Чувај се од бесот на стрпливиот!

1,878

Тешко поднослива непристојност, во продолжение се случува кај нас и со нас. Институциите на системот, поаѓајќи од здравството, судството, образованието, социјалата… ни се распаднаа, а правната држава постои само во устата на власта. Единствено затворите како посебни тврдини, виреат. Во нив, контролираните македонски бранители се показ за срамот на режимскиот затворски образ на правдата. Злосторниците и убијците се привилегирани жители. Опремени и со студија, се обраќаат на кого сакаат, за тоа што сакаат. Под странски надзор вирее и државата претворена во затворска – психијатриска ќелија, со народ на кој му е одземена деловната способност и ставен под старателство на накострешени, повремени и одомаќинети туѓински  насилници, осојузени со домашните криминално изобличени политички ликови.

Затекнати сме во мат позиција: не сме во можност да сe штитиме ни самите себе од здружените пљачкаши – качачки орди дерикожи и нивните јаничари подопашкари. Власта е во нивни раце. Ги направивме господари на нашата свест и совест. Дојде ред да се браниме и од Македонците во власта, кои се главени за наклоци да нѐ тркалаат по „патот за Европа“, со право, по сопствен избор да нѐ заловат како куче кое ги каснало за нога додека фајронски го лажат и плачкосуваат народот.






Затоа, чувајте се народе од „своите“ Македонци во власта. Тие добиваат пофалби за злосторствата врз сопствениот род од коалиционите партнери и од надворешните „стратешки партнери“, со гаранции дека ќе останат на власт сѐ додека не ја доуништат Македонија и ги збришат Македонците.

Не само од дома што сме изместени од умот поради ваквото комплетно насилничкото однесување на криминалната власт која цинично се исмејува и со нашата трпеливост, туку, од белиот свет, на нечиј повик подолго време ни нагрнуваат ојле-дојле визитари, и како од исто пусулче да читаат, ни се обраќаат со една иста бескомпромисна програмска наредба… Страшен и веќе неподнослив притисок е нивниот хорски пев – шатката, па шатката…! Со задача, ни дозираат хаос во нашата сеопшта актуелна состојба, а потоа ги снемува, оставајќи нѐ да се чудиме на нивната дрскост и да се прашуваме: дали тие луѓе – сенатори, комесари, амбасадори, претседатели!, специјални…?, водат сметка за својот личен углед, кога, како на недоветни ни се обраќаат, бесрамно наложувајќи ни како треба покорно да се однесуваме кога се во прашање нивни акутни интереси, сосема занемарувајќи ги и газејќи по нашите?

Почитувам дека ниту во овој момент на – нож до коска, не треба да им се спротивставуваме со однесување како нивното – уличарско, многупати досега видено. Ама, што е многу, многу е… , па нека е и од Америте со сѐ нивната – наша амбасадорка, други амбасадори…  или НАТО, Брисел…! Пристојноста треба да е обострана… Помеѓу нас има едно „но“, како услов – никој никого да не прави будала служејќи се со насилството како орудие! А, во случајов, будалата сме ние… Значи, да ги расчистиме основните постулати за меѓусебното однесување, а претходно, да престанеме сами во себе и меѓу себе да ја задушуваме интелектуалната борба – борба за слободата на сопствен живот и мисла, со еден збор – да не живееме како робови со илузија за слобода. Премолчувајќи ја потребната критика за вистината на нивното – туѓото, себично и без почит кон нас однесување, ја прифаќаме само покорноста и послушноста кои нѐ прават обезличени луѓе – без самопочит, некорисни за себе, а искористени наменски од нив, па отфрлени.

А трагањето по вистината макар каква да е, треба да е обврска на сите нас кои сме засегнати, а, пред сѐ на интелектуалците, се разбира ако не ја обликуваат макар и  против себе, а во интерес на силниот кој го „обесштетил“ нивниот углед. Кај нас се случува токму тоа: вистината се преиначува и истата се прикажува како неопходна и дозирана заблуда, искажана со зборови кои добиваат друго значење, кои ги штитат интересите на познатиот центар на моќта – туѓ контролор на нашиот материјален и духовен свет, кој нѐ владее преку од нив поставената и куражена марионетската власт, онака, како што кај нив дома не би било дозволено.

Има еден проверен факт: во Македонија нема место за вистина и надеж, се додека светските силеџии и поробувачи, приморани, не го променат својот понижувачки, диктаторски однос спрема нас, а претходно, и ние не го промениме односот кон самите себе, а потоа и спрема нив. Дотогаш ќе трпиме да се подигруваат со нашата трпеливост, прифаќајќи  нашиот личен и сеопшт стремеж за слобода да ни биде ропството. Згора на тоа и не смее да се зборува за стапицата со која ни е склештена ногата…! А, зошто е тоа страшно и недозволено јавно да се каже, кога за никого не е тајна дека поробувачката туѓинска политика е факт кај нас и на Балканот? Пострашна и од Хитлеровиот фашизам, како закотвено сидро на нашето тло, не наидува на отпор, што значи дека ќе трае и ќе продолжи да се шири како чума. До кога? Додека не му прекипи на трпеливиот народ и свесен за сите ризици, не стане и викне – Доста! Тогаш, тогаш… надојдената вода ќе го прелие коритото и само Бог знае што ќе се случи.

Ситуацијата и во светот е во сѐ полоша морална состојба, дури и полоша од времето на Виетнамската војна кога реагираше Раселовиот трибунал за воени злосторства. Денеска, моралот кој е основен вредносен белег на човековиот карактер, нематеријално богатство кое ја крепи чистотата на свеста и ја одржува душевната тековина, за жал – веќе не важи! Живееме во време кога сѐ се плаќа и потплатува. Парата го надвладеа разумот. Со неа Америка секаде до каде ѝ се може, прво стапнува и уништува по свој наод и потреба, а потоа, спасува…

Се сеќаваме дека така нѐ спасуваше преку Робертсон, кој при скорешното ни гостување нѐ нарече „Северномакедонци“. Тој, после извлекувањето на балистите од Арачиново во наменската војна од 2001 и наметнатиот Охридски, именувајќи се себе како „спасител на Македонија“, во свое обраќање во институтот „Винстон Черчил“ во Лондон, изјави: „Јас и Солана ја спасивме Македонија. Заедно работевме на запирањето на кризата меѓу етничките и верските заедници, кои станаа крвава трагедија. Успеавме“! Навистина успееја, но да нѐ разнебитат. Нѐ „спасуваа“ откако претходно нѐ шокираа и фрлија во заледена вода за да се давиме и пак на нив да им подадеме рака за да нѐ извадат и остават на суво, како бродоломници, преобразени заточеници на нивните „демократски“ интереси. Фала им што сфативме дека политиката која Американците ја тренираат врз нас, нема ништо заедничко со моралот и правдата и дека токму посакуваната политичка слобода која и сега од нив ни е спречувана, без наша развиена свест и волја е само идеја, а не факт. А, факт е дека ние навикнавме врз нас да се врши – се врши „неопходен“ притисок и пред ширум отворени очи, на јаве, црното да ни се прикажува како бело, а белото како црно. Навикнавме и веќе не го препознаваме и вештачкиот вриеж кој во временски планирана  дистанца намерно го создаваат и ни го даваат како терапија, по старо сценарио кое се повторува секогаш одново, и сега…, во некоја изменета форма, за да предизвика иста суштина.

Ете, во една таква „готова“ ситуација се јавуваат странските западни „наши пријатели“ како спасувачи, или, како беше…? – олеснувачи, фактички безобзирни диктатори, кои поврзани со домашниот пљачкаши тим, нагрнуваат поединечно или групно и со не бирани средства, заменувајќи ни ги термините „демократски сили“ со „окупаторски сили“, слободата и слободоумниот идеал, ни го претвораат во апстракција.

Затоа, човек може единствено да констатира дека оваа шизофрена влада, е туѓинска – окупаторска. Згора на тоа и предизвикувачки силеџиска! Преокупирана е со програмата на „меѓународната“… , третирајќи ги нивните, за нас злонамерни интереси, како приоритетни. Но, ние, не мораме… Оваа влада чиј легитимитет не извира од граѓаните, која надмено дивее поддржана и раководена од Калето, и натаму упорно ќе работи против интересите и опстојбата на државата Македонија, посебно на Македонците. Ние тоа го знаеме и упорно се спротивставуваме, додека не ја детронизираме.

О, народе! – Предметите никогаш немале свое „јас“, но сега го немаат ниту  Македонците – политички подопашкари, бидејќи се претворија во нечии предмети. Но, ние Македонците кои често низ историјата, и сега, се обидуваат да нѐ третираат како предмет, не сме тоа!

Предметот има цена, а човекот има вредност!

Поврзани содржини