Чулев: Јанкулоска истрај, ќе дојде време кога вистината за твојата работа ќе излезе на виделина

2,152

Заплашување, сеење страв, политички реваншизам и освета – вака на кратко може да се опишат двата случаи кои вчера беа актуелни во медиумите, напиша ексминистерот за внатрешни Наќе Чулев на Фејсбук.

– Првиот е поврзан со ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која лично ја познавам и со која сум имал извонредна соработка. Мојот впечаток и впечатокот на колегите со кои сум разговарал во Министерството за внатрешни работи е дека станува збор за исклучително чесна и одговорна личност, која во своето работење постапувала исклучиво во согласност со законите. Тие велат дека Гордана Јанкулоска е министер кој максимално посветено и одговорно го водел МВР. И во таа насока конкретниот судски случај и денешната одлука е уште една форма на политички притисок насочена кон заплашување на вработени и поранешни функционери во Министерството за внатрешни работи. Давам силна и искрена поддршка за Гордана Јанкуловска да истрае во овие моменти и уверен сум дека ќе дојде време кога вистината за нејзината работа ќе излезе на виделина – напиша Чулев.

За дисциплинската постапка и отказот против поранешнит советник во неговиот кабинет, Зоран Ѓорѓевски – Чикаш, Чулев вели дека и покрај тоа што за него од негова страна за направениот пропуст била спроведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и бил строго казнет, истата била поништена и во нова крајно политизирана постапка, актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски прави преседан и носи одлука за прекинување на работниот однос.

– Класично политизиран случај за кој сум сигурен дека судската разрешница ќе покаже дека во овој, како и во многу други случаи раководството на Министерството за внатрешни работи постапило спротивно на законските прописи. Како човек во чиј тим бил и Зоран Ѓорѓевски, стојам позади него. Воедно, ги охрабрувам сите вработени кои се соочени со вакви или слични притисоци своите права да ги побараат пред надлежните комисии и правосудни органи. На крајот потенцирам дека Министерството за внатрешни работи мора да се профилира во професионална институција во која се почитуваат правните акти и ќе владее правото и правдата и мерит системот, а вработените ќе бидат ослободени од политичките притисоци, напиша Чулев на Фејсбук.

 

Поврзани содржини