси е невидливо. Освен за дел од „стадото“ на којшто сенешто не му се допаѓа. А ние всушност живееме во безмалу идеално општество каде претседателот на парламентот (малите букви одговараат на неговото морално ниво денес!) отворено ги пцуе службите, каде министри патуваат на туѓ трошок а премиери си ги шетаат семејствата во службени делегации, каде сурии новинари се редат на стартната позиција за наредното патување со Владата, каде власта не смее да ги контролира цените…, каде секој дебакл се прикажува како успех. Ех, Платон…

 

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини