Човек кој лажно се претставува како економист ќе подучува економија?!
Фатмир Битиќи на универзитетот во Тирана завршил Бизнис администрација. Тој никого не може да подучува економија, а најмалку некој што учел од титани во економската наука, меѓу кои и од нобеловци.
Човек учи додека е жив. Економија сум учел и сè уште учам од најдобрите професори по економија, дома и надвор.
Академскиот пат ме одвел на универзитети во САД (Харвард, Калифорниски државен универзитет, Државниот универзитет во Аризона, пократок престој на Беркли), како и во Европа (Лунд, Кембриџ, Централно-европскиот универзитет и др.), каде сум учел од нобеловци и од титани во економската наука, вклучително и носители на високи функции во влади и во меѓународни институции.
За стекнатото знаење сум плаќал лично, или сум користел престижни стипендии (Фулбрајтова за докторските студии на Харвард, 1989-1990 година). Нема квалитетно образование кое е бесплатно.
И сега, после 44 (четириесет и четири) години интензивно изучување и предавање економија, еден дипломец на универзитетот во Тирана, кој завршил Бизнис администрација (водење бизнис), се нуди бесплатно да ме подучува.
Водењето бизнис, иако има допирни точки, е сосема различно од економската наука. Овие дисциплини се изучуваат на различни факултети, односно департмани на универзитетите ширум светот.
Господинот Фатмир Битиќи, според неговиот профил на LinkedIn, студирал во Тирана во периодот 1994-1999 година. Никако не го потценувам овој универзитет, на кој имам колеги со кои имам соработувамо во минатото, но интересен е периодот во кој кандидатот за мој подучувач студирал.
Тоа е период на скандалот со пропаста на пирамидалните штедилници во Албанија и целосен распад на институциите на државата, што не можело а да не се одрази и на квалитетот на високото образование во земјата.
На крајот, едукаторот кој лажно се претставува како економист, и можеби ќе се повика на своето работно искуство не само во Владата, туку и во бизнисот и во меѓународни организации, ќе го потсетам на познатата аксиома: „Една земја не е компанија“ (Country is not a Company).
Меѓу економистите постои консензус дека една национална економија не може да се раководи слично како и претпријатие. Ние барем сме се увериле во тоа, на примерите со господата Јован Андонов – Реган, Минчо Јорданов, Кочо Анѓушев, а во поново време – Фатмир Битиќи.