Чулев: Спасовски и неговите послушници никако да се издигнат над партиските интереси

Тој потенцира дека согласно законот за организација и работа на органите на државната управа со министерствата раководи министер и од тие причини ваквата постапка на владата претставува грубо мешање во работата на Министерството за внатрешни работи.

565

Владата од една страна секојдневно ме обвинува дека сум виновен за нејзините неуспеси поврзани со ширење на коронавирусот, а од друга страна и во ваква состојба Оливер Спасовски и неговите послушници во Министерството за внатрешни не успеваат да се издигнат над партиските интереси, а со цел заштита на здравјето и животот на граѓаните, напиша министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на Фејсбук.

„Во услови на пандемија и прогласена вонредна состојба Владата со заклучок го задолжува Министерството за внатрешни работи да ги стопира огласите со кои се пополнуваат дел од испразнетите работни места. Политиката и партиските интереси повторно се поважни од здравјето и животот на граѓаните, а со ова Владата предводена од Оливер Спасовски уште еднаш го потврдува тоа. И покрај фактот што ДКСК и Управниот суд донесоа одлука и пресуда со која се поништи одлуката на владата за поништување на решенија за распоредување донесени од моја страна и ја потврдија законитоста на моето постапување, владата и понатаму продолжува спротивно на законот да се меша во работењето на министерството за внатрешни работи и да го опструира нормалното функционирање, со што крајно негативно влијае врз неговата ефикасност“, напиша Чулев.






Тој потенцира дека согласно законот за организација и работа на органите на државната управа со министерствата раководи министер и од тие причини ваквата постапка на владата претставува грубо мешање во работата на Министерството за внатрешни работи.

„И покрај ваквите непринципиелни и незаконски притисоци и понатаму ќе постапувам во согласност со законите и штитејќи го интересот на граѓаните. Во интерес на законите потребно е вработените на Министерството за внатрешни работи да постапуваат исклучиво во согласност со позитивните законски прописи. Апелирам на доследно и целосно почитување на овој неопходен принцип при секојдневното управување, раководење и извршување на работните задачи“, напиша Чулев.

Поврзани содржини