ЧУЧУЉ ЕДНОГЛАСНО ПРЕДЛОЖЕН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА АНТИКОРУПЦИСКА По скандалот со Димитровска, доаѓа човек со повќе од декада искуство
Според Комисијата за селекција, тој покажал „значајно практично искуство во спречување корупција и судир на интереси“, како и јасна визија за развојот на институцијата.
Адем Чучуљ, дипломиран правник и долгогодишен вработен во Антикорупциска, ќе биде предложен за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), откако доби највисоки оценки од селекциската комисија.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата едногласно одлучи до Собранието да го предложи Чучуљ за прв човек на Антикорупциска. Според информациите од законодавниот дом, гласањето за оваа предлог-одлука ќе се најде на пленарна седница на почетокот на декември.
Чучуљ, кој е дипломиран правник со положен правосуден испит, во моментот ја извршува функцијата генерален секретар на ДКСК и таму работи цели 19 години. На селекцијата за претседател на Антикорупциска доби убедливи 96,5 бодови, највисока оценка меѓу сите пријавени.
Според Комисијата за селекција, тој покажал „значајно практично искуство во спречување корупција и судир на интереси“, како и јасна визија за развојот на институцијата.
Огласот за нов претседател беше распишан уште летово, но процесот беше прекинат за време на локалните избори. На конкурсот се пријавија 13 кандидати, од кои 10 беа селектирани во потесен круг, а интервјуата започнаа во вторникот.
Нов претседател ќе биде избран по оставката на претходната претседателка Татјана Димитровска, која беше обвинета во случајот „Адитив“ за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат. Обвинението наведува дека Димитровска му давала информации од предмет на обвинето лице во истиот случај и дека за неа друг го полагал електронскиот испит за сертификат за државна тајна.