ЧУДО ВО ШТИПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО Јавна обвинителка се клонирала и испитувала четири сведоци во исто време?!
Постапувајќи под очигледен притисок на државниот обвинител Љупчо Коцевски, во случајот против суспендираниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, штипската обвинителка Кацарова или сторила нешто што е против законите на природата, или фалсификувала записници, што е сериозно кривично дело.
Сме виделе многу „чуда“ во правосудните институции во овие години, поради кои довербата на граѓаните во судството е помала од 2 отсто. Но, се чини дека штипската јавна обвинителка Татјана Кацарева ќе влезе во историјата како единствена јавна обвинителка со докажана способност за – клонирање.
Ова не е шега. Или Кацарева има необјаснива способност да биде со различни луѓе на различни места во исто време, или, едноставно, фалисфикувала записник од сослушување на сведоци.
Истрагата се одолговлекува, Советот за јавни обвинители молчи
Но, да почнеме со ред. Кацарева го води предметот против шефот на Вишото јавно обвинителство – Скопје, Мустафа Хајрулахи, кој на 11 октомври 2024 година беше суспендиран од страна на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Од ланскиот 11 октомрви 2024 до 11 јуни годинава поминаа точно седум месеци, а истрагата за кривичното дело Малтретирање во вршење на служба (член 143 од Кривичниот законик) не е мрдната од место.
Во меѓувреме, Хајрулахи поднел неколку претставки до Советот на јавни обвинители, за тоа како Основното јавно обвинителство Штип, поточно обвинителката Татјана Кацарова, го води предметот. Но, Советот молчи. Вишиот обвинител Хајрулахи нема никаква повратна информација дали е постапено по однос на поднесените претставки.
Однесувањето на Советот и не е за чудење, ако се знае дека повеќето членови му се наклонети на обвинителот Коцевски, кој ја води хајката против двајца виши јавни обвинители (Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски), кои не ја прифатија одлуката за затворање на предметот „Бонусите на СЈО“. Интересно е дека Советот незаконски ја постави обвинителката Наташа Цалева за в.д. шефица на скопското Вишо јавно обвинителство, но таа, очигледно свесна за манипулациите, веднаш побара да биде разрешена. Советот на јавни обвинители се уште не нашол време да одлучува за барањето на обвинителката Цалева, што е скандал сам по себе.
„Чудото“ во Штип констатирано во записник
Но, да се вратиме на приказната од Штип, каде што Коцевски го испрати предметот против Хајрулахи, за да го држи под контрола. На 14 мај, по покана на обвинителката Татјана Кацарова, во својство на осомничен за сторено кривично дело Малтретирање во вршење на служба, обвинителот Мустафа Хајрулахи и неговиот бранител уредно се одзвале на поканата и оттишле во ОЈО Штип.
– На записник побарав да ми се дозволи да извршам увид во списите од предметот, за да се запознам за што ме тoвари обвинителката Кацарова. По извшениот увид, побарав во копија да ми се достават списите од предметот оформен против мене. Од извршениот увид, констатирав дека јавната обвинителка Татјана Кацарова, заедно со сведоците-оштетени во предметот кој се води против мене, направиле фалсификат врз јавна исправа, врз Записник за испитување на сведок-оштетен – тврди Хајрулахи.
Според словото на записниците, обвинителката Кацарева во исто време испитувала четири оштетени, што е спротивно на законите на природата.
Така, на 5 ноември 2024 година, на Записник за испитување сведок-оштетен КО бр. КО бр. 452/24, на име Валентина Калинковска, е наведено дека испитувањето на сведокот почнало во 20.00 часот и завршило во 21.08 часот.
Во Записникот за испитување на сведок-оштетен КО бр. 452/24 од истиот ден (05.11.2024 година), на име Жаклина Никодиновска, се вели дека испитувањето на сведокот почнало во 20.26 часот и завршило во 20.58 часот.
Записникот за испитување на сведок-оштетен за истиот предмет и за истиот ден, на име Ружица Јосифова, тврди дека испитувањето на сведокот почнало во 21.03 часот и завршило во 22.23 часот.
Конечно, записникот за испитување на сведок-оштетен (КО бр. 452/24 од 05.11.2024 година), на име Даниела Лапе, тврди дека испитувањето на сведокот почнало во 21.15 часот и завршило во 21.55 часот.
Дали е свесна обвинителката Кацарова што направила?!
Ова е просто неверојатно!
Во записниците се гледа дека има преклопување на времето на испитување на сведоците-оштетени, што е апсолутно необјасниво. Го прашавме Хајрулахи дали е можно обвинителката Кацарова сведоците-оштетени да ги испитувала заедно.
– Не. Тоа апсолутно не. Еден сведок не би смеело да знае како сведочи другиот. Тоа би било спротивно и на законот и на праксата. Фактот дека записниците не се ни уредно потпишани. мене ме упатува на претпоставката дека сведоците-оштетени воопшто не биле испитувани. Но, не сакам да шпекулирам. Откако констатирав дека врз записниците е извршено фалсификување и дека иститите се прибавени на незаконит начин, до Советот на јавни обвинители поднесов претставка, во кое барам Советот да побара информација и логично објаснување од јавниот обвинител Татјана Кацарова, како е можно истата истовремено да биде на повеќе места. Претставката до Советот е поднесена на 27 мај годинава и еве, засега нема никаков одговор – вели Хајрулахи.
Останува допрва да се расчисти дилемата дали обвинителката Кацарова знае дека со извршената манипулација во записник за испитување сведок сторила на кривично дело. Или притисокот од Коцевски од од групата поранешни обвинители на СЈО е толку голем што нивните послушници мора да ја ризикуваат сопствената за да ја спасат нивната кожа?
Напомена: Редакцијата на Плусинфо располага со копии од записниците за испитувањето на сведоците-оштетени.