🎥 ЧЛЕНСТВОТО ВО ЕУ ЗА НАС НЕ Е МИЛОСТ, ТУКУ Е ОДАМНА ЗАСЛУЖЕНО Порака на Мицкоски од Минхен

Мицкоски вели дека годинава пораки испратени од Минхенската безбедносна конференција биле во позавиена форма во однос на минатата година кога биле подиректни.

82

За нас членството во Европската Унија не е милост, туку нешто што одамна го заслуживме, изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МТВ 1 по Минхенската безбедносна конференција.

– Оваа генерација сака да се бори. За нас членството во рамки на Европската Унија не е милост, туку нешто што одамна го заслуживме. Да укажеме на сите неправилности и неправда што ни се нанесени и како народ и како држава, но истовремено да потенцираме дека суштината е да не се сруши имиџот и кредибилитетот на самата Европска Унија. Имаме чувство и македонските граѓани чувствуваат фрустрација дека некој од самата Европска Унија однатре како да сака тој имиџ и тој кредибилитет да го уништи – изјави Мицкоски.






Тој додаде дека Владата, каде и да оди, ја раскажува македонската верзија од приказната која за неа е вистината.

– Таа е тажна, таа е полна со предизвици. Но, секогаш да знаете дека Македонија победува, така ќе биде и во овој случај. Колку и да треба време, ние ќе се бориме и ќе сме трпеливи. И последниот да остане, ќе се бори да ја раскаже македонската приказна – рече Мицкоски.

Мицкоски вели дека годинава пораки испратени од Минхенската безбедносна конференција биле во позавиена форма во однос на минатата година кога биле подиректни.

– Тоа е суштината на пораките и од минатата година и од годинава, со таа разлика што минатата година беа подиректни, а годинава беа помеки. Заклучокот е дека Европа и САД се партнери, се пријатели, но мора да се знае кој какви одговорности има во тоа партнерство и во тоа пријателство – додаде премиерот.

Говорејќи за заедничката изјава на Македонија и Соединетите Американски Држави околу трговијата, Мицкоски појасни дека станува збор за трговски тарифи, а не царини.

– Тоа не се царини, тоа многу е битно да се каже за македонските граѓани, тоа се трговски тарифи. Во тие трговски тарифи се вклучени неколку, „инфлоу“ како што ги викаат, дел може да бидат царини, дел се даноци, дел друг тип на давачки, но сето тоа тие го обликуваат како трговска тарифа – рече Мицкоски.

Тој истакна дека Македонија добила исти услови како државите од Европската Унија, односно тарифа од 15 отсто, и е единствената земја во Европа надвор од ЕУ која на билатерална основа со САД договара ваков договор.

– Македонија доби исти услови, кога станува збор за висината на тарифата, како што има самата Европска Унија – 15 отсто, и е единствената земја во Европа, надвор од ЕУ, која што на билатерална основа со САД разговара, договара ваков договор, кој што допрва треба да се усогласи во детали. Сега само е усогласена заедничката изјава, која што практично ја одредила рамката во која што ќе се движи договорот – појасни Мицкоски.

Поврзани содржини