Човековата душа се менува – политичките системи се константа
На македонски јазик, досега и попостојно, Есенин го преведувале Србо Ивановски (1957) и Гане Тодоровски (1995). И двајцата одбрале песни од раната фаза на Есенин, додека јадрото на преводите, всушност препевите кај Ѓорго Димоски, се песните од боемско-хулиганската фаза на Есенин, кои подоцна во литературата ќе го воведат терминот „есенинштина“.
Со ново објавената стихозбирката „Песни“ од Сергеј Есенин на „ПНВ Публикации“, со самиот избор на препеаните песни и вдахновениот есеј, како предговор:„Есенин: живот, восхит, легенда на суровоста“, од перото на Славе Ѓорѓо Димоски, водечко име меѓу современите македонски поети од средната генерација, на читателската публика ѝ е приопштено нешто ново од знаменитиот руски поет, како во поглед на поетската мисла, така и во однос на неговата загадочна смрт.
Во секој случај, Ѓорго Димоски е најпосветениот меѓу нас, кога е во прашање Есенин, со поетската магија и алхемијата на двајцата „селски поети“. Со начинот на поимањето на животот и односот кон поетското создавање, без разлика што ги дели речиси век временски, како и навидум неспоредлив физички и политички пропстор. Човековата душа се менува, политичките системи се константа, ќе забележи Димоски.
Кога ја добив збирката, Славе во посветета беше напишал:„Да нѐ осветлува овој блесок на нашата младост!“ Блесок од Есенин, но и плејадата околу него: Мајаковски, Хлебников, Цветаева, Пастернак, Ахматова, Манделштајм, Северјанин, Сологуб…
Од овој блесок на нашата младост, верен на идеалите на исконската природа. Човек со несекојдневна романескна биографија кој кон животот се однесува како кон бајка. Коваше стихови со крвта од срцето – и метафорично, и буквално. Испилен од магичниот свет на преданијата и легендите, со „селски национализам“.
Разликите со велестоецот се во нијанси. Есенин кон своето родно Константиново прибегнува, се враќа во мигови на очај, додека Ѓорго Димоски, од неговото Велество излегува (слегува) само во мигови на слава, за да си ги прибере заслужените консигнии, во вид на ордени и одличја, за создадените вредности, таму горе под Асанџура.
Спискотот е голем: од Најдобра дебитантска книга (1980) на „Млад борец“ за книгата „Гравири“, преку „Млада Струга“ за книгата „Проект/Пројекат“ на Струшките вечери на поезијата, до Орден „Златна есен – Сергеј Есенин“ – за придонес во светската литература, Москва, Русија, 2012. Во меѓувреме, уште и „Браќа Миладиновци“ за книгата „Темно место“ на СВП, во два наврата „Св. Климент Охридски, патрон на Охрид“, за особен придонес во подемот на Охрид и за Животно дело, „Гранпри на Европа“ за целокупно поетско творештво (Curtea de Argeş, Romania), до одличјето „Ацо Шопов“ – за „Јазичен триптихон“, најдобра поетска книга во 2015.
На македонски јазик, досега и попостојно, Есенин го преведувале Србо Ивановски (1957) и Гане Тодоровски (1995). И двајцата одбрале песни од раната фаза на Есенин, додека јадрото на преводите, всушност препевите кај Ѓорго Димоски, се песните од боемско-хулиганската фаза на Есенин, кои подоцна во литературата ќе го воведат терминот „есенинштина“.
Со неговата посветеност (опседнатост) со Есенин, кај нас, за првпат на македонски јазик, се приопштуваат кусата поема „На мој начин“ и циклусите „Кафеанска Москва“ и „Персиски мотиви”, заедно со поемата „Црниот човек“, едно од најпотресните дела на 20 век, од кое „бликаат најегзистенцијалистичките прашања на кои не може да се дадат едноставни одговори“.
Претходно, во 1995 година Есенин, во три продолженија објавени во месечникот „Просветена жена“, Ѓорго Димоски се занимаваше со „Љубовите и жените на Сергеј“, додека во весникот „Нова Македонија“ во десет продолженија, го објавуваше фељтонот: „Сто години од раѓањето на Сергеј Есенин (Мистеријата околу смртта на поетот)“.
Овие денови, еден век по смртта на великиот руски поет Сергеј Есенин (1895-1925), осамна насловот „Есенин-Песни“, со есеистичко толкување на моменти од животот и смртта на рускиот класик.
