Чулев: Инцидентот во Ченто има политичка заднина, еден од приведените се претставил како советник на СДСМ

901

 

Лиферување лажни информации дека тројца граѓани биле приведени од своите домови и физички малтретирани во полиција го предизвикало синоќешниот инцидент во Ченто, рече министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и оцени дека станува збор за инцидент со елементи на политичка заднина.






– Граѓаните водени од политичка мисла свесно се изложија на опасност себе и своите сограѓани – рече Чулев и додаде дека едно лице од тројцата приведени е член на Советот на Гази Баба од СДСМ. Тој самиот се претставил пред полицајците.

Тој информира дека околу 21.10 на социјалните мрежи била забележана фотографија на групирани лица на ул. „Алија Авдовиќ“ во Ченто, а полицијата со патрола контролирала дали таму се прекршуваат мерките на владата за почитување на полицискиот час. Кога стигнале таму, имало осум лица и дел од нив се разбегале, а тројца останале на местото и биле лишени и спроведени во полициската станица Гази Баба за натомошно постапување.

Откако завршил информативниот разговор со приведените тие биле пуштени дома, а во своите искази потврдиле дека биле приведени на улица и оти врз нив немало примена на насилство.

– Политичката позадина не го оправдува ова поведение и зборува за тендензиозно загрозување на граѓаните предизвикано од политички побуди – изјави Чулев.

За видео записите, на кои се гледа дека градоначалникот на Гази Баба Борче Георгиевски ветува дека тој ќе ги ослободи приведените, министерот е категоричен:

– Потенцирам дека МВР постапува неселективно кон сите граѓани. Пријавите се поднесени до ОЈО, а лицата кои беа приведени уште синоќа беа ослободени. МВР обезбеди видео запис од сите лица кои не го почитувале законот, а дел од тие лица се веќе идентификувани од наша страна – рече Чулев.

Оние што го прекршиле полицискиот час ќе добијат кривична пријава според членот 206.

Синоќа во Полициска станица Гази Баба полицијата ги лишила од слобода  В.М. (19) од Арачиново, С.Р. (21) од село Синѓелиќ и В.В. (30) жител на ул.„Алија Авдовиќ“ во населбата Ченто зашто не ја почитувале забраната за движење, а откако биле приведени, поголема група граѓани излегле на улицата „Алија Авдовиќ“ за да протестираат.

Поврзани содржини