ЧОМОВСКИ ВЕЛИ ДЕКА ИМА ПОТРЕБА ОД РУДНИЦИ Руски тајкуни во Македонија владеат со оловото, цинкот и со бакарот
Македонија е мала држава и за да има силна економија, треба да има и рудници, оценува Александар Чомовски, долгогодишен и реномиран новинар, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија. Но, во нашата држава, вели тој, руските тајкуни владеат со оловото, цинкот и бакарот и никој тоа не го засега.
– Македонија е мала држава. Албанија има мориња. Што има Македонија? Зошто не излезат нашите политичари и да им кажат, види нема потреба од рударство и злато, ние ќе си живееме во една селска еколошка оаза, во услови кога сите рудни богатства на Македонија се дадени на руски тајкуни – вели Чомовски.
Политичарите играат на погрешна карта и велат дека нема потреба од рудници, но ако знаеме да воспоставиме стандарди согласно законите, потреба од рудници има, констатира Чомовски.
– Што не излезе Мицковски и да рече срамота, ќе ги избркаме нив и ние ќе располагаме со тоа национално богатство, а на таа карта се налепува и дел од струмичкото раководство, па и Заев дека нема потреба од Иловица… Има потреба за се’ ако знаеме да ги направиме стандардите – вели Чомовски.
Тие ниски стандарди беа карактеристика до пред една деценија, но во денешно време тоа не е случај, констатира Чомовски.