„Во светот на литературата се поима неговата антинормативна лирика и слободниот личен израз кој се прифаќа како критериум на висока поетска автентичност; тој останува ненадминат мајстор на лирскиот пејзаж и на лирските перцепции на душевните мистерии. Како би изгледал Есенин после еден век препеан на јазик на мал број говорители? И дали ќе се најдат некои провокативни нотации во неговите стихови кои ќе го заинтересираат современиот читател, кој е соочен со сериозни проблеми на новото време? Овие беа предизвиците да се зафатам со Есенин и да ги исполнам миговите светлина во тунелот во кој нè струпа оваа светска несреќа“, ќе забележи Ѓорго Димоски.
За него како препејувач, тоа било посебна духовна авантура, со преземениот ризик, од еден јазик на друг да пресоздаде уметничко дело блиско до оригиналот, внимателен и прониклив во значењето на песната и во постапката на нејзиното (пре)обликување и „пресадување“ во друг јазик. Есенин е милозвучен кога се чита или слуша, но ѓаволски е тежок за препејување – проблематична е структурата на неговата поезија, а посебно нестандардната лексика, особено во песните од „Кафеанска Москва“.
Во својот есеј, како предговор на поетската збирка, Ѓорго Димоски, донесува многу детали, за, како што вели, инсценираното убиство на Есенин, отповргнувајќи ја официјалната верзија на советската власт – дека се обесил со јажето – врвката затегнувач на неговите куфери. Тој самиот патувал сѐ до родната куќа на Есенин, но грото материјали ги добил од неговиот, нашиот професор, подоцна содеец и пријател, Гане Тодоровски, од времето кога беше наш амбасадор во Москва, како и од неговите московски пријатели, пред сè, од Сергеј Главјук.
Новите сознанија за убиството на поетот, вели Ѓорго Димоски, го сугерирале изборот во оваа книга, направен од собраните песни објавени во еден том под наслов „Руска болка“, 1995 година. Токму овие песни, на некој начин, ги откриваат мистериозните состојби кои ќе резултираат со неговиот фатален крај.
Новото приопштување на поезијата на Есенин, особено досега необјавените песни, несомнено ќе го вратат интересот кај младата читачка публика, но ќе ја надополнат и сликата кај средната генерација македонски поети и вљубеници во поетскиот збор. Лириката на Есенин е врзана со една значајна етапа од развојот на современата македонска поезија, од почетокот на педесетите години, со влијанието што го извршила врз поезијата на македонските поети, со мелодиката и сликовитоста на неговата поезија.
Есенин беше поет достоен на пушкиновата слава, додека Горки се прашуваше од какво сонце беше предвреме изгорен? За него Есенин беше „зрел уметник, со силни чувства, совршен израз, сложено талентиран и голем руски поет“. Неговиот пат до бесмртноста, беше поплочен со завидната непокорност пред власта, пред царот за кого одби да напише пeснa, но и пред Советите и Троцки („поетот и револуцијата не биле од иста крв!“), за кого се мисли дека му ја нарачал смртта.
Живееше за љубовта и поезијата, живееше за и со Исидора Данкан и нејзината светска слава, со внуката на Лав Толстој, Софија и уште со неколку други, живееше и се напојуваше од егзотиката на виното „чјорние очи“ само до триесетата „во која застана и таков остана на планетава, вечно убав и вечно млад“ – ВЕЧНИОТ МЛАДЕНЕЦ! Саможртва на сопствената несреќна младост, на сопствените недоразбирања, на душевната папсаност, на свирепото време кое никако не навикнало на таа харфа. Сконча со трагична смрт, ноќта помеѓу 27 и 28 декември 1925 во петроградскиот хотел „Англетер“.
„Основните одлики на неговата поезија се: едноставност, застрашувачка искреност, звучна поетичност, но и жестоко боемство, слободољубие и „опојна неодговорност“ (Ѓурчинов). Внимателниот читател во овие песни ќе открие една универзална вистина, во прв ред – трансформациите на човечката душа и постојаноста на политичките системи. Затоа внимателно влегов во овој избор, на она што може да се врзе и да се доживее во нашево време“, ќе каже Ѓорго Димоски.
Претходно, како препејувач, тој ќе ни ги приопшти многу автори од средната и младата генерација, од родината на Есенин, како Рима Казакова и Вјечислав Купријанов, потоа, бугарката Елка Њаголова, од Србија Никола Вујчиќ, Данило Јокановиќ, Љубивое ’Ршумовиќ („Сончање на месечина“) и Милан Орлиќ, Црногорката Тања Бакиќ и други.
Колку што преведувал, Ѓорго Димоски е уште повеќе преведуван. Негови поединечни песни и поески циклуси преведени се на над дваесетина јазици: англиски, француски, руски, малезиски, српски, романски, турски, албански, шведски, шпански, чешки, хрватски, словенечки, полски, азерски, украински, бугарски, германски, хебрејски, арапски, италијански, грузиски, ерменски, монголски.
Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година.