Човек на човека му е – Томос

Зашто сега сме сите возљубени во Нашата земја со Нашата црква, дури и премиерот на државата (според Устав) одделена од црквата читаше, на глас, извадоци од Светото писмо.

482

Од 2005 година наваму односно од таканаречениот „кандидатски статус“ – којшто, патем, не бил вреден ни „пишљива боба“ – секојдневно испишуваме историја. Де статусот, де патот кон ЕУ и НАТО, де светски првенства во ова или она, де остварувањето на „вечниот“ сон за навистина НАТО, па датум за ЕУ, па датумот го нема, па името го даваме за ново испишување на историја ама сега како северномакедонци, па МПЦ држ-недај за да остане испишувањето на историјата со Охридска архиепископија … Ова испишување историја би замориле и професионални историчари, не пак оние од историскана некрофилска македонско-бугарска комисија. А сепак, на црковниот томос највеќе му се израдувавме, можеби заради тоа што сега ќе ги имаме дури два!? А да ни дадат и грците и бугарите по еден, па да имаме – четири? Баш како црква на црква да е томос односно човек на човека исто така. Зашто сега сме сите возљубени во Нашата земја со Нашата црква, дури и премиерот на државата (според Устав) одделена од црквата читаше, на глас, извадоци од Светото писмо. Или од нешто друго, сеедно, ама и тој испишуваше историја. Впрочем, и целата таа Влада веќе петта година испишува историја на неспособност, на секое поле и во сите сегменти. Ама ова со томосиве – надмина сè!

Сепак, за да ја заокружиме приказната со испишувањето истории, потребни сè уште неколку работи. Прво, „големиот“ Макрон треба да се смилува на нашата малост (но и глупост!) со некаков негов личен томос наследен веројатно од времето на Франките или Меровинзите, зашто тој, Макрон, да ти бил (велат) европски страв и трепет за томоси. Потоа треба и Бугарија да ни го даде нивниот паспорт односно томосче за нашето патување кон ЕУ. Ако тоа го нема, државната историја останува со цела празна страница, до некое догледно или недогледно идно допишување. И не само државата, секој од нас поединечно останува без томосот за личниот идентитет како паспорт за влез во вечноста викана Европска унија. А малите умови во малите земји/„малите“ култури – ние сме нагледен пример за тоа – без таков томос како и да ги нема. Како и да немале историја, култура, образование …, како да не живееле ако друг не им признае дека живееле, како да не граделе, пишувале, сликале, пееле, играле … ако за тоа не добијат томос од другите. За таков томос сме подготвени на сè, па дури на народот, на гласачите, на граѓанинот да му сугерираме да се откаже од име, од црква, од националност, од идентитет … од сè. За таков томос вреди граѓанинот да биде и гладен и жеден, да живее со 300 евра минимална плата, секојдневно да му ја покачуваат цената на горивата, да му ги земаат печките на дрва бидејќи загадувале и да му дадат инвертери а потоа струјата да отиде до небеса, да увезуваат масло за јадење а потоа да го извезуваат во соседни држави … итн. Сето тоа е запишано во томосите што секојдневно ги добиваме со амин на власта! Но таа иста власт умее да врачи и локални провинциски томоси на одделни персони, па така Георгиевски и Бучковски го добиле томосот за толкување на бугарските ставови, Заев за историјата и еве сега за опшеството за сите, оној Бислимовски петта година не го вади енергетскиот томос од џебот … Сè томосџија до томосџија!






Тие локални квазитомоси се темелат на лажни или полувистинити квалификации, на извртени тези и квазиаргументација, на хистеризирана и во основа дилетантска „надградба“ на одредени поими со цел нештата да се сатанизираат докрај, да се постигне посилен ефект меѓу народот и поен за нивната политичка опција при што другите ќе бидат црни ѓаволи. Затоа тој ист народ ќе биде држен во елементарна неинформираност и неукост, па и непросветеност, а реалноста видена низ розовиот симулакрум на власта и нејзините верни чувари ќе му ги прикажува состојбите во нивната граничност, во директната спротивставеност на „или-или“, на црно-бело, при што по правило само „нашата“ опција е онаа правилната, демократската, проевропската? Е па нели токму „нашиве“ тој томос го добија за само нивната „борба“, за само нивното шетање по улиците, фрлањето боја по оној немушт кич, демолирањето на една јавна канцеларија во центарот на градот … Но тој џокер-томос им го дава правото и за сегашните лекции на/за Ламбе, за неморалот и одбивањето да го работат тоа за што се (пре)платени, за правото и правдата да отвораат фашистички „културни“ клубови низ земјата со оправдување дека нема „забранети теми“ односно дека можеме да подведеме под сомнеж баш сè? Или тоа им е резервен томос дека „нема забранети теми“, што му доаѓа исто како кога велат „нема недопрливи поединци“, ама сепак знаат дека – има?!

А ние без томос – да го парафразирам Геровски – без оглед што тој филм баш и не сме го гледале, сега мораме да го гледаме. Згора на тоа, мора и да ни се допадне! Без оглед што оваа Македонија од 1945 година наваму опстојува и се развива со единствениот вистински Томос граден врз темелот на просветителството – науката, образованието, културата итн. – прескокнувајќи вековна заостанатост и провинциска зачмаеност. Секако дека од оваа релативизаторска и затупавена дистанца тоа звучи патетично, но генерации и генерации се вградени во просветителските темели на тој томос наречен државност за да денес допуштаме ваков ретрограден срам.

Но, изгледа сепак човек на човека му е томос, без оглед како тоа парче хартија се викало во реалноста.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